• Latest

Локалните избори 2021, рововска битка со црна пропаганда и дезинформации

December 27, 2021
ПИНКИ ГО ВИДЕ ТИТО По враќањето од Москва Додик сите говори ги завршува со воскликот „да живее Русија“!

Додик: Путин навистина ја разбира позицијата на нашиот народ, Србија и Кина се пријатели кои градат мостови кон иднината

May 9, 2025

Мицкоски: Среќен 9 Мај – Денот на Европа! Македонија припаѓа во Европа, со својот идентитет, култура и визија за иднината!

May 9, 2025
Фото/ Wikipedia commons

Вучиќ на воената парада во Москва и покрај предупредувањата од ЕУ

May 9, 2025
Фото: скриншот МИА

Почнува тридневна национална акција за чистење отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД

May 9, 2025
Фото: Х

Во Штип синоќа е убиен 25 годишен странски државјанин, убиецот е уапсен и четворица помагачи, сите турски државјани

May 9, 2025
Фото: Скриншот

Русија бара премногу отстапки за да се стави крај на војната во Украина, изјави Џ. Д. Венс

May 9, 2025
Христијан Мицкоски, 2022 (фото: Кирил Михаилов / ЦИВИЛ)

Мицковски и неговите говори: Просто да ти е милина што сме „скандинавска земја“

May 9, 2025

САД и Обединетото Кралство објавија нов трговски договор; За Трамп значи отворање огромен пазар, за Стармер е историски ден

May 8, 2025

Ватикан избра прв понтиф од САД; Роберт Превост е новиот папа Лео XIV

May 8, 2025

Парада на срамот и злосторството: Руските агресори не се ослободители, туку злосторници – ја присвојуваат победата над нацизмот

May 8, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ДЕЗИНФО ДЕЗИНФОРМАЦИИ

Локалните избори 2021, рововска битка со црна пропаганда и дезинформации

Локалните избори, уште еднаш потврдиja дека Северна Македонија не е исклучок од светскиот тренд, туку, напротив, еден од покарактеристичните примери за општество во кое се одвива „перманентна кампања“ што не престанува со години, а во која преовладуваат пропагандата, дезинформациите и офанзивната реторика.

December 27, 2021 17:50
in АНАЛИЗИ, ДЕЗИНФО, ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ИЗБОРИ, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Иако формално започнува три недели пред денот на изборите, јавната кампања за овие Локални избори кои се одржаа на 17 октомври (прв круг) и 31 октомври 2021 (втор круг), започна многу порано, особено преку црната пропаганда и дезинформациите, преку кои партиите го подготвуваа „теренот“ за изборите, обидувајќи се да мобилизираат поддршка наспроти „непријателот“, но пред сè, да ги оцрнат противниците и да ги неутрализираат нивните поддржувачи во јавноста.

Периодот пред и по Локалните избори, уште еднаш потврди дека Северна Македонија не е исклучок од светскиот тренд, туку, напротив, еден од покарактеристичните примери за општество во кое се одвива „перманентна кампања“ што не престанува со години, а во која преовладуваат пропагандата, дезинформациите и офанзивната реторика.

Па така, и овој изборен циклус беше само една од поголемите битки во повеќегодишната неформална војна што ја водат меѓусебно политичките актери. Иако во последните години на оваа војна вистинско оружје речиси и да нема (освен во „прослави“ на победниците или за демонстрација на сила на митинзите на некои политички партии), на сцена се други оружја, дел од разновидниот арсенал на робусните партиски пропагандни машинерии и организирани структури за пропаганда и конфронтација со политичките неистомисленици.

Како што минуваат годините и се развиваат информатичко – комуникациските технологии, така таа кампања се засилува сè повеќе. Како што покажуваат искуствата од повеќе земји, вклучувајќи ги и оние од најразвиените демократии, рака под рака со ваква „перманентна кампања“ оди и продлабочувањето на поларизацијата и поделбите во општеството. Истото може да се заклучи и за македонското општество, кое влезе во овие избори веќе поделено по повеќе основи, како резултат од антагонизирачки наративи на кои е подложено повеќе години наназад.

Во овој контекст може да се оцени и реториката на изборната кампања на дел од учесниците а и на значаен дел од медиумите, особено оние што се екстензии на партиските пропагандни машинерии. Во јавната комуникација, наместо на локалните теми и она што е надлежност за општините, фокусот повторно беше на темите од „перманентната кампања“, црната пропаганда и дезинформациите за прашања што се актуелни (дел од нив со години) во земјата.

Во црната пропаганда и дезинформациите, предничеа содржини поврзани за Преспанскиот договор и прашањето на името, закочените евроинтеграции и преговорите со Бугарија, Рамковниот договор и пописот, актуелностите поврзани со Ковид – 19 пандемијата, а во овој период земјата се соочи и со други големи несреќи кои беа искористени и за црна пропаганда и за ширење дезинформации – како што беше случај со трагичниот пожар во Тетово кој однесе 14 животи, пристигнувањето на бегалците од талибанскиот терор во Авганистан, како и шумските пожари низ целата земја кои беа актуелни во текот на месец август, пред официјалниот старт на кампањата.

И за време на трите недели на официјалната кампања, црната пропаганда, особено на интернет и социјалните мрежи, всушност доминираше над теренските активности на кандидатите во јавната комуникација, и во разновидност и во интензитет. Освен медиумите и интернет платформите, се користеа и кампањи со пораки за оцрнување на политичкиот противник преку билборди, летоци и директна дистрибуција, како и други методи на герила маркетингот.

