Секретарот на американската армија, Ден Дрискол, отпатува во Абу Даби на 24 ноември на преговори со Кирило Буданов, шефот на украинската воена разузнавачка служба, и руска делегација, објави Фајненшл Тајмс., пренесува Kијив Индипендент .
Дрискол и рускиот тим започнаа разговори ноќта на 24 ноември, објави ФT, повикувајќи се на два извори запознаени со ова прашање. Имињата на руските делегати не беа прецизирани.
На прашањето дали се одржува таков состанок, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 25 ноември рече дека Москва нема коментар за извештаите.
Kијив Индипендент не можеше да ги потврди овие извештаи во времето на објавувањето.
Наводните разговори следат по преговорите меѓу претставниците на САД, Украина и Европа во Женева, Швајцарија, во врска со најновиот мировен план поддржан од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Планот, развиен зад затворени врати од специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и претставникот на Кремљ, Кирил Дмитриев, предизвика реакции во Украина и Европа поради одредбите за кои се смета дека се многу наклонети кон Москва. Планот бараше големи територијални отстапки, уставна обврска дека Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО и значително намалување на украинската армија.
Во своето вечерно обраќање на 24 ноември, претседателот Володимир Зеленски рече дека планот е намален од неговите првични 28 точки по разговорите во Женева и дека ревидираната верзија е повеќе усогласена со потребите на Украина.
Зеленски рече дека е потребна повеќе работа за финализирање на договорот и го опиша процесот како „многу тежок“.
М. Д.
















































