На брифинг со новинари, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека економската состојба во државата е сериозно загрижувачка и дека 2026 година ќе биде уште потешка и за граѓаните и за стопанството.
Според него, проекциите за раст се нереални и постојат само „на хартија“, додека во пракса државата се соочува со проблеми во прибирањето на приходите.
„Веќе сега гледаме проблеми со реализацијата на приходите. Ќе фалат околу десет проценти, што значи најмалку шестотини милиони евра помалку во буџетот. Ако на тоа се надоврзе долгот кон стопанството и повратот на ДДВ од околу една милијарда евра, станува јасно зошто предупредувавме дека економијата се затвора. Тоа не се случува во Европа“, рече Филипче.
Тој нагласи дека инфлацијата тешко се контролира, а поскапувањето на струјата ќе предизвика ланец на нови поскапувања.
Државата се соочува со сериозни економски предизвици
„Ако БДП расте три до четири проценти, а две третини од економијата се лична потрошувачка, граѓаните нема да трошат повеќе – ќе трошат повеќе пари за истото. Тоа значи дека ќе живеат посиромашно“, истакна Филипче.
Филипче оцени дека странските инвестиции стагнираат и дека нема капитални проекти кои би генерирале економски раст.
„Во наше време странските инвестиции беа околу една милијарда евра годишно. Денес нема речиси ништо. Реализацијата на капиталните инвестиции беше над 80 отсто, а сега нема капитални проекти кои би ја зголемиле продуктивноста и растот“, рече тој.
Тој предупреди и на сериозен пад на ликвидноста кај компаниите, доцнење на повратот на ДДВ и затворање на фирми, што директно ќе доведе до отпуштање на работници.
„Веќе гледаме фабрики што се затвораат, особено во источниот дел од државата, како и во индустриските зони, каде што се стопира проширувањето на капацитетите. Тоа е јасен сигнал дека доаѓа тешка година“, нагласи Филипче.
Во однос на младите, тој истакна дека доминира песимизам и желба за иселување.
„Кога прашувам студенти колкумина размислуваат да заминат во Германија, две третини кренуваат рака. Тоа покажува дека нема прогрес, нема визија и нема доверба во иднината“, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ ќе се спротивстави на секој обид за законски измени со кои би се овозможила амнестија за актуелни функционери.
„Доколку се обидат да протнат измени со кои ќе се обезбеди амнестија за носители на функции, ние сигурно ќе се спротивставиме и тоа јавно ќе го објавиме“, порача Филипче.
Дестан Јонузи/Frontline















