Бојното поле на кое партиите, со сите дозволени, а честопати и недозволени средства ја биеја оваа битка најчесто беа медиумите на интернет,таканаречените портали, како и социјалните мрежи. Најчести облици беа содржини чија цел беше лична дискредитација на кандидатите, како и вообичаените поларизирачки дебати, со кои е преокупирано општеството години наназад, но и со актуелни настани кои политичките партии или нивните поддржувачи ги користеа за меѓусебни напади и пресметки.

Дел од нападите кон политичките противници доаѓаа од партиските говорници и пресови, со кои се отвораа афери за дел од кандидатите, но може да се забележи дека црната кампања честопати не се одвиваше директно од партиите или кандидатите, туку посредно, главно преку порталите кои се блиски до една или друга политичка опција, како и преку добро организираните партиски војски и инфраструктура од профили и страници на социјалните мрежи, главно на Фејсбук, но и на Твитер.

Токму таму, на социјалните мрежи, беа присутни најнегативните форми на неофицијалната црна кампања, со која доминираа дезинформации, вулгарна и навредлива пропагандистичка реторика, па и говор на омраза.

ПЕРИОД ПРЕД ИЗБОРНАТА КАМПАЊА

Дека се очекува жестока политичка битка за локалната власт, веќе можеше да се види во месеците пред да се распишат изборите. Само во текот на месец мај и јуни 2021, мониторинг тимот на Цивил забележа оркестрирано ширење на над 120 медиумски содржини, во кои доминираат претежно говорот на омраза кон личности од политиката, етничкиот говор на омраза, но и организираното ширење на лажни вести.[1]

Во периодот потоа, пред почетокот на официјалната изборна кампања, во текот на месеците јули, август (кога беа распишани изборите од страна на претседателот на Собранието на 6 август 2021), и во првата половина на месец септември, дезинформациите и црната пропаганда се фокусираа на содржини поврзани со КОВИД – 19 пандемијата, пописот, шумските пожари кои започнаа на 2 август 2021, реформите во образованието, како и трагедијата со пожарот во модуларната болница во Тетово. Сите овие теми беа користени за оркестрирани напади не само врз политичари, туку и врз интелектуалци, граѓански активисти и организации, новинари и други јавни личности.

Во оваа анализа се опфатени повеќе примери, кои се само дел од случаите што ги детектираше Мониторинг тимот на ЦИВИЛ.

Дезинформации за законот за државјанство 

Откако Собранието го изгласа Законот за државјанство, на интернет а особено на социјалните мрежи започна еден вид кампања, претежно со лажни вести и дезинформации, дел од кои беа вешто филувани за да изгледаат како „досетки“. Но, таквите твитови/статуси и објави беа полни со потпалувачки говор кон Албанците, но и против пратениците од владејачкото мнозинство што го изгласаа законот. Таков пример е содржината што порталот ОффНет ја објави во рубриката „ИЗЈАВИ“ на извесен Твитер профил „Чоџукот“ кој иронично пишува дека ќе се добива државјанство со „три преспиени ноќи во Македонија од СФРЈ до сега“.

Истиот портал ја објави и веста за донесениот Закон за државјанство, со наслов „Државјанство ќе се добива на 16 начини“. И оваа содржина предизвика низа на коментари, a дел од коментарите се со навреди и говор на омраза.[2]

Дезинформации за пожарите

На 2 август 2021, откако избувнаа пожар во источниот дел на земјата, на официјалната Фејсбук страница се огласи и претседателот Пендаровски, кој објасни дека хеликоптерите на армијата не се со техничка подготовка што би овозможила ноќно летање. Реакцијата на претседателот дојде по бројни прашања зошто леталата на Армијата не го гасат пожарот кај Кочани вечерва, упатени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и во јавноста и на социјалните мрежи, по што тргна и цела лавина со постови полни со исмевања, навреди и дезинформации на сметка на властите.[3]

Во друг случај детектиран од мониторинг тимот на ЦИВИЛ, беше објавена лажна вест за изгорена птица покрај гнездо во Пехчево – со стари фотографии од Пакистан. На 10 вагуст, Твитер профилот „Колаче“, објави фотографија на изгорена птица покрај гнездо, за која се тврди дека е од пожарот кај Пехчево. „Мајка е мајка, без разлика од кој вид е.. Можела да одлета и да се спаси, но останала..Пехчево“, пишува во Твитер постот. Инаку, се работи за фотографија која е објавена на Твитер во мај 2021 од познатиот пакистански новинар Хамид Мир, кој што соработувал со многу пакистански медиуми, а често гостува и во познати светски медиуми, како Гардијан и Би-Би-Си.[4]

Во овој период, се објави лажна вест дека на пожарникари од Австрија кои помагаат со гаснење на пожарите во Малешевијата им е украдена моторна пила, на 10 август почна вирално да се шири на социјалните мрежи и од портали. Ден потоа, директорот на Центарот за управување со кризи, Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување, а и пожарникарите директно ја демантираа оваа лага. Извинување и дилеми за вистинитоста објавија и двајца корисници на Твитер и Фејсбук, коишто меѓу првите ја објавија оваа лажна вест на 10 август.[5]

