Единица на руската надворешна разузнавачка служба SVR разгледувала сценарио за инсцениран атентат врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, со цел да се влијае врз исходот од парламентарните избори закажани за април 2026 година, објави The Washington Post.
Според интерен документ, чија автентичност ја потврдила европска разузнавачка служба, планот бил означен како „Gamechanger“ и имал за цел да ја пренасочи изборната кампања од економски и социјални теми кон емоционални прашања поврзани со безбедноста и стабилноста на државата.
Во документот се наведува дека руските оперативци процениле дека јавната поддршка за Орбан значително опаѓа. Дури 52,3% од гласачите изразиле незадоволство од состојбите во земјата, вклучително и во руралните средини – традиционално упориште на владејачката партија Фидес.
Целта на предложената операција била, како што се наведува, да се „измести кампањата од рационалната сфера кон емоционална“, каде доминантни теми би биле националната безбедност и заштитата на политичкиот систем.
Нема информации дека ваков напад бил реализиран. Кремљ преку портпаролот Димитри Песков ги отфрли наводите како „дезинформации“.
Според извештајот, Москва веќе спроведува активности за поддршка на Орбан. Европски безбедносни претставници тврдат дека про-кремљовска кампања на социјалните мрежи го промовира Орбан како единствен гарант за унгарскиот суверенитет.
Извештајот посочува и на долгорочни врски меѓу Будимпешта и Москва