Пред(изборниот) период за Локалните избори 2025 во Северна Македонија не беше само политичка трка – тој стана тест за состојбата на демократијата. Наместо дебата за програми, политики и локални приоритети, јавниот простор беше преплавен со национализам, говор на омраза, распалени етнички тензии, расистички изјави и дури физички напади со тешки последици. Последните случаи во Виница, Тетово, Неготино и други општини покажуваат дека национализмот не се јавува како случаен испад, туку како систематски алат на политичко мобилизирање. Спомениците, навивачките групи, етничките навреди, нападите врз младите и расистичките пораки на советници покажуваат дека кампањата се претвори во контролирана ескалација на страв и политички притисок, што сериозно ја нарушува демократската култура и безбедноста на граѓаните.
Националистичко загревање пред избори – споменици никнуваа како печурки по дожд
Прво беше поставен споменикот на Андон Лазов-Ќосето, а два дена подоцна поставена беше спомен-плоча кај мостот на Бит Пазар, во чест на четворицата жртви и преживеаните од трагичниот настан на Бит Пазар од ноември 1992 година, ден потоа, во кумановско Слупчане поставена е спомен-плоча на загинати борци на УЧК.
На 28 јули 2025, доцна во ноќта Град Скопје го постави споменикот на Андон Лазов-Ќосето на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје.
Тогашната градоначалничка Данела Арсовска на Фејсбук објави дека „со поставувањето на спомен-обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“.

Два дена подоцна, на 30 јули 2025, е поставена спомен-плоча кај мостот на Бит Пазар, во чест на четворицата жртви и преживеаните од трагичниот настан на Бит Пазар од ноември 1992 година – момент со особена тежина во историската меморија на нашиот град.
Во Слупчане поставена спомен-плоча на загинати борци на УЧК
На социјалните мрежи се шири видео од откривање на спомен плоча на загинати припадници на УЧК. Спомен плочата е поставена во кумановското село Слипчане. На Фејсбук страницата (Fshati Jezerc) Село Језерц на 31 јули 2025 е објавено: „Откривање на спомен-плочата во село Слупчанe посветена на тројца маченици, меѓу мачениците од село Језерц се Командант Африм Каланица, командант Шенаси Ибрахими и Харун Касуми.
Профилот Марга@MKDProLet пишува: Од кога и каде е видеото? Дали АНБ и АР ја следат изградбата на спомеников и зошто не ја спречиле изградбата во соработка со надлежната Општина и ЈО. МВР ако не па да емигрираму пиZду матер и да не се вратам никад у овој УЧК универзум!

„Да си ја вратиме државата“ – националистички слоган на партијата на Јанко Бачев на локалните избори
Проруската и десничарска партија на Јанко Бачев, Единствена Македонија, настапи на локалните избори со 29 листи, а нивниот слоган е: „Да си ја вратиме државата“. Кандидат за градоначалник партијата има во Виница, Кочани, Лозово и Град Скопје, додека во другите општини ќе се борат само преку советнички листи.
Во центарот на вниманието е и „уставобранителот“ Вилијам Михајловски – Гајда, кој во моментов издржува 14-годишна затворска казна за нападот врз пратеници на СДСМ и Алијансата за Албанците на 27 април 2017 година. Михајловски – Гајда ќе ја води Комисијата за внатрешна безбедност, одбрана, правда и политички затвореници при Единствена Македонија, што дополнително ја нагласува контроверзната природа на партијата.