Преименување на детски одморалишта

„Знае некој од кога детски одморалишта во Крушево се именувани Талат Џафери и Амди Бајрам?“, напиша Твитер корисникот „Локумче #Апсаана“ на 9 август 2021. Користено е лажно внесување податоци во Гугл Мапс, за да се „докаже“ дека детските одморалишта во Крушево се навистина преименувани.  Во текот на само 2 часа твитот беше споделен од петнаесетина други корисници, повеќето лажни профили и дел од пропагандистичката машинерија блиска до партијата Левица. Твитот беше споделен и од Јована Мојсоска, висока функционерка на оваа партија и една од најактивните на социјалните мрежи.[6]

Дезинформации поврзани со сексуално образование во училиштата

На 18 јули 2021, по серија објави со дезинформации на интернет и социјалните мрежи поврзани со сексуалното образование, Министерството за образование и наука преку соопштение демантира каква било поврзаност на објавените фотографии и содржини со сеопфатното сексуално образование. „Лажните вести и монтажи по социјалните мрежи се интензивираат со цел заплашување и лажење на граѓаните. Граѓаните да бидат спокојни, образованието се унапредува и реформира. Сите информации кои деновиве се шират поврзани со сексуалното образование, како оваа, се целосно лажни и апелираме граѓаните да не наседнуват“, стои во соопштението од МОН, и се додава дека како што многу пати извести Бирото за развој на образованието, сексуално образование воопшто не се воведува.

Дезинформации за бегалците од Авганистан

На 17 август, на Твитер профилот на Вечер во пост се објавува фотографија на поголема група мажи кои се транспортираат со авион, со наслов „Ниту една жена нема во авионов кој евакуира бегалци“.Истата дезинформација ја споделуваше и актерот популарен на социјалните мрежи, Сашо Тасевски. Повеќе корисници на Твитер ја препознаа лажната вест и веднаш ја демаскираа. Малку треба за да се дознае вистинското потекло на фотографијата, се работи за депортација на Авганистански бегалци од центрите за депортација од Турција во земјите од каде што потекнуваат, и истата е објавена на 18.04.2018 година. [7]

Поранешниот пратеник Илија Димовски на 21 август 2021 во гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител изнесе ставови дека за бегалците од Авганистан Владата на РСМ ветувала програма за вработување. „Претставниците на опозицијата продолжуваат со ширење лаги кои поттикнуваат вознемирување и ксенофобија кај населението. Владата не ветувала програма за вработување на граѓаните кои бараат засолниште од хуманитарната криза во Авганистан. Тоа не е точно, најостро ги отфрламе ваквите невистини, Владата е целосно фокусирана на обезбедување безбедност, здравствена заштита, храна и кров над глава за миротворното население од Авганистан“ се вели меѓу другото  во реакцијата на Владата.[8]

На 26 август, порталот  без импресум МКДенес, објави дезинформација со наслов „ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО: Заев свечено ќе пречекува 780 Авганистанци“. Во текстот се манипулира со изјави на портпаролот на владата кои се извадени од контекст , и дополнително коментирани од непознатиот автор на прилогот, кој своето  (не)дело го завршува со монтирано лажно видео.[9]

Случаи на дезинформации и црна пропаганда против пописот

Членови и истакнати активисти и функционери на партијата Левица, со сите расположливи средства, вклучувајќи и пари и платени постови на Фејсбук, дезинформации и поттикнување на меѓуетничка омраза, се обидуваа да му наштетат на пописот. Односно, како што гласи една објава на социјалните мрежи од анонимен-бот профил, „Паѓа попис, паѓа Влада“. На Фејсбук групата „Не отварам врата“, преку фотомонтирана фотографија се заплашуваа граѓаните да не се попишуваат, бидејќи така ќе учествуваат во „косоваризација на Македонија“.

Спонзориран, односно платен пост се појави на Фејсбук за кампања против пописот. Постот беше платен од лицето Иван Јованоски, име е идентично со името на функционерот на Левица од прилепскиот огранок[10], што му се закануваше на новинарот и активист Петрит Сарачини, а учествуваше и во инцидентот со владината делегација предводена од премиерот Заев при одбележувањето на 11 Октомври на Могилата на непобедените во Прилеп.

Во овој период, се појави и напад со дезинформации врз 50-тина невладини организации кои во 2015 година изразиле јавно несогласување и недоверба кон иницијативата на тогашниот премиер Никола Груевски да набави софтвер и во 2016 година повторно да се обиде да спроведе попис, кој што пропадна во 2011 година, но овој пат електронски.

Овој напад врз дел од граѓанското општество, во ист ден и ист час се појави најпрво на Фејсбук групата „НеОтворамВрата“, а потоа, со 30 минути задоцнување и на официјалниот профил на пратеникот Димитар Апасиев, лидер на Левица. Бидејќи ова се случува и со други објави на групата што се реобјавени во приближно исто време и на официјалниот профил на Апасиев, тоа укажува дека ставовите на „НеОтворамВрата“ се поддржани од оваа партија.[11]

Освен ова, лидерот на „Левица“, Апасиев, на 20 септември на социјалните мрежи објави пост кој имаше над 1000 реакции и 128 споделувања, со тврдење дека над 200.000 Македонци одбиле да се попишат.[12] 

Дезинформации во битката меѓу политичките опоненти пред почетокот на кампањата

Во периодот пред официјалниот старт на кампањата, во медиумите и на социјалните мрежи се ширеа и повеќе дезинформации и манипулирање со фактите на најразлични теми, чија цел главно беа напади врз политичките опоненти.

