ДРАГАН МИШЕВ
Денес е 1 мај, Меѓународен ден на трудот. Во повеќето земји се одбележува со масовни работнички протести за сé уште неостварените работнички права. Обид да бидеме дел од светското работничко движење за унапредување на работничките права има и кај нас.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), по вчерашниот повик денес го одбележува Меѓународниот ден на трудот со синдикален протест во Скопје, барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.
Од друга страна, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) реши дека нема потреба од протест, според претседателот Благоја Ралповски, во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите секогаш се решаваат на маса.
Освен кога не се решаваат. И тоа во континуитет.
Се чини дека повеќето работници, и поголем број неработници, решија да го послушаат претседателот на КСС, и задоволни од остварените работнички права, висината на платата(не покачена), условите за работа, решија да го прослават денот на „добриот социјален дијалог со власта и работодавачите“ опуштено, со скаричка и завидна количина пијалоци (алкохолни, и нешто помалку без-алкохолни).
И тука со една разлика. Оние умерено до средно задоволни, кои ќе мора утре да се вратат на работа, скарите ги распалија во природа, под мост покрај река, во шумичка (местата на одржување на првоаприлските баханалии уште долго ќе останат мапирани со купишта отпад, пластични шишиња, изгорен ќумур, ќеси и останато органско и неорганско ѓубре),
Оние позадоволните и најзадоволните, кои си го споија празникот во продолжен викенд, уште од вчера во километарски колони се упатија кон граничниот премин Богородица-Евзони, да ги пробрчкаат ноџињата во егејското море уз узо, гиро, суфлаки, ѕаѕики, каламари, а ќе падне и шопинг во Космос.
Епа Македонче, епа среќен 1-ви мај