Хамас предложи ослободување на повеќе заложници според новиот договор за прекин на огнот во Газа, откако во саботата се одржаа нови преговори. Разговорите започнаа неколку часа откако израелската војска започна нова голема офанзива во Појасот Газа.
Хамас се согласи да ослободи девет заложници во замена за 60-дневно примирје и Израел да ослободи палестински затвореници, изјави палестински функционер за Би-би-си.
Неименуваниот функционер рекол дека новиот предложен договор ќе дозволи и влез на 400 камиони со помош дневно и евакуација на медицински пациенти од Газа. Израел, пак, побара доказ за живот и детални информации за сите преостанати заложници.
Новата рунда разговори за прекин на огнот се одржува преку катарски и американски посредници во Доха и започна во сабота попладне по локално време.
Израел сè уште не одговорил јавно на предложениот договор, но пред разговорите изјави дека нема да ги повлече трупите од Газа ниту да се обврзе на прекин на војната.
Би-Би-Си дознава дека предлогот нема да ги вклучува овие елементи.
Хуманитарните агенции велат дека тешката хуманитарна ситуација во Газа се влошила, бидејќи Израел веќе 10 недели го блокира внесувањето на храна и друга помош на територијата.
М. Д.