Препознавајќи ја потребата од активно вклучување на сите засегнати страни во одговор на прашањата поврзани со клучните стратешки определби, процеси и настани во нашата земја, во комуникација и соработка со локалната власт, граѓанските здруженија и медиумите, особено во конекст на негувањето и промоцијата на европските вредности и мултикултурализмот, како и изборните процеси, хибридните закани и други важни прашања, ЦИВИЛ го одбележа месецот јуни 2021 со низа јавни настани на овие теми. Се дебатираше на неколку различни теми, како што е почитувањето и негувањето на мултикултурализмот, концептот „Едно општество за сите“, промовирањето на европските вредности кај младите, почитување на правото, недискриминацијата, еднаквоста, опасните дезинформации и хибридните напади и изборни реформи.
Во текот на јуни, тимот на ЦИВИЛ одржа и работни средби со претставници на локално и државно ниво, како и неколку интервјуа на темите.
2 ЈУНИ, ЈАВЕН НАСТАН: МОЖЕМЕ ЛИ ЗАЕДНО? СО ЛИСА БАУТА ШАЌИРИ, ВАНЧО ОРДАНОСКИ И ВЛАДАНКА ДИМКОВСКА
„Можеме ли заедно?“ е настанот на ЦИВИЛ што се одржа на 2 јуни 2021, на кој учесниците говореа за тоа кои се придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно. Учесници на панелот беа активистката Лиса Баута Шаќири, бизнисменот Ванчо Орданоски и актерката Владанка Димковска.
Настанот е дел од проектот „Направи разлика: Почитувај ги различностите“, кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
„Сметам дека различноста на работното место апсолутно придонесува за добросостојбата за секој бизнис“, посочи Ванчо Орданоски, бизнисмен во ИТ секторот.
„Во мојот матичен театар во кој што работам има албанска драма и има македонска драма, така што ние истите текстови ги правиме на различни начини и зборуваме за истите емоции на сцена и исто разбираме. “, изјави актерката Владанка Димковска на настанот.
„Различно реагираме на добри и различно реагираме на лоши нешта, и по тој пат учиме како да ги прифатиме различностите во себе во исто време учиме како да ги прифатиме туѓите различности“, вели активистката Лиса Баута Шаќири.
2 ЈУНИ, БРИФИНГ: РОБЕРТ АЛАЃОЗОВСКИ
Претставниците на ЦИВИЛ, во рамките на проектот „Европски перспективи (следно ниво)“, кој организацијата го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Федерална Република Германија, одржаа работен состанок (брифинг) и со Националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, посветен на Стратегијата „Едно општество за сите“, по што следеше и интервју.
Алаѓозовски го информира ЦИВИЛ дека Стратегијата останува меѓу врвните приоритети на Владата и ја потврди заложбата за соработка со граѓанското општество во унапредување и спроведување на Стратегијата „Едно општество за сите“.
11 ЈУНИ, ИНТЕРВЈУ: РОБЕРТ АЛАЃОЗОВСКИ
Тимот на ЦИВИЛ направи и интервју со Националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски на неколку тематски прашања кои се однесуваат на конкретни области на Стратегијата „Едно општество за сите“, за насоките во кои (ќе) се движи нејзината имплементација. Интервјуто со наслов „Обврска на секој политичар е да ја разбере и да ја имплементира Стратегијата Едно општество за сите“ беше објавено на 11 јуни.
„Оваа Стратегија е можеби една од најголемите препознатливости на нашата демократија, на нашето општество од 2017 година, кога се почна со нејзината подготовка, па сè до сега. Стратегијата во овој момент е на половина од својата имплементација“, вели меѓу другото Алаѓозовски во најновото интервју.
Ова интервју е дел од континуираниот мониторинг на ЦИВИЛ на спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“, како што беше и интервјуто објавено на 18 ноември 2020 година, под наслов „Негувањето на меѓуетничките односи нема алтернатива“.