Таков е примерот со портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, кој на прес-конференција на 14 август изнесе невистина дека градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов одмора во хотелот „Монте Мулини“, хотел во Ровињ, Хрватска, каде за 6 ноќи за двајца требало да се плати 12.300 евра. „15 дена не може да се изгаснат пожари на 5 километри од Скопје. Ама Шилегов одмора, никаде го нема. 15 дена го нема. Изгоре Македонија, тој е во Ровињ“ – рече Стоилковски. ЦИВИЛ МЕДИА стапи во контакт со администрацијата на Град Скопје, од каде ја демантираа дезинформацијата.[13]

Друг пример се дезинформациите дека премиерот Заев наводно бил исфрлен од протоколот на германската канцеларка Ангела Меркел и дека Македонија е понижена и исклучена од иницијативата „Отворен Балкан“ и од процесот за интеграција во Европска Унија. За овој случај  пишуваше и  „Вистиномер“, чии наоди се совпаѓаат со констатациите што ги објави Цивилмедиа во содржината  „Лажна и малициозна објава за средбата на Заев и Меркел“ на 15 септември.[14]

Во гостувањето на „Тема на денот“, во Дневникот на ТВ Сител (05.09.2021), кандидатката за градоначалник на Општина Центар, Наташа Котлар – Трајкова, одговарајќи прашања во врска со проектот „Скопје 2014“, изнесе тврдење дека тој не бил на претходната власт и дека е изгласан од сегашните носители на власта. „И да не заборавиме. Тој проект па и не беше на претходната власт. Тој проект беше изгласан токму од претставниците на сегашната позиција.“, изјави Котлар во емисијата, иако фактите говорат во сосем спротивна насока од изнесените тврдења.[15]

Предизборните анкети исто така беа дел од политичките препукувања, а и користени за ширење дезинформации. Таков беше случајот со настапот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на телевизија Канал 5 на 20 септември, каде, меѓу другото, тој изјави дека „БРИМА анкета е платена со владини пари на тендер” и  резултатите од истражувањето на БРИМА не се релевантни и дека очекува победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните Локални избори. Оваа дезинформација беше демантирана од БРИМА, вистинскиот нарачател на анкетата „Слободен печат“ и од Владата.[16]

Во овој период имаше и појава на злоупотреба на сатирични содржини за ширење дезинформации. Таков беше случајот со содржина од порталот „Плусинфо“, која беше злоупотребена од корисници на социјалните мрежи, особено на Твитер, за манипулирање и ширење на лажна вест. Содржината со наслов  „Маричиќ: Нема затвор за невакцинирани криминалци!“, којашто порталот „Плусинфо“ ја преземал од сатиричниот сајт „Кооперација“, осамна како скриншот на повеќе анонимни профили на социјалната мрежа Твитер, и беше користена за напад врз министерот за правда.[17]

Во периодот пред официјалниот старт на кампањата беа чести дезинформациите поврзани со деталните урбанистички планови, кои се користеа за мобилизација на граѓаните па и протести против тнр. „бетонизација“. Таков пример  е дезинформацијата објавена на крај на месец август, дека Општина Карпош вцртува објекти за домување во ДУП кај средното училиште „Здравко Цветковски“, која беше демантирана од Општината. [18]

ПЕРИОД НА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА

Главна цел политичките опоненти, но и други јавни личности

Од самиот старт на официјалната предизборна кампања на 27 септември 2021, се зголеми и интензитетот на дезинформации и црна пропаганда. Цел на овие објави најчесто беа политичките опоненти и претставници на неколку државни институции како и обиди за манипулирање со јавноста и гласачите, но не беше мал обемот на дезинформации и црна пропаганда насочена кон јавни личности кои воопшто не беа дел од изборниот процес. Во овој дел на анализата издвојуваме повеќе примери од дезинформации и црна пропаганда за дискредитирање на политичките противници на различни теми, кои се користеа за мобилизирање на гласачите.

Случаи на дезинформации и црна пропаганда во битката меѓу политичките партии

Порталот Прес 24, на 3 октомври објави содржина со наслов „Анкета на „АКСИОС“: 59.3% поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, а 10.7% се изјасниле за СДСМ“. Објавата е манипулативна и невистинита, бидејќи она што се тврди во насловот не се резултати од одговори на прашањето за кој кандидат ќе го дадат гласот граѓаните на изборите, или која партија ја поддржуваат, туку се однесува на прифатливост на слоганите на двете партии за испитаниците.[19]

Објава на Прес 24 за анкета на АКСИОС, извор: веб страница на Прес24.мк

По написот објавен во „Независен весник“ на 10.11.2021, дека Ана Петровска го аминувала гасоводот низ парк-шумата Водно во 2011 година?, кандидатката за градоначалник на Скопје од „Зелен Хуман Град“ доби новинарско прашање во врска со гасоводот на кое одговори: „Што се однесува до гасовод, јас немам никаква допирна точка со гасоводот. Тој проект го водеше, во тој период додека јас бев државен секретар, господинот Јани Макрадули“. Но, во документот од сајтот на Општина Кисела Вода со објавената „Студија за оцена на влијанието врз животната средина на проектот – Национален гасификационен систем во Република Македонија, Делница 5 Скопје – Гостивар – Кичево“, на листата на соработници на студијата, прва е спомената „Ана Петровска, дипл. инж. архитект, – Експерт за оцена на влијанието на проектите врз животната средина“, што значи дека сепак има допирна точка помеѓу „Ана Петровска“ и гасоводот кој поминува низ Водно.[20]

