ДРАГАН МИШЕВ
Шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Неловски, честитајќи им го празникот на граѓаните кој одлучиле смогот од Скопје да го заменат со чистиот воздух на Водно, и самиот качен на Водно, констатира од горе дека, за жал, и Водно е загадено по што обвинува дека, за жал, Град Скопје и Министерството за Животна средина не доволно се справуваат со овој проблем, многу значаен за сите Скопјани. Неловски порачува дека токму затоа, треба да с прифатат сите иницијативи од екологистите и од сите невладини организации ( але шо збораш) кои се занимаваат со оваа тематика.
Неловски нуди и конкретни решенија: потребни се 25 000 филтри за домаќинствата кои не се на парно греење, потребна е зголемување на инспекциските служби, потребно е конечно да се реши проблемот со дивите депонии кои што на секој чекор никнуваат во Скопје, и се разбира, конечно да се реши проблемот со јавниот превоз, и тоа не преку технички спецификации и проектни планови, туку вистинско решавање на тој проблем.
Ау ау ау и Нело удри по неговите. pic.twitter.com/8ULu5mfPho
— Робусна Акција (@RoAcX87v2) December 21, 2025
И советникот за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли во владата и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски имаше драматично, дури и траорно видео обраќање до Владата со повик да се спречи геноцидот на граѓаните на Скопје.
Невозможно е да се живее во Лисиче, во Општина Аеродром, во Скопје. Ова не е само магла, ова не е само загаден воздух, ова е гасна комора. Добивме смртоносно загаден воздух, црвениот аларм треба да се вклучи, ова е геноцид врз населението во Скопје, ова е реалноста , не е измислица, вели Стоилковски напрегајќи се низ замаглените очила да го прочита напишаното на мобилниот телефон и почажувајчи со раката кон магловитата сцена од Скопје позади себе.
Стоилковски додава дека никаде во Скопје нема услови за живеење, и го изнесува барањето Владата во координација со Град Скопје да прогласи вонредна состојба, зошто, како што вели, се поинаку од итна интервенција е намерна негрижа, намерно изложување на опасност на жителите на Скопје, и намерно загрозување на здравјето на иднината на Република Македонија.
🚨 ‼️🔔Наум Стоилковски со драматично обраќање до Владата и со повик да се спречи геноцидот на граѓаните на Скопје.
**Наум, скоро 2 години сте власт, редно време е да се освестите и да почнете да ја вршите работата за која сте скапо платени. pic.twitter.com/EV57wwTFbK
— Робусна Акција (@RoAcX87v2) December 20, 2025
Некој ќе рече браво за двајцата, сé што кажаа е на место. Но, за жал (што би рекол Нелоски) овие изјави на двајцата не се од сега и не се упатени кон оваа, вмровска влада. Тие датираат од времето кога и двајцата, со сé цела партија, беа во опозиција. Тогаш им пречеа и загадениот воздух, и маглата, тогаш имаше геноцид врз граѓаните, тогаш бараа акција и решение на проблемот од Владата.
Сега, откако ги сместија задниците во удобните функционерски фотељи, веќе не имсмрди, сега мириса на лаванда и „оушн бриз“- од озонерите и прочистувачите на воздух во канцелариите и службените автомобили.
Останува уште да не убедуваат како Итар Пејо мариовците, дека тоа не е магла, туку волна, која народот може да ја преде, плете џемпери, ракавици, капи, шалови….
Додека има овци, ќе има и волна!
П. С. Вчера Скопје го „освои“ прво место во Европа, според загаденоста на воздухот и се најде меѓу најзагадените градови во светот, според податоците на глобалната платформа за следење на квалитетот на воздухот IQAir.
Стоилковски, Нелоски, Орце… ај Честито!
ЦИВИЛ МЕДИА | Ставовите и наодите во овој текст се целосна одговорност на авторите и не нужно ги претставуваат ставовите на донаторите или на другите партнери и соработници на организацијата.
















































