СВР Струмица поднесе нова кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот градоначалник Костадин Костадинов (35) и уште две лица од Струмица, поради сомнение за „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавената И.Г. (54), раководител на Одделението за администрација на приходи при општината, во четири наврати изготвила решенија за даночно ослободување на станови од куќи со номенклатура А1.1, повикувајќи се на член 25 од Законот за даноците на имот, иако законските одредби важат само за станови со класа А2.1. Во три од решенијата, таа се потпишала и во полето „Потврдил/контролирал“ во отсуство на Б.Ш. (64).
Б.Ш., раководител на Секторот за финансии, и К.К., како градоначалник, постапиле несовесно и ги потпишале овие решенија без надзор. Со нивните дејствија, буџетот на општина Струмица бил оштетен за 668.388 денари.
Потсетување: Пред две недели, Костадинов и уште пет лица беа пријавени за злоупотреби во јавната набавка на електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“, при што беа набавени 10 автобуси во вредност од 429.933.595 денари, а полицијата констатираше можни материјални штети и сомнителна веродостојност на техничките спецификации.
Костадинов ги отфрла сите сомнежи, нагласувајќи дека проектите се од стратешко значење и дека сите постапки биле спроведени според закон.
Д.М.
















