На почетокот на октомври, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и пратеникот Антонио Милошоски излегоа со тврдење дека владата во Романија паднала поради пожар во модуларна болница, барајќи истото да се случи и со македонската влада по пожарот во модуларната болница во Тетово. Ова тврдење со денови беше повторувано и од други говорници и соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа тврдење, според повеќе светски агенции, не е точно. Асошиејтед прес, на 5 октомври 2021, извести дека падот на романската владата е дел од политичката криза што започна пред еден месец кога премиерот Циту го отпушти министерот за правда Стелијан Јон од УСР-Плус поради непотпишување на програма за регионален развој. Освен програмата, како причини се наведуваат и критичната ситуација со пандемијата, а и несогласувања околу реформите во правосудството.[21]

Реформите во образованието исто беа дел од пропагандата и дезинформациите за време на изборната кампања. Фејсбук страницата „Скандал“ на 8 октомври објави видео во кое се тврди дека „Лудата власт во Македонија, на чело со Мила Царовска и Заев, фрла учебници во трактор и потоа ги носи на депонија.“ Ова видео потоа беше објавено и од порталите Курир и Нетпрес, но со наслови во кои се вели дека власта пали и гори книги во Прилеп. „Власта пали учебници во Прилеп“ е насловот на текстот што го објави Курир, додека пак Нетпрес објави содржина со наслов „Скандал во Прилеп, вчера гореа книги“. Но, во кусото видео не се гледаат ниту запалени книги, ниту пак кој фрла книги во приколката, ниту депонија, ниту дека тоа го прави некој претставник на власта. Сепак овие дезинформации, потоа се слушнаа и во говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на партиски предизборен митинг. И тој тврди дека се палат книги, иако во посоченото видео тоа не се гледа.[22]

Друг ваков случај на дезинформации за реформите во образованието и дигиталните книги беше забележан на 7 октомври, кога министерката Царовска по конференција за финансиска едукација во средните стручни училишта, пред новинарите рече дека учебниците треба да се користат во дигитална верзија, со мултимедија и квизови кои ги нема во печатената верзија. Но дел од порталите, во наслови извлекоа друг заклучок. „Родителот кој на своето дете му дава книга, му прави штета, рече Царовска“ вели насловот на порталот mms.mk на Радио Канал 77. Ист наслов за изјавата на Царовска употреби и „Вечер“,  како и порталот Весник, а реакција базирана на оваа манипулација со изјавата на Царовска имаше и партијата Родина. [23]

Еден од повидливите случаи на манипулации и дезинформирање на јавноста беше оној со бугарското државјанство и лична карта на кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, кои беа објавени од владејачката партија, СДСМ. Арсовска, иако најави дека ќе тужи за изнесените тврдења и велеше дека е жртва на хајка, никогаш не изнесе кредибилни факти со кои би ги демантирала тврдењата на СДСМ. Од друга страна, бугарскиот портал „24 часа“ објави дезинформација дека бугарска лична карта издадена на име на Дан(и)ела Арсовска не постои. Дезинформацијата ја пренесоа Инфомакс, Курир, Република, Плусинфо, Фактор и други македонски портали. Ова е само дел од случајот за бугарското државјанство на кандидатката за градоначалник на Скопје што го објави СДСМ, кој со денови ја брануваше јавноста.[24]

Во периодот на кампањата беа забележани повеќе случаи на манипулација на јавноста преку компјутерски изменети фотографии. Таков е случајот со дезинформацијата на порталот АлбМаниа за поткуп на гласови во Струга од страна на министерот за информатичко општество Јетон Шакири, која потоа се ширеше вирално на социјалните мрежи. Всушност, се работи за фотографија стара повеќе од една година, од учество на Шаќири во хуманитарно делење на помош за загрозени семејства на почетокот на Ковид -19 пандемијата.  [25]

Сличен случај со дезинформации за наводен поткуп на гласови беше забележан со фотографија на која се гледаат вреќи со компири и пакети со масло за јадење. Фотографијата се ширеше вирално на социјалните мрежи со објаснување дека станува збор за поткуп на гласачи пред локалните избори, иако се работи за стара фотографија, која беше злоупотребена и за време на кампањата на претходните парламентарни избори, со слична цел. Оваа дезинформација беше разоткриена од проверувачите на факти од „Вистиномер“. [26]

Еден од случаите на дезинформирање и манипулирање на јавноста беше поврзан и со наводно присуство на вооружени лица на денот на изборите, 17 октомври.  Маркукуле објави манипулативен наслов дека „Амбacaдата на САД го извеcтила ОЈО дека 83 лица добиле opyжje со цел попpeчyвање на избopниот пpoцес“, што не кореспондира со тоа што се тврди во текстот, дека Амбacaдата на САД  не го извеcтила ОЈО дека 83 лица добиле opyжje со цел попpeчyвање на избopниот пpoцес, туку за доставена пријава од лице од политичка партија, која ја проследила до надлежните за да се провери. Портпаролот на МВР, Ангеловски на денот на изборите за Слободен печат изјави дека „во врска со оваа пријава се преземени сите неопходни мерки и активности во координација со Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност. Апсолутно можам да кажам дека до сега нема никаква потврда во однос на оваа пријава“.[27]

Лидерот на Левица, Апасиев, и во кампањата беше извор на неколку дезиинформации и манипулации. На 13 октомври, во пост на Фејсбук, Апасиев дезинформираше дека браќата Жарко и Дарко Масларковски, истакнати активисти на партијата „се гонат кривично – со обвинителен предлог – за извикување „Македонија“ на протест“, пишува Жарко Трајаноски во анализа за ЦивилМедиа. „Браќата-рапери ПУКА Козметика, кои се на нашата советничка листа во Аеродром, наместо за прекршок се гонат кривично – со обвинителен предлог – за извикување „Македонија“ на протест!?“, напиша Апасиев.