Крвава кампања во Виница: Ром кандидат за советник брутално претепан за да се откаже од листата на ВМРО-ДПМНЕ
Во Виница се случи предизборен инцидент: брутално беше претепан Умут Скопко, кандидат за советник на Демократски сили на Ромите (ДСР), кој се наоѓа на листата на ВМРО-ДПМНЕ. Според роднините, осум лица блиски до обезбедувањето на владејачката партија го нападнале Умут и неговиот брат сред бел ден, пред ресторан и пред сведоци, со цел да го присилат да се повлече од кандидатурата, само затоа што е Ром. Скопко долг период беше во кома во скопските клиники.
Стерилно соопштение од МВР – семејството тврди: ова е обид за убиство
МВР случајот го квалификува како „физичка пресметка по претходна расправија“ меѓу двајца лица. Полицијата го лишила од слобода Д.М. (37) и наведе дека оштетениот И.С. (40) добил тешки повреди во глава по каменување и удари со тупаници.
Роднините на Скопко го демантираат овој опис. Според нив, станува збор за организиран напад со јасна политичка мотивација. Додека Умут се бори за живот, полицијата влетала во ромското маало со долги цевки, што дополнително го зголеми револтот.
„Наместо да ги фатат насилниците, дојдоа да нè заплашат“, изјави Пусат Јусеинов за ЦИВИЛ.
Шокантно молчење од врвот на власта
Истиот ден кога беше претепан Скопко, на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Виница присуствуваше лидерот и премиерот Христијан Мицкоски, кој немаше ниту збор осуда за тешкиот напад врз нивниот кандидат. Молчеше и партијата.
Кој е обвинетиот? Дејан Митевски – Жаба, учесник во крвавиот „27 април“
Семејството тврди дека напаѓач е Дејан Митевски – Жаба, познат по учеството во насилствата во Собранието на „27 април 2017“ и во предметот „Детонатор“.
„Татко ми постојано добиваше закани: ‘Ако те видам, ќе те убијам’. И тоа се случи“, истакна ќерката Нарин Скопко.
Протести: „Правда за Умит“
Десет дена по нападот, Ромите од Виница протестираа пред полициската станица. Ќерките на Умут Сопко порачаа:
„Тука сме за правда, не за одмазда. Бараме најстрога казна“.
Активистот и адвокат Шенај Османов додава дека куќниот притвор за насилникот е понижувачки:
„Местото на насилникот е во притвор, а не дома“.
Од Основното јавно обвинителство Кочани пред неколку дена соопштија дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Виница за кривично дело тешка телесна повреда, според член 131 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот 37-годишник, на 2 октомври, на паркинг пред ресторан во Виница, со умисла тешко телесно повредил едно лице и му го довел животот во опасност. Откако започнал вербална расправија со оштетениот, пред ресторанот го фатил за јакната и му задал повеќе удари со тупаници во стомакот. Потоа продолжиле да се туркаат и удираат со камења. Во еден момент, осомничениот со камен го удрил оштетениот во задниот дел од главата, по што тој паднал во бесознание“, наведуваат од обвинителството.
Како резултат на ударот, Скопко добил тешка повреда – скршеница на черепот, поради која беше во кома и животно загрозен.
Јавниот обвинител веднаш по настанот предложил мерка притвор за осомничениот, која Судот ја прифатил. По отворањето на истрагата, предложен е редовен притвор во траење од 30 дена.
Лидерот на ДСР, Шабан Салиу, чиј член и кандидат за советник е во кома, не се појави на протестот.
Национализмот повторно на сцена: Младите како „топовско месо“ во предизборната борба
Со приближувањето на локалните избори, национализмот повторно се искористи како најевтино, но и најопасно политичко оружје. Во само неколку дена, во Битола, Тетово и Велес се случија серија етнички инциденти – физички напади, навреди и графити со говор на омраза.
Заедничко за сите е што младите се во првите редови – како извршители или како жртви. Навивачките групи се претвораат во паравоени структури кои шират страв и омраза, додека политичарите остануваат на декларативни „осуди“, без реална (ре)акција.
Особено алармантно е што навредливи скандирања се случуваат и во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Чкембари“ во Битола нападнаа Албанец, државјанин на Шветска
Во Битола, на 28.08.2025 на „Широк Сокак“, навивачи на „Чкембари“ нападнаа 32-годишен Албанец, државјанин на Шведска кој престојува во Дебар. Причината за нападот е дека носел маица со симболи поврзани со Албанија. Жртвата, откако не можел да се одбрани, „доброволно“, според МВР, им ја предал маицата, а напаѓачите избегале.
По една недела, СВР Битола поднесе пријава против 5 малолетници, односно четворица 17-годишници и еден 14-годишник, сите од Битола.
„Војводи“ претепаа Албанци средношколци во Тетово
Во Тетово, членови на навивачката група „Војводи“ физички нападнале двајца средношколци Албанци. Пред нападот ги навредувале со етнички погрдни зборови, а потоа ги претепале со тупаници и клоци.
Едниот ученик завршил со скршен нос, другиот со скршени ребра и рака. Полицијата уапси четворица навивачи, а се бараат и други.
Говор на омраза кон Албанците преку графити во Велес
Во Велес, пак, се појавија графити со пораки: „Секој Ш****р што оди нагоре, се враќа ладен“ и „Добар Ш****р е мртов Ш****р“. Општината реагираше со нивно чистење, но МВР сè уште нема информации за сторителите.
По победа на Албанија врз Србија, навреди во Тетово и политички тензии
Во Тетово беа забележани и инциденти откако фудбалската репрезентација на Албанија ја совлада Србија на стадионот „Дубочица“ во Лесковац. Дел од присутните, најверојатно припадници на навивачката група „Балисти“, извикуваа навредливи и шовинистички пароли, меѓу кои и со содржини против Македонците и Србите („македонско девојче – најголемо ку***че“, „каурски пи**и“, „умри Србија“, „УЧК“…). На социјалните мрежи се појавија видеа со вакви скандирања, меѓу кои и повици на етничка омраза.
Патриотско друштво на социјалните мрежи го објави видеото од навредливото скандирање со коментар: „Во Тетово скандираат: „Каурски пи***“, „УЧК“, „Умри Србија“. Дали државата ќе преземе нешто во врска со ваквите тензии како што превзема за кумановскиот инцидент пред некој месец?“.

