Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во законодавниот дом го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа, откако во неделата вечерта Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги потврди петнаесетте членови.
Мицкоски нагласи дека граѓаните имаат големи очекувања, бидејќи како што рече, изминативе седум години земјава била заробена од неколкумина властодршци.
– Штотуку ја поднесов предлог-програмата за идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со програмата е поднесен и списокот за членовите на идната влада како придружен список се и нивните биографии. Очекувам пред пратениците да биде ставен викендов, односно на 22-23 јуни. Граѓаните очекуваат брзи резултати за она што оваа влада го ветуваше дека ќе го испорачува. Не ветувавме многу за време на кампањата, туку верувавме дека земјава ќе биде повторно на граѓаните. Изминативе седум години државата беше заробена од неколкумина властодршци, рече Мицкоски.
Тој истакна дека има група луѓе, којашто е мотивирана веднаш да постигне резултати и изрази очекување секој да се вложи повеќе од нивниот капацитет, бидејќи, посочи, граѓаните го направија своето, сега на ред сме ние.
Нагласи дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и нема да има толерирање, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата. Мицкоски рече дека во последниов период до нив стигнуваат бројни информации за злоупотреби кои се случувале изминатите седум години.
— Планираме да расчистиме со сомнежите и информациите кои последниов период стигаат до нас, за многу злоупотреби изминативе седум години, тоа им го должиме на граѓаните. Очекувам брзи резултати во делот на економијата. Младите ќе бидат наш главен акцент, сведоци сме на класичен егзодус на млади кои ја напуштаат земјава, за жал 8/10 мои студенти кога ќе ги прашате за нивните планови по завршувањето на студиите, велат дека одлучиле да ја напуштат земјава. Таа перцепција треба да се промени, со напорна работа, без поделба од прв, втор и трет ред граѓани, рече Мицкоски.
Извор: МИА