обвинителен акт против Масларковски, извор: ФБ објава на Масларковски

Но ова тврдење не е точно. Тоа може да се види од самиот обвинителен предлог, кој го објавија самите браќа Масларковски на Фејсбук. Во обвинителниот предлог, споменатите лица воопшто не се товарат „за извикување „Македонија“ на протест“, туку за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работа на безбедноста“. Во самиот документ, воопшто не се спомнува никакво „извикување „Македонија“ на протест“![28]

На 29 октомври, пак, лидерот на Левица, Димитар Апасиев без да приложи никакви докази, неколку часа пред да започне изборниот молк за вториот круг на Локланите избори, на Фејсбук и Твитер објави лажна вест дека синот на Петре Шилегов поседувал луксузен деловен објект во новоотворениот трговски центар Ист Гејт. Тогаш актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов го демантираше лидерот на Левица, Димитар Апасиев, тврдејќи децидно дека неговиот син нема сопственост на деловен простор во новоотворениот Ист Гејт.[29]

Пример за дезинформации чијашто цел се претставници на институциите кои не се дел од изборната трка беше забележан во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, кај Богдан Илиески на Фејсбук и порталот “Република”, кои, според Марјан Забрчанец, национален координатор за стратешки комуникации во Владата на Северна Македонија, изнеле „лаги и клевети спакувани во прашална форма, дека јас сум бил наводно потомок на “подмочан благонадежен Блгарин” Божидар Забрчанец кој наводно и служел на “фашистичката окупаторска армија”. Инаку, споменатиот Божидар Забрчанец и неговиот брат биле истакнати учесници на НОБ. [30]

Меѓу темите кои беа подоминантни во изборната кампања беа и оние што се поврзани со загадувањето на воздухот, кои се користеа за меѓусебни обвинувања на политичките актери и учесници во кампањата. Таков е случајот со кандидатката за градоначалник на Општина Центар, Наташа Котлар, која зборуваше за загадувањето во реклама објавена на официјалната страница на ВМРО-ДПМНЕ, изнесувајќи невистинито тврдење дека Скопје е најзагаден град во Европа.[31]

Слични невистини беа искажани од кандидатката за градоначалничката функција во Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, која на партиски митинг одржан на 12 октомври за аерозагадувањето кажа дека „состојбата не се менува на подобро“, што не е точно според повеќе статистички податоци изнесени од релевантни субјекти.[32]

Употребата на јазиците во институциите и во оваа кампања беше предмет на дезинформации, со кои продолжи да се поттикнува етничка нетрпеливост меѓу граѓаните. Таков е случајот со пост на Фејсбук за кој извести „Вистиномер“, а во кој се манипулираше дека таблата со името на државниот орган Државна изборна комисија, е испишан на начин што македонскиот е трет јазик во колоната, а пред него се албанскиот и влашкиот јазик. Како илустрација за „докажување” на ова тврдење, се користи фотографија од телевизиски пренос на прес конференција на ДИК за локалните избори. Меѓутоа, фотографијата е пресечена „на половина”, односно, на неа е претставен само половичен дел од паното зад членовите на ДИК. Кога ќе се погледне целосната табла, се гледа дека од левата страна, најнапред на македонски јазик со кирилично писмо испишано е името на државната институција одговорна за спроведување на изборите.[33]

Дезинформација за јазиците на таблата на Државната изборна комисија, извор: Вистиномер

Мониторинг тимот на Цивил го регистрираше и случајот кога Александар Митовски од Инфомакс, во гостување кај Јанко Илковски на ТВ Сонце на 20.10.2021, меѓу другото, изнесе и невистини за набавките за Зоолошката градина. Митовски рече дека се правела „фонтана за пингвини која што кошташе 2 милиони евра“. Но, тоа е далеку од вистинската цена на чинење, не само на фонтаната, туку и другите елементи од новото живеалиште на пингвините. Дезинформации на оваа тема имаше и претходно, а нив ги демантираше директорот на Зоолошката градина, Галетановски.[34]

Дел од пропагандната битка во кампањата станаа дури и цените на нафтените деривати, кои зависат од движењето на цената на нафтата на светските берзи. Таков е случајот со пoранешниот пратеник и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, кој објави пост на социјалната мрежа Твитер споредувајќи ја цената на дизелот во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и во време на СДСМ. Но оваа констатација предизвика лавина реакции од други корисници, кои го потсетија Ѓорчев и на други цени што ги имал дизелот во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а и на СДСМ. „Лани во април-мај беше 42 денари .и ???“, се вели во еден од одговорите. Во друг одговор се посочува на цената на горивата во 2012 година, кога дизелот чинел 74,5 денари а бензинот 90 денари, што е далеку повеќе од сегашната цена на  дериватите. [35]

Заклучоци и препораки

И од практичните примери и случаи во оваа анализа, но и од оценките на меѓународните набљудувачи и други медиумски организации кои го следеа изборниот процес, може да се заклучи дека подобрувањата во сферата на медиумските слободи и во некои аспекти на известувањето на влијателните медиуми, пред сè преку отсуство на отворена тенденциозност и навивање кои беа видливи за време на изминатите неколку изборни циклуси, за жал, не донесоа значајно поместување во начинот на известување за изборите. Напротив, ситуацијата продолжува повторно да се влошува, ставајќи ги под ризик и оние малку придобивки остварени од 2017-та година наваму во поглед на слободата на медиумите.