Покрај многуте коментари со говор на омраза на социјалните мрежи, дел од граѓаните овој случај го искористија за партиска пропаганда.
Еден од тие е кандидатот за градоначалник на Скопје, Зоран Јовановски, познат по своите залагања за поблиски односи со Русија, кој на овие локални избори ќе настапи како независен кандидат, односно како член на ВМРО-ДПМНЕ, кој е само формално правно поддржан од политичката партија Единствена Македонија. Јовановски на социјалната мрежа Х, на која е познат како „СТВАРАЛАЦ начитан Брсјак и бич божји@ZoranJovanoski3“ коментира: „Затоа ние треба да се држиме со Русија… И затоа трба да гласате за мене за градоначалник на Скопје“.
При што профилот Сафра Шпанец го прашува: А што ќе направи Русија?
Јовановски одговара: „Немора ништо да направи. Самите ќе си знаат, и ќе се смират, и нема да мрдаат вака…“.

Исто така на социјалните мрежи се шири една порака (која не е потвдено дали е автентична) во која пишува дека наводно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски им дал насоки на членовите да гласаат за кандидатот за градоначалник на ВЛЕН, Биљал Касами во Тетово. Таа порака се споделува како пропаганда против ВМРО-ДПМНЕ.
Под објавите се појавија низа коментари со саркастичен тон:
Профилот на Х, Пако коментира: Што би рекле во ДПМНЕ, гласајте за Билал Касами, ќе го финансира Тетекс и „Војводи“.

Ќе гласаат за Касами како ученичиња, ете така дпмне ќе ја оправи државава, коментира Стојкоски.

Ќе преземе вемерето и Мицика така што ќе гласаат за Касами, коментира Терсене.
Не. Избори се, научете се веќе еднаш кога се избори се запира. Неразбрани едни, коментира Фил.

