Крајно време е Република Северна Македонија да започне ефикасно гонење за сите напади врз Бугарите во земјата, реагира бугарскиот претседател Румен Радев по физичкиот напад во Скопје врз новинарот Владимир Перев, кој е дел од бугарската заедница во Македонија.
Според Радев, брзата и ефикасна истрага за ваквите случаи е единствениот начин земјата да напредува на европскиот пат.
„Многу јасно им кажав и на претседателот и на премиерот дека случајот со Владимир Перев е добра прилика конечно да се започне со ова, бидејќи и мотивот и сторителот се јасни“, истакна Радев.
И покрај прозивките на Радев, официјален став од претседателката Гордана Силјановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски за инцидентот засега нема.
Пензионираниот новинар и публицист Владимир Перев (80), деклариран Бугарин од Македонија, објави дека бил вербално и физички нападнат во маркет во Скопје. Според неговата колумна на „Трибуна.мк“, нападот го извршил маж на околу 40 години кој заедно со него чекал на каса.
Перев вели дека непознатиот маж почнал да му се дере со навреди „да си оди во Бугарија“, дека ќе го „убие“ ако зборува за Македонија и го нарекувал „фашист“. Напаѓачот, вели тој, го удрил и му ги скршил очилата. Откако Перев се обидел да се одбрани со чадор, напаѓачот почнал да глуми жртва, но двајца купувачи го предупредиле да престане.
Случајот го пријавил во полиција и стапил во контакт со бугарската амбасада во Скопје, од каде добил поддршка. Инцидентот го осуди и бугарското Министерство за надворешни работи, кое оцени дека нападот е „чин на насилство и омраза против Бугарите во земјата“.
„Европскиот пат на Северна Македонија бара совесно спроведување на европскиот компромис од 2022 година, вклучително и гарантирање на правата на македонските Бугари“, стои во реакцијата на МНР на Бугарија.
Македонското МНР исто така го осуди нападот, барајќи брза и транспарентна постапка за утврдување на одговорноста, објави ТВ 24.
„Насилството не е прифатлив модел за решавање на недоразбирања, независно од етничката, верската или политичката припадност. Македонија останува пример за почитување и заштита на правата и слободите на сите граѓани, вклучително и на малцинствата и на новинарите“.
Реакција стигна и од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој испрати писмо до Европскиот парламент и Европската комисија, критикувајќи ја Европа дека молчи пред нападите врз Бугарите во Северна Македонија. Тој поднесе и пријава до Окружното обвинителство во Софија.
„Бугарската држава е должна да истражува, гони и казнува злосторства против бугарски државјани извршени во странство. Затоа поднесов пријава за нападот врз Перев, извршен од национална омраза, со особена дрскост и грубо кршење на јавниот интерес“, нагласи Џамбаски.
Од МВР го потврдија настанот и информираа дека работат на целосно расветлување на случајот.
ЦИВИЛ остро го осудува физичкиот напад врз новинарот Владимир Перев, кој претставува сериозен акт на насилство и говор на омраза заснован на етничка припадност
Овој инцидент е алармантен потсетник дека во нашето општество сè уште постојат поединци кои се обидуваат да ја поткопаат демократијата, човековите права и слободата на изразување преку насилство.
ЦИВИЛ бара од МВР и надлежните институции итно, темелно и транспарентно да го истражат случајот и да обезбедат санкции за сторителите. Непостапувањето или одолговлекувањето би испратило опасна порака дека насилството врз новинари и врз припадници на заедниците може да остане неказнето.
Воедно, апелираме до политичките актери, медиумите и јавните личности да се воздржат од реторика што поттикнува омраза или создава атмосфера во која вакви напади стануваат редовна појава.
Секој напад врз новинар е напад врз слободата на медиумите, а секој напад мотивиран од етничка омраза е удар врз темелните демократски вредности!
ЦИВИЛ останува посветен на заштита на човековите права, слободата на медиумите и општеството ослободено од омраза и насилство.
Д. Муратов
















































