Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска присуствуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Владата на Република Северна Македонија, заедно со вицепремиерот задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и Армен Григорјан, в.д. постојан координатор на ООН, соопшти Министерството за здравство.
„На Меѓународниот ден на лицата со попреченост испраќаме порака дека секој човек е важен и заслужува достоинство, еднаквост и можности за напредок. Како општество имаме обврска да обезбедиме вистинска инклузија, поддршка и пристапност, да ги охрабриме соништата на секое дете и да изградиме заедница која расте кога сите нејзини граѓани растат“, истакна Димовски.
Министерот Алиу потенцираше дека Министерството за здравство, заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади, работи на воспоставување семејно-ориентиран систем за рана интервенција во детството.
„Првите години од животот се клучни за развојот на секое дете. Здравствениот систем мора да ја препознае секоја рана потешкотија во развојот, затоа се обучуваат тимови во јавните здравствени установи во Скопје кои веќе обезбедуваат семејно-ориентирани услуги. Паралелно, се развива универзален систем на скрининг за сите деца до шестгодишна возраст, со што секое дете ќе има пристап до рана процена, без разлика каде живее“, истакна Алиу.
Дополнително, Министерството за здравство, со поддршка на Министерството за социјална политика и Светска банка, отпочнува пилот-проект за воспоставување сеопфатен систем за проценка на лицата со попреченост. Овој проект е прв чекор кон создавање единствен регистар и унапредување на законската рамка за проценка и обезбедување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице.
















































