Едвард П. Џозеф, истакнат експерт за управување со конфликти и предавач на Факултетот за напредни меѓународни студии (SAIS) при Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во ексклузивно интервју за ЦИВИЛ Медиа вели:
Прво, Србија веќе е под значителен притисок. Како што беше посочено и на сослушувањата во Конгресот, Белград се соочува со притисок од администрацијата на Трамп во врска со руската компанија „Газпром Нефт“ и нејзината контрола врз НИС. Овие санкции беа воведени од администрацијата на Бајден во доцната фаза од нејзиниот мандат, а администрацијата на Трамп престана да ги продолжува изземањата. Јас би тврдел дека овој притисок треба дури и да се засили, со цел Србија да се насочи кон национализација на НИС.
Со други зборови, Србија веќе е под притисок да ги прекине структурните врски со Русија. Овој предлог не се појавува од вакуум — тој директно се вклопува во постојните реалности.
Второ, претседателот Вучиќ се соочува со длабока внатрешна политичка криза. Неговата неподготвеност да распише избори е сама по себе индикативна. Во моменти на криза, лидерите понекогаш прифаќаат опции кои претходно изгледале незамисливи, бидејќи тие ги менуваат политичките пресметки.
Трето, овој предлог не би дошол од кој било — туку од претседателот Доналд Трамп, кој и понатаму е исклучително популарен во Србија. Како и во случајот со НИС, Вучиќ не може едноставно да ја игнорира позицијата на Трамп. Пат кон НАТО предложен од Трамп би имал значителна политичка тежина во Србија.
Четврто, ова не би значело моментално членство во НАТО. И на Србија и на Косово би им бил понуден пат — формална заложба кон НАТО — но полноправното членство би барало исполнување на одредени услови. Сепак, она што би се случило веднаш е пробив во односите.
М. Д.
















