3 ЈУНИ, БРИФИНГ И ИНТЕРВЈУ: МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ
ЦИВИЛ разговараше со градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски за локалните политики, граѓанското учество и придонесот на локалната самоуправа во Општина Куманово кон европските перспективи.
Работната средба и интервјуто со градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски кој се одржа на 3 јуни 2021 е дел од проектот „Европски перспективи (следно ниво)“, кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
„Општина Куманово е мултиетничка општина и ја претставува Македонија во мало. Живеат различни етнички заедници и сите имаат еднакви права и можности. Должни се да ги почитуваат законите на државата и да се водат по нив“, вели Димитриевски во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
8 ЈУНИ, ЈАВЕН НАСТАН: ЛЕПА ЏУНДЕВА, ТЕФИК МАХМУТ, САМЕТ ШАБАНИ
На 8 јуни, ЦИВИЛ организираше панел дискусија на тема: „Европските вредности – реална перспектива или недостижна цел?“, на кој учествуваа Лепа Џундева, новинарка во ТВ24 и уредничка на емисијата „Европат“, активистот Тефик Махмут и Самет Шабани, Хоризон Цивитас. Панелот го модерираше Дехран Муратов, ЦИВИЛ.
Како и каде се манифестира почитувањето на европските вредности кога се работи за креирање и спроведување на политиките и практиките на локално и национално ниво? Дали граѓанските организации доволно ги разбираат и ги негуваат европските вредности во своите средини и во интеракцијата со своите целни групи? Дали и како владеењето на правото се разбира и негува како една од основните европски вредности? Што се подразбира под изразот европски вредности, беа дел од прашањата на кои одговорија и дадоа свои мислења учесниците.
„Според она што го имаме во моментов како една слика е дека граѓаните сакаат да чекорат напред кон ЕУ но возот се движи бавно, не само во однос на политиките на ЕУ и аспирациите наши, туку и во однос на промените кои мора да почнат од самите нас“, истакна Лепа Џундева, новинарка во ТВ24.
“Тоа што се гради ѕид меѓу една етничка група не е во согласност со правниот поредок во државата и европските вредности. “, посочува активистот Тефик Махмут.
https://www.youtube.com/watch?v=ykGPJcNRiSg
Самет Шабани од Хоризон Цивитас смета дека граѓанското општество беше еден од главните столбови за промените во последните 7-8 години кога и почнаа првите чекори против тогашната власт, и од тука произлегува таа разлика и свесност и тоа што денес го нарекуваме европски вредности.
10 ЈУНИ, ЈАВЕН НАСТАН: БИЛЈАНА АРСОВСКА, АНДРЕЈ СТОЈКОСКИ, БИЛЈАНА СТОЈЧЕСКА
Колку младите се запознаени со европските вредности, дали нивното општествено –политичко опкружување отвора можности за промовирање и негување на европските вредности во нашата земја или уште повеќе ги охрабруваат за нивно заминување во странство, колку образовниот систем придонесува за европеизација на младите, постои ли европска иднина за младите во нашата држава, кои се искуствата да се биде млад овде и во некоја од европските земји, беа дел од прашањата на јавниот настан на ЦИВИЛ „Младите и европските вредности“, што се одржи на 10 јуни, како дел од проектот „Европски перспективи (следно ниво)“.
Учесници на панелот беа Билјана Арсовска, комуниколог и колумнистка во Фронтлајн.мк, Андреј Стојкоски од Национален младински совет на Македонија и Билјана Стојческа од Младински сојуз-Крушево.
„Младите луѓе веруваат во европските вредности и знаат што се европски вредности, ги применуваат тие вредности“, вели меѓу другото Андреј Стојкоски од Национален младински совет.
„Убедена сум дека прво треба тука да почнеме да се сакаме, да им покажеме на ЕУ дека сме спремни да не примат во својата кујна. Младите се двигатели на промените“, посочи Билјана Стојческа од Младински сојуз на Крушево.
„Сметам дека секој треба да појде од себе со позитивна мисла, дека на крајот на денот има можност да направиме нешто повеќе и да напредуваме, за да си обезбедиме една поздрава средина и поздрави можности“, изјави Билјана Арсовска.