Национализмот како предизборно оружје: Политичарите само декларативно „осудуваат“, младите ја плаќаат цената
„Чкембари“ и „Војводи“ беа инволвирани во инциденти со етничка позадина, а Велес стана платно за графити со говор на омраза. „Балистите“ од Тетово не останаа „покуси“ во националистичките скандираа.
Тоа е јасен сигнал дека етничките тензии се систематски поттикнувани, а не случајни испади. Овие случаи не се изолирани инциденти, туку дел од пошироката матрица на создавање тензии во (пред)изборен период. Политичарите со декларативни изјави „осудуваат“, но на терен ништо не се менува.
Од ЦИВИЛ истакнаа дека говорот на омраза, без разлика од кого доаѓа, не смее да биде средство за политички поени. Демократијата се гради со идеи, дијалог и почит, а не со навреди и поделби.
„На Ѓупците треба да им се забрани да гласаат“ – советник од десничарската МААК со скандалозен расистички испад во Неготино
Експлицитен и понижувачки говор на омраза кон ромската заедница во Неготино упати новоизбраниот советник од партијата Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Љубе Темелков.
Во своја објава на социјалната мрежа Фејсбук на 20 октомври, ден по гласањето на првиот круг за Локални избори 2025, Темелков навредливо напиша:
„Ѓупците од Криволак со ѓупска работа решаваат со нас 15.000 во Неготино дали ќе живееме во здрава животна средина или ќе нè заебаваат во здрав памет со платени гласови… Тоа не може да биде и на Ѓупците треба да им се забрани да гласаат“, вели меѓу другото новоизбраниот советник Темелков.
Наместо извинување – советник од десничарската МААК со демантот го потврдува расизмот кон Ромите во Неготино
„Ѓуптин е човек без чест и без достоинство, Ромите не ги спомнувам никаде – ‘џупска работа’ значи кражба“, гласеше демантот на Темелков, советник на МААК во Неготино.
Обвиненија, злоупотреби и политички нервози
По завршување на локалните избори, по спроведена претходна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против советник од партијата Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Љубе Темелков за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
ЦИВИЛ преку поткастот „САМО НЕШТО ДА ПРАШАМ“ остро реагираше на експлицитниот и понижувачки говор на омраза кон ромската заедница во Неготино упатиени од новоизбраниот советник од партијата Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Љубе Темелков.
Национализам, етнички тензии и популизам: Етничката карта ја обои трката пред вториот круг
Пред вториот круг од локалните избори во Северна Македонија, забележлива е засилена националистичка реторика во дел од кампањите на повеќе политички субјекти. Повици за „етничко обединување“ и „гласање за својот народ“ се присутни и од македонски и од албански кандидати, што создава тензии во чувствителните мултиетнички средини.
Најистакнат беше кандидатот за градоначалник на Брвеница од ВЛЕН, Хаќим Рамадани, кој прво повика Албанците да гласаат обединето, но подоцна ја повлече изјавата велејќи дека „честа и достоинството се поважни од функцијата“ и дека бил погрешно протолкуван.
Неговиот настап предизвика реакции и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој го осуди повикот на етничко гласање и најави последици во коалицијата и дека по изборите ќе бара негово разрешување од позицијата која ја извршува во овој момент, директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Мицкоски исто така кажа дека во политиката мора да се има цел и стратегија, а ВМРО-ДПМНЕ на патот кон остварување на своите цели не бараше ништо, освен почит за својата жртва која ја дале за друг, но тоа не го доби и тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го заборави.
„Понекогаш, додека ги реализиравме стратешките цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме“, нагласи Мицкоски.
Во исто време, Билал Касами од ВЛЕН и градоначалник на Тетово откако на една дебата кажа дека Албанците треба да го поддржат кандидатот на АКИ, Фатмир Дехари во Кичево, по реакциите во јавноста, се обиде да ги смири тензиите, истакнувајќи дека неговите ставови биле погрешно протолкувани и дека изборите треба да се водат според вредности, а не етничка припадност.
Пропагандните кујни не пропуштија да ја истакнат етничката припадност на Линдита Јовановски, сопоругата на кандидатот Александар Јовановски (ВМРО-ДПМНЕ). Два дена пред вториот круг, Линдита Јовановски, се појави со емотивно, пропагандно и популистичко видео на албански јазик, повикувајќи на глас за „градски татко за сите – без разлика на националност, вера или пол“.
Реакции пристигнаа и од Сојузот на борци од Тетово, кои остро ги осудија, како што наведуваат, „големоалбанските изјави“ на дел од кандидатите и побараа институциите да реагираат.
Покрај поединци од албанскиот блок, и Левица водеше кампања со пораки дека во западна Македонија треба да се гласа за „Македонец/ка“, особено во општините каде ВМРО-ДПМНЕ немаше свои кандидати.
„Не ги остава Левица МАКЕДОНЦИТЕ во Западна Македонија на цедило“, објави лидерот на партијата Димитар Апасиев.
Левица сподели видео со поранешен полицаец од 2001 година, прикажан на снимка како удира Албанци во Тетово – што дополнително ја поттикна етничката поларизација.
„Епа, човеков на сликава – храбриот полицаец чичко Тоше, кој со палица се тепаше со терористите – е еден од основачите на Левица и сега е на нашата советничка листа за член на Советот на Општина Тетово!
Затоа, не му верувајте на вмроидниот бизнисмен Мицика кој се откажа од Западна Македонија и ве тера да гласате за необалистот Биљал Касами – најголемиот антимакедонец на Балканов и пошироко!“, објави лидерот на Левица, Апасиев.
Меѓутоа, ваквиот пристап се врати како бумеранг – нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, кој е од бошњачка заедница, стана мета на навреди и националистички коментари од интернет-активисти блиски до неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Скопјани гласајте за босанскиот муџахедин Амар, ќе ви ги ушти џамиите на најЈАКО“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.
Ситуацијата дополнително се вжешти по физичкиот инцидент во Слупчане меѓу фудбалерите на ФК Беса и ФК Аеродром, кој веднаш беше искористен во изборната реторика и за поттикнување на меѓуетнички тензии.
„Крв имате на рацет ДПМНЕ, Влада, МВР, ФФМ сите што го дозволувате ова. Ова е трет случај за 1 месец. Во Штип, па играчите од Куманово, па се на Аеродром. Двајца се во шок соба. КРВ ИМАТЕ НА РАЦЕТЕ!, гласи еден комантар на социјалните мрежи.

