На прашањето на денот „Што мислите за тврдењата на власта дека инфлацијата е намалена?“ што ЦИВИЛ го поставува секој работен ден повеќе од една и пол година, коментираа околу 60 луѓе.
Одговорите во најголем дел беа зајадливи и негативни, а некои имаа и навредлив тон на сметка на власта.
„Оваа власт не е власт, туку обична криминална, неспособна багра, отуѓена од обичниот народ, кој нема храброст да ја отера…“, гласи еден од одговорите кој за нијанса е скратен поради послободниот вокабулар што се користи во последниот дел од реченицата.
Еден од коментирачите сподели меме со познатите ликови од Мапет шоу:
„Владата е корумпирана на секое ниво, но не грижи се – владата ќе се истражи себе си и ќе ни каже што навистина се случило“, гласи преводот на македонски.
Голем дел од коментарите се со емоџи со смеење или се состојат од само еден збор: „лажат“, „мајтап“, „априлилили“ и слично.
Под ова прашање имаше коментар кој најверојатно се однесува на редакцијата, па вели:
„А што ве тангира, платеници, провокатори.“
Во еден од подолгите коментари се вели дека цените растат постојано.
„Како бре намалена, горивото РАСТЕ секој ВТОР ДЕН. Струјата поскапува 2 пати годишно, производи по маркети по 2 и 3 пати месечно. За работи што сум ги купил во декември со 18 илјади, сега 21 малку се (ЗА ХРАНА ГОВОРИМЕ, алкохол и цигари НЕ)! Реално, мало намалување има само на јајцата и тоа сега после протестите!“ – пишува во коментарот.
Коментарите се директни и без пардон. Очигледно е дека луѓето се револтирани и гневни, особено што се однесува до социјалната состојба и ја обвинуваат власта дека лаже.
Мислам дека власта секој ден повеќе лаже“ и „Кога кажале нешто а не излажале“, се само уште два од голем број такви коментари.
Повеќе коментари може да се најдат на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, на овој линк.
ЦИВИЛ им благодари на сите што коментираат на редовното прашање на денот, но повикува и на вклучување со предлози за теми, прашања и активности. Организацијата и редакцијата на медиумската платформа, како и секогаш, ќе вложи напори да им излезе во пресрет на сите предлози.
Подготви: Џ. Дерала













