Продолжува експлозијата на содржини во кои доминираат пропагандата, дезинформациите и омразата, кои доведуваат до поларизација на политичката дебата а со тоа и на општеството, и тоа со зголемен интензитет и во нови форми, особено кај порталите и на социјалните мрежи, чие влијание веќе го надминува она на традиционалните медиуми.

Во овој контекст, се уште стои и се засилува констатацијата на мониторингот на ЦИВИЛ искажана во анализата за парламентарните избори минатата година, дека Северна Македонија нема доволно силни механизми, ниту легислативни ниту пак институционални, за справување со дезинформациите. За жал, и онаму каде што има соодветна легислатива, како во доменот на говорот на омраза, и понатаму е изразена и видлива културата на неказнивост, која е резултат пред сè на недоволна активност на надлежните институции, коишто треба да го гонат и санкционираат говорот на омраза како кривично дело, по службена должност.

ЦИВИЛ неколку изборни циклуси наназад препорачува изнаоѓање и креирање на законски и институционални механизми за справување со дезинформациите во рамки на ограничувањата на слободата на изразување предвидени со меѓународните конвенции, во процес кој ќе биде сеопфатен и инклузивен за сите засегнати страни.

Воедно, организацијата препорачува и зајакнување на саморегулацијата во насока на суштинска борба против дезинформаторите и избегнување на пристапот на „бајсајдизам“. Точните и проверени информации се главната цел за која треба да се борат новинарите и медиумите, а не постигнувањето на „балансот“, кој не секогаш значи давање простор за оние што дезинформираат во име на постигнување на некаква „неутралност“ или „објективност“ на медиумите.

Воедно, ЦИВИЛ ги повторува своите препораки за интензивирање на инаституционалната акција за воведување на медиумската писменост во образовниот процес но и пошироко, бидејќи таа не е важна само за публиката и зајакнување на отпорноста на граѓаните кон дезинформациите и омразата, туку пред сè за медиумите. Медиумски неедуцираната публика, според повеќе истражувања, далеку повеќе консумира непрофесионални медиуми, што го доведува во прашање економскиот опстанок на професионалните медиуми кои треба да работат за јавниот интерес. Клучот на успехот лежи во соработката помеѓу образовниот систем, медиумите и нивните организации, јавниот сервис и надлежните институции и регулаторни тела, како што се АВМУ, МОН, МИОА, Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација и Антикорупциската комисија.

 

Оваа анализа е резултат на заеднички труд и соработка на истражувачите Петрит Сарачини, Жарко Трајаноски, новинарите и уредниците на Цивилмедиа и Мониторинг тимот на Цивил. Во неа се сублимирани повеќе примери и случаи на дезинформации, пред и за време на изборната кампања за Локалните избори 2021.

—

Референци:

[1] Види: https://civilmedia.mk/nad-120-sluchai-na-orkestriran-politichki-i-etnichki-govor-na-omraza-i-lazhni-vesti-vo-maj-i-juni/

[2] Види: https://civilmedia.mk/po-izglasaniot-zakon-za-drzhavjanstvo-lavina-od-dezinformatsii-i-govor-na-omraza

[3] Види: https://civilmedia.mk/pendarovski-helikopterite-na-armijata-nemaat-tehnichki-uslovi-za-nokno-letane/

[4] Види: https://civilmedia.mk/lazhna-vest-za-izgorena-ptitsa-pokraj-gnezdo-vo-pehchevo-so-stari-fotografii-od-pakistan/

[5] Види: https://civilmedia.mk/koj-i-zoshto-objavi-lazhna-vest-za-krazhba-na-motorna-pila-od-avstriskite-pozharnikari-vo-maleshevijata/

[6] Види: https://civilmedia.mk/lazhni-profili-bliski-do-levitsa-shirat-lazhni-vesti-za-preimenuvane-na-detskite-odmoralishta-vo-krushevo/

[7]Види: https://civilmedia.mk/so-stara-fotografija-se-shiri-panika-i-strav-kaj-graganite-deka-od-avganistan-ni-doagaat-samo-mazhi/

[8] Види: https://civilmedia.mk/vlada-opozitsijata-da-ne-shiri-lagi-i-omraza-ne-postoi-nikakva-vladina-programa-za-vrabotuvane-litsa-od-avganistan-ova-e-aktsija-za-spasuvane-zhivoti/

[9] Види: https://civilmedia.mk/ne-zapiraat-lazhnite-vesti-za-pristiganeto-na-prvite-gragani-od-avganistan/

