На прес-конференција посветена на стартот на деветдневната Меѓународна конференција „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, што се одржа на 5 декември, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, одговораше на прашањето од новинарите за меѓународниот одѕив и бројот на земји од кои доаѓаат учесниците.
Тој нагласи дека листата на учесници е отворена и постојано се проширува, но дека веќе е извесно присуство на учесници од повеќе од десет држави. Меѓу потврдените земји се: Германија, Италија, Франција, Литванија, САД, Велика Британија, а силно присуство има и од Украина. Од регионот, досега е потврдено учество од Босна и Херцеговина, а дел од учесниците ќе се вклучат лично, а дел преку онлајн платформата Zoom.
Дерала посочи дека регионската соработка ќе биде присутна и на други начини: тимот на ЦИВИЛ ќе учествува на голема конференција во Приштина на 8 и 9 декември, каде што ќе се сретнат со значаен број партнери. Многу од ставовите и изјавите од тоа регионално поврзување ќе бидат дел од содржината на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
„Точната бројка на земји не ја знаеме, затоа што листата се уште се надополнува, но сигурно станува збор за учесници од над 10 држави“, истакна Дерала.
Во изјавата тој се осврна и на растечкиот меѓународен углед на ЦИВИЛ, особено по минатогодишната конференција „Одбрана на демократијата“, одржана на 10–12 декември 2024. Според него, експерти, универзитети, истражувачи, новинари и уредници од различни земји го препознаваат ЦИВИЛ како релевантен извор на информации, анализи и стратешки препораки.
Дополнително, тој потсети на глобалната веб-страница defendingdemocracy.global, која веќе повеќе од една година се уредува кооперативно од тимови од целиот континент и служи како меѓународен центар на содржини поврзани со демократијата, дезинформациите, авторитарните тенденции и активизмот.
„Горд сум што нашата публикација објавена во март – извештајот и стратешките препораки за дезинформации, пропаганда, авторитарни тенденции и војната – и понатаму кружи низ целиот свет“, додаде тој.
Одговор беше даден во рамките на прес-конференцијата што го означува почетокот на деветдневната Меѓународна конференција „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, чијашто цел е да отвори простор за разговор, анализа и градење заеднички визии за слободно и демократско општество.














