16 ЈУНИ, ЈАВЕН НАСТАН: МАРЈАН ЗАБРЧАНЕЦ, АЛЕКСАНДАР ИЛИЕВ, ЉУПЧО СТОЈКОВСКИ, ВЛАДИМИР ПЕТРЕСКИ
Националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец, потполковник Александар Илиев, доцентот при катедрата за меѓународно јавно право, д-р Љупчо Стојковски и уредникот на Вистиномер и Критинк, е-изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески беа гости на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“, што се одржа на 16 јуни, како дел од проектот „Европски перспективи (следно ниво)“.
На овој јавен настан се говореше за хибридните закани, опасните дезинформациите и говорот на омразата кои имаат потенцијал да бидат закана за безбедноста и стабилноста на државата. Стана збор и за капацитетот на институциите за справување со злонамерните дезинформации и другите хибридни закани, како и за улогата на граѓанските организации и медиумите во оваа област.
Посебен акцент на овој јавен настан даде излагањето на Забрчанец, кој отвори перспективи за едно сосема поинакво гледање на хибридните закани.
„Мислам дека сите ние кои што застапуваме демократски вредности треба да обрнеме повеќе внимание на она „за“, за да охрабруваме, за да мотивираме, за да иницираме, за да ги охрабриме граѓаните да се приклучат на автопатот на одговорно комуницирање во јавноста, наспроти бавењето со оние мрачните, подземни тунели кои шират дезинформации за да предизвикаат штета во општеството“, изја ви националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец.
„Негирањето на дезинформација не е ефективен метод. Напротив, повторувањето е дури контрапродуктивно“, вели меѓу другото потполковник Александар Илиев.
„Има различни дефиниции за хибридни закани и хибридни напади, но тие вклучуваат не само дезинформации туку многу повеќе. Вклучуваат и пропаганда, шпионажа, саботажа и класични напади…“, посочи д-р Љупчо Стојковски.
„Повторувањето на вистинитите вести е клучно во борбата против дезинформации“, вели меѓу другото уредникот на Вистиномер и Критинк, е-изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески
ЦИВИЛ организираше јавен настан на тема „Колку сме еднакви?“ посветен на политиките и практиките за еднаквост, недискриминација и промовирањето на европските вредности во единиците на локалната самоуправа. Гостин на овие теми беше градоначалникот на општина Гостивар, д-р Арбен Таравари, кој воедно е и генерален секретар на Алијансата за Албанците.
„Децентрализацијата во Македонија започна во 2004, и заврши во 2006 година, и после тоа јас не знам дали е нешто екстра децентрализирано“, рече Таравари во делот од интервјуто за политиките и практиките за еднаквост, недискриминација и промовирање на европски вредности на локално ниво.
Гостувањето на д-р Таравари беше искористено и за интервју на политички прашања во кои тој изнесе жестоки обвинувања на сметка на владејачката коалиција.
„Резултатите од локалните избори ќе покажат дали следната година повторно ќе има избори или ќе се одржат во редовниот термин за две и пол години“, вели Таравари во политичкиот дел од интервјуто со наслов „ДУИ крадеше гласови на изборите, Груевски и Заев се исти“.
23 ЈУНИ, ЈАВЕН НАСТАН: БОЈАН МАРИЧИЌ, ДИТМИРЕ ШЕХУ, АРБЕР АДЕМИ, ХАЛИЛ СНОПЧЕ, ЏАБИР ДЕРАЛА
ЦИВИЛ одржа јавен настан на тема „Изборните реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици“ на 23 јуни, во рамките на проектот „Европски перспективи (следно ниво)“. Учесници на настанот беа Министерот за правда, Бојан Маричиќ, потпретседателка на Државна изборна комисија Дитмире Шеху, пратениците Халил Снопче од на Алијанса за Албанците и Арбер Адеми од ДУИ, и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. На конференцијата беа присутни и членовите на ДИК, Борис Кондарко и Бобан Стојаноски.