[10] Види: https://civilmedia.mk/levicharite-so-sponzorirana-kampana-protiv-popisot-so-dezinformatsii-gi-zaplashuvaat-graganite-so-kosovarizatsija/

[11] Види: https://civilmedia.mk/vistinomer-spinovite-okolu-popisot-ukazhuvaat-na-silna-zalozhba-toj-da-propadne/

[12] Види: https://civilmedia.mk/dali-levica-gi-bojkotira-popishuvachite-na-levica/

[13] Види: https://civilmedia.mk/naum-stoilkovski-so-nova-lazhna-vest-na-pres-veli-shilegov-e-na-odmor-vo-hrvatska-a-toj-e-vo-skopje/

[14] Види: https://civilmedia.mk/vistinomer-so-ist-naod-kako-tsivil-media-netochno-e-deka-zaev-e-iskluchen-od-protokolot-na-merkel-za-direktna-sredba/

[15] Види: https://civilmedia.mk/dezinformatsii-za-skopje-2014-kandidatka-za-gradonachalnik-tsentar-tvrdi-izglasan-e-od-segashnata-pozitsija/

[16] Види: https://civilmedia.mk/brima-istrazhuvaneto-ne-e-plateno-od-strana-na-vladata-ekskluzivnoto-pravo-na-koristene-na-rezultatite-e-kupeno-od-sloboden-pechat/

[17] Види: https://civilmedia.mk/satirichna-sodrzhina-za-ministerot-za-pravda-marichik-zloupotrebena-za-shirene-na-lazhna-vest/

[18] Види: https://civilmedia.mk/netochna-e-informatsijata-deka-opshtina-karposh-vtsrtuva-novi-objekti-za-domuvane/

[19] Види: https://civilmedia.mk/portalot-pres24-so-kratki-noze-za-predizbornata-anketa-na-aksios-2017/

[20] Види: https://civilmedia.mk/dali-ana-petrovska-od-zelen-human-grad-ima-dopirna-tochka-so-gasovodot-koj-minuva-niz-park-shumata-vodno/

[21] Види: https://civilmedia.mk/miloshoski-i-mitskoski-so-kratki-noze-za-padot-na-romanskata-vlada/

[22] Види: https://civilmedia.mk/kurir-netpres-i-mitskoski-so-kratki-noze-za-palene-knigi-vo-prilep/ 

[23] Види: https://civilmedia.mk/mms-vecher-vesnik-rodina-i-sasho-tasevski-so-kratki-noze-za-tsarovska-i-uchebnitsite/

[24] Види: https://civilmedia.mk/24-chasa-objavi-a-infomaks-kurir-republika-plusinfo-faktor-i-drugi-prenesoa-dezinformatsii-za-bugarskata-lichna-karta-na-dan-i-ela-arsovska/

[25] Види https://civilmedia.mk/ministerot-shakiri-zhrtva-na-fotoshop-izmama-za-navoden-potkup-na-glasovi-vo-struga/

[26] Види: https://vistinomer.mk/so-stara-fotografija-se-dezinformira-za-potkup-na-glasachi-pred-lokalnite-izbori/

[27] Види: https://civilmedia.mk/markukule-so-kratki-noze-za-ambasadata-na-sad-i-prijavata-za-vooruzheni-litsa-na-izborite/

[28] Види: https://civilmedia.mk/apasiev-so-kratki-noze-za-obvinenieto-kon-brakata-maslarkovski-kandidati-za-sovetnitsi-od-levitsa/

[29] Види: https://civilmedia.mk/shilegov-lazhna-vest-e-deka-sin-mi-ima-sopstvenost-na-deloven-prostor-vo-novootvoreniot-ist-gejt-privezokot-apasiev-doobrabotuva-za-gazdata/

[30] Види: https://civilmedia.mk/zabrchanets-apel-do-natsionalistite-da-ne-mi-ja-chepkaat-partizanskata-familija/

[31] Види: https://civilmedia.mk/natasha-kotlar-so-kratki-noze-za-zagaduvaneto-vo-skopje/

[32] Види: https://civilmedia.mk/danela-arsovska-so-kratki-noze-za-zagaduvaneto-na-vozduhot-vo-skopje/

[33] Види: https://civilmedia.mk/vistinomer-ne-e-tochno-deka-imeto-na-dik-e-ispishano-prvo-na-albanski-pa-na-makedonski-jazik/

[34] Види: https://civilmedia.mk/aleksandar-mitovski-od-infomaks-so-kratki-noze-za-fontana-za-pingvini/

[35] Види: https://civilmedia.mk/vlatko-gorchev-so-kratki-noze-i-manipulatsii-za-tsenata-na-gorivata-vo-vreme-na-sdsm-i-vmro-dpmne/

Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Пандов љубител на костимирани настапи: ангелче, комита, моторџија, историчар, директор, а сега влезе и во мафијашки филм

    142 shares
    Share 57 Tweet 36
  • Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е антинационална и стана „тажната приказна“ на Балканот

    123 shares
    Share 49 Tweet 31
  • Тричковски: Медиумите се за граѓаните тоа што е златицата за компирите!

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Мрежа за заштита на жените Ромки: Фемицидот врз Рамајана не е изолиран инцидент; 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени регистрирани во 2024

    95 shares
    Share 38 Tweet 24
  • ПОРТОКАЛОВА ГЛАВА НА ТЕГЕТ ОДЕЛО: Трамп, дрско и без почит, во потрага по внимание на погребот на Папата

    92 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