Родителите на младите кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска, на 34. Марш за ангелите во Кочани, повторно побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Тие упатија и јасна порака до новиот државен јавен обвинител – целокупниот предмет да се преиспита од самиот почеток, од денот на трагедијата, со цел да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
„Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња, приказни и семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака дека сме тука, дека паметиме и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца“, изјави Александар Наунов, татко на починато девојче, пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, оцени дека неотповикливата оставка на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е задоцнета.
„Денес, кога повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител поднесе оставка што доаѓа предоцна. Немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени“, рече Трифунова.
Таа истакна дека новиот државен обвинител мора темелно да го преиспита предметот од самиот почеток и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за смртта на нивните деца.
Протестниот марш, како и вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, продолжи преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, а заврши пред полициската станица и Судот во Кочани. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, родителите направија краток застој, при што беше запрен сообраќајот. Дел од возачите реагираа со свирежи, не знаејќи ја причината за задржувањето.















































