ДЕХРАН МУРАТОВ
Додека народот едвај ја преживува зимата, партиските и медиумските мегафони на власта се обидуваат (безуспешно) да нè убедат дека убаво се живее со 400 евра минимална плата. Нека пробаат еден месец. Со тие пари нека плаќаат сметки, нека школуваат деца, нека одат во државна болница или купуваат лекови. Нека живеат во мувлосани ѕидови, додека од удобни студија зборуваат за „стабилност“.
Еден граѓанин, додека снимавме анкета за ЦИВИЛ, одамна ја кажа суровата вистина: „Сиромав човек е како жив ѓавол“. Работи, плаќа, се снаоѓа, трпи – и полека исчезнува.
А елитата? Таа живее зад фасадирани ѕидови со пари. Со одлична звучна и топлотна изолација. Изолирани од реалноста, без слух за сиромашниот работник.
Изминува само еден месец од новата година и си велам: подобро да не дојдеше 2026. Дојде без милост за сиромашниот и напатен народ. Властa решително против покачување на минималната плата, како сиромаштијата да е идеолошка определба, а не сурова реалност. Минималецот закован на 400 евра, а струјата од овој месец – поскапена. Парното поскапе. Водата поскапе. Лековите, здравството – сè поскапе. Храната стана луксуз, греењето привилегија. Денес и умирањето е поскапо, како последна казна за тоа што си бил сиромав.
А оние 350.000 евра кај судијата – или како што велат, не биле негови туку на родителите – не се само скандал. Тие се иронија и отворено потценување на интелектот на граѓаните. Додека народот брои ситни денари за леб и сметки, некој ни продава приказни за заѕидани ѕидови и „ништо страшно“.
Ова не е економска криза. Ова е систем што ги брани парите, а ги гази луѓето. И сè додека 400 евра се прогласуваат за „доволни“, социјалната правда ќе остане само збор – празен, студен и далеку од животот.
Македонија, со ваква елитистичка власт, ќе остане социјална држава само на хартија.
А премиерот на „четвртата економска сила во светот“, наместо да добива невидливи громогласни аплаузи во Давос, за остварените средби со светските економски лидери, нека ги погледне огласите за работа во Хрватска, Словенија, Германија. Со ваков игнорантски однос и целосно отсуство на слух за реалните потреби на македонските работници, се плашам дека наскоро ни економските мигранти нема да доаѓаат и да сакаат да останат во Нашата земја.














