Национализмот ја гуши демократијата
Изборната трка беше силно обоена со етнички и идентитетски пораки, што го засенува фокусот на реалните локални проблеми. Ваквата реторика, укажува на засилување на етничките поделености и користење на националните чувства како средство за мобилизација на гласачите. Националисичката реторика не само што го нарушува демократскиот дух на изборите, туку го враќа општеството чекори наназад во старите етнички ровови – наместо во правец на заеднички развој и доверба.
Ескалацијата на национализам, омраза и насилство предизвикана од политичките интереси не смее да стане новата нормалност на изборните процеси. Демократијата може да опстане само ако институциите одлучно реагираат, ако политичките актери преземат одговорност за својата реторика и ако граѓаните одбијат да бидат инструментализирани. Омразата никогаш не смее да гласа место нив. Само преку почит, транспарентност и владеење на правото може да се обезбеди фер изборен процес и стабилно, безбедно општество за сите.
Дехран Муратов
Во соработка со Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридните закани
Проектен контекст: Оваа анализа е изработена во рамките на проектот ДЕМОКРАТСКИ НАВИГАТОР – Стратешки одговор на дезинформациите и хибридните закани (2025), имплементиран од ЦИВИЛ – Центар за слобода, во соработка со партнерските организации во Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата и поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Уредничка независност и одговорност: Наодите и заклучоците претставени во оваа анализа се независни и се одговорност исклучиво на авторките и авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на партнерите или поддржувачите. ЦИВИЛ ја задржува целосната уредничка независност. Сите евентуални грешки остануваат одговорност на авторките и авторите.
















































Наместо извинување – советник од десничарската МААК со демантот го потврдува расизмот кон Ромите во Неготино