СЈО
По одлуката на Врховниот суд дека рокот на СЈО од 18 месеци за покренување обвиненија е истечен, како и дека ова обвинителство не може да покренува нови истраги, судиите од Кривичниот суд во Скопје вчера попладне на состанок одлучиле да се обратат до републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Тие ќе бараат тој да се изјасни кој сега е надлежен за предметите на СЈО, дали тимот на Катица Јанева или некое од редовните обвинителства, а од Јовески ќе се бара да покрене и иницијатива до Собранието за таму да се направи автентично толкување на членот 22 од законот за СЈО за кој минатата недела се произнесоа врховните судии.
Минатата недела врховните судии донесоа начелно правно мислење во кое наведуваат дека СЈО не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.
Избори
Претседателот на Собранието, Талат Џафери изјави дека не може да се спроведат истовремено претседателските и предвремените парламентарни избори, доколку парламентарните би се спровеле според моделот од Пржинскиот договор, односно, дека според договорот, нема време за спроведување паралелни изборни процеси.
НАТО
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, утре ќе учествува на состанокот на Северно-атлантскиот совет по повод потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО, што ќе се одржи во седиштето на НАТО во Брисел.
На состанокот 29 земји членки, претставени од нивните овластени постојани претставници во НАТО, ќе го потпишат Протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО. По овој процес следува ратификација на Пристапниот протокол во националните Парламенти на земјите членки на НАТО.
По потпишувањето на Пристапниот протокол, Република Македонија ќе учествува на сите состаноци на НАТО, во својство на поканета земја.
Надлежната комисија за национална одбрана и надворешни работи на грчкиот Парламент ќе го разгледа протоколот за членство на Македонија во НАТО во четврток, а во петок ќе се гласа во грчкиот Парламент.
Изборен мониторинг на медиумите
По барањето од пратениците обврската на Државната изборна комисија да врши мониторинг на електронските медиуми за време на изборните процеси, да се префрли во надлежност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ЗНМ се огласи со соопштение до јавноста и надлежните институции.
„Здружението на новинарите на Македонија реагира на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и на Изборниот законик, кои на четврти февруари беа усвоени во скратена постапка од страна на Собранието, без притоа да биде консултирана новинарската заедница. Измените на ЗААМУ кои се однесуваат на членот 102 во делот на забрани за рекламирање даваат можност на јавните институции на централно и локално ниво да продолжат да ги финансираат радиодифузерите доколу со истите имаат потпишано договори за соработка кои се важечки и после стапување на сила на овој закон. Ова остава простор овој член од законот лесно да се злоупотреби и јавни средства да бидат исплаќани и во иднина на медиумите и покрај декларативната забрана на истите.“ , се вели, меѓу другото, во соопштението на ЗНМ.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ – Центар за слобода организира голема национална конференција #Перспективи2019 на 13 февруари, со почеток во 11 часот. Конференцијата ќе ја отвори германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, а како говорнички и говорници ќе учествуваат видни интелектуалци и експерти, лидери во граѓанското општество и високи политичари.
Серијата интервјуа и текстови преку кои ЦИВИЛ МЕДИА ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери , Акиф Кариман , Огнен Јанески , Кочо Андоновски , Младен Чадиковски , Марјан Ристески, Бранко Героски, Уранија Пировска , Емина Нурединоска и Александар Кржаловски.
Д. Тахири