Министерството за здравство објави документ, односно изјава во кој се наведува дека проф. д-р Нико Беќаровски ги навредил вработените Албанци во Клиниката за Токсикологија.
„Ако сакате војна ќе ја добиете и тоа нуклеарна бомба. Во понеделник после дежурство сакам Интензивна нега да биде чиста без Шиптари.
… Додека бевме во времето на Тито, Македонија си беше убаво место за живеење, па после се симнаа овие од планина и се измеша целата држава.
… Да не ве слушнам да зборите албански, бидејќи ова е држава на Македонците и тука се зборува на македонски јазик“, со овие зборови наводно им се обраќал д-р Беќаровски, стои во документот објавен на Фејсбук страницата МЗ.
Од Министерството за здравство соопштија дека медицински директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски е разрешен од позицијата поради несовесно работење во целиот овој изминат период, и дека не беше разрешен пред изборите за да не се поттикне етничко нетрпение.
„Иако имал согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, тој не постапил. Ангажираните оделе на работа без договор и без плата за нивниот труд. 18 семејства ги остави без плата! Во неговиот мандат, Клиниката беше поплавена и неосигурана, а ангажираните секојдневно трпеа закани и омаловажувања на национална основа“, велат од МЗ.
Редовно вработените лица на Клиниката за токсикологија ги демантираа наводите во изјавата на групата од 18 лица кои немаат статус на вработени, а која што ја пренесе Министерството за здравство, дека проф. д-р Нико Беќаровски ги навредувал колегите Албанци вработени на Клиниката.
„Најостро реагираме и ги демантираме информациите изјавени во неколку медиуми од министерството за здравство и сме должни на јавноста да ѝ појасниме дека какви било навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор на дело, од страна на проф. др. Нико Беќаровски не се упатени“, пишува меѓу другото во реакцијата од вработените.
Меѓутоа, она што е интересен детал е дека во демантот се потпишани само вработени од македонска етничка припадност. Зошто нема ниту еден(а) вработен(а) Албанец/ка да застанат во одбрана на Беќаровски?
Претходно се огласи и самиот др. Беќаровски кој најави тужба против министерот за здравство Илир Демири за нанесена штета на неговата чест и углед и доколку во рок од 24 часа јавно не се огради од објавата на сајтот на Министерството за здравство.
Д. М.