„Добар модел не е само политичко прашање. Тоа е прашање на морал, ако се има предвид дека преку изборниот модел ги преточуваме гласовите на граѓаните во нивни избраници, кои потоа треба да работат за нив, односно одговорно да ја вршат својата функција за која се изгласани и именувани“, изјави меѓу другото Министерот за правда Бојан Маричиќ.
„ДИК спроведе избори за време на пандемија и според извештаите на релевантните тела, има мал број на забелешки за одржување на изборите. ДИК донесе ценовник за медиумите, и тоа во краток рок кој не беше соодветен“, истакна Дитмире Шеху, потпретседателка на Државната изборна комисија.
„Кај нас проблемот е дали ќе има отворени листи, дали ќе се имплементира фингер принтот и како ќе биде поделбата на изборните единици“, вели Халил Снопче, пратеник во Собранието на РСМ и претставник на Алијанса за Албанците.
„Се залагаме за отворени листи за советници, тоа е тестирање на нашиот изборен модел кое ќе биде тест дали може да се имплементира и во парламентарните избори“, истакна Арбер Адеми, претставник на партијата ДУИ.
„Државата има обврска да обезбеди максимални услови за искористување на правото на глас на секоја граѓанка и секој граѓанин“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Во пресрет на локалните избори ЦИВИЛ ги повика своите членови, поддржувачи и учесниците на семинарите за граѓанско новинарство, набљудувачите на претходните изборни процеси, како и сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи.
Набрзо потоа, ќе се одржат и семинари за обука на набљудувачите. Во одговор на заинтересираните, од Организацијата нагласуваат дека сите набљудувачи на ЦИВИЛ се мобилни, односно дека секој набљудувач има обврска да покрие во просек десет избирачки места.
Во рамките на проектот „Европски перспективи (следно ниво), екипата на ЦИВИЛ на 22 јуни одржа работна средба со градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски. Екипата на ЦИВИЛ МЕДИА разговараше со градоначалникот Коцевски за локалните политики, граѓанското учество и придонесот на локалната самоуправа во Општина Велес кон европските перспективи и за борбата со хибридните закани.
„Секој во доменот на неговите надлежности или во доменот на неговите активности зависи кој од која позиција се наоаѓа е должен да прави максимум за прифаќање и споделување на европските вредности во нашето секојдневно живеење, како стил на однесување, како вистинска вредност“, вели градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски во интервјуто за ЦИВИЛ.
Екипата на ЦИВИЛ одржа инфо штандови во Велес и Кавадарци, каде што во директна комуникација со граѓаните го промовираше проектот, како и разговараше за европските вредности во овие општини.
29 ЈУНИ, ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ЦИВИЛ И ЈАВЕН НАСТАН: ВАЛЕНТИНА ДИСОСКА, АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ, ЏАБИР ДЕРАЛА, МИЛАН ПЕТКОВСКИ, НЕНАД ЈОВАНОВИЌ, СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ, МЕНДЕ ТРАЈКОВСКИ, АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
ЦИВИЛ одржа прес конференција под наслов „Отворено, за сите прашања“, на која претседателот на Организацијата Џабир Дерала соопшти неколку информации за проектните активности, како што е изборниот мониторинг и сите детали околу спроведувањето, го повтори повикот за краткорочни набљудувачи, и воедно соопшти дека повикот е продолжен до 10 јули на полноќ, како и за активностите на организацијата во рамки на тековните проекти како што е „Европски перспективи (следно ниво)“, со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, „Направи разлика, почитувај ги различностите“, со поддршка од Големото Војводство Луксембург, и проектот „Зелено општество за сите“ кое се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајринг Бел од Германија со регионална канцеларија во Сараево.
Претставници на граѓански организации на панел дискусијата зборуваа за јавната перцепцијата за граѓанските организации, каков е нивниот удел во политичките и општествените процеси, дали граѓаните ги доживуваат како „фолиранти“ или „прогресивци“, колку се транспарентни во нивната работа и низа други прашања што се однесуваат на улогата и придонесот на граѓанските организации во политички и општествен контекст, на јавниот настан на ЦИВИЛ „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“,
Овој настан е дел од програмата ЦИВИКА Мобилитас.
„Би сакал да споделам дека ова што ќе го видите сега во голема мерка го отсликува она што го следиме на социјални мрежи години наназад. Имаше и многу позитивни ставови и оценки и им благодарам на тоа. Негативните коментари можете да забележите дел од луѓето кои ги споделуваат предрасудите и стереотипите за тоа како и што претставува НВО, но мора да се каже дека еден дел од нив споделуваат критики кои како што велат „држат вода“, истакна претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?Најчесто погрешна бидејќи е сфатена од погрешна гледна точка! Улогата на Граѓанските организации е да бидат коректор на владата и да ги носат на прав пат општествено – политичките процеси и никако не треба да е водена од идејата да влезе во влада, тоа дефинитивно е погрешно поставен граѓански сектор!“, изјави Валентина Дисоска, претседателка на Здружение на бизнис жени.
„Да не беше тој граѓански сектор се уште низа села ќе немаа вода или се уште во Велес, Топилницата ќе беше загадувач или низа млади немаше да имаме можност да излеземе од државава и да бидеме дел од низа едукативни настани“, изјави Стевче Дечeв, од Фондација Импакт Нет.
„Треба континуирано да афирмираме граѓанското општество да биде општество за сите, отколку да биде граѓанско општество кој многумина го перципираат како одделни кружоци кои егзистираат сами за себе“, истакна м-р Милан Петковски, претседател на Македонско здружение за заштита при работа
„Јас би сакал накратко да кажам колку може граѓанскиот сектор да влијае на промените од лично искуство и од искуството на организацијата која постои веќе 20 години, низ пример од каде тргнавме од еден реален проблем на граѓаните на Македонија а тоа е функционирање на месна самоуправа во рамките на оние промени, како еден од многу важните сегменти на локалната самоуправа“, истакна Александар Николиќ Писарев на панел дискусијата.
„Ние сме невладина и непрофитна организација, на доброволна основа се со цел да помогнеме во опстојувањето и развојот на пчеларството. А пчелата, мислам дека сите треба да знаат колку ние важна во самото опстојување на растителниот и животинскиот свет, како и во консумирањето на здрава храна“, истакна Менде Трајковски од Совет на пчеларско здружение Македонија.
„Во коментарите на почетокот кој ги покажа Џабир, се работи во коментарите за купишта предрасуди кои виреат околу невладините организации. Сите се погрешни, табуизирани, се стереотипизирани, и ми се чини и во голема мера тоа доаѓа и од самите локални самоуправи и доаѓа од традиција дека невладините организации се некои сомнителни организации кои перат пари. Тоа е најлесната дефиниција да се фрли за граѓанското општество, и дека тоа се слуги на империјалниот капитализам“, истакна меѓу другото Ненад Јовановиќ.
Буџетите на сите невладини заедно се од прилика од 90 до 130 милиони годишно во Македонија. Тоа е сконцентрирано до околу 300, 400, 500 организации кои имаат над 2.5 илјади евра приходи кои така ги пријавуваат, ама голем број од граѓански организации околу 6.5 ијлади со се тие неизбришаните од претходниот закон, вкупно 15 илјади немаат средства, не располагаат со големи пари, односно функционираат на принцип на членарини и слично“, изјави меѓу другото директорот на МЦМС, Александар Кржаловски.
Во напорите да се придонесе кон запознавање, мотивирање и мобилизирање на општеството на сите нивоа и во сите сектори, ЦИВИЛ продолжува со активности на теренот и во наредните месеци. За сите активности на ЦИВИЛ можете да се информирате на медиумската платформа на Организацијата ЦИВИЛ МЕДИА, како и на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Дијана Тахири / екипа ЦИВИЛ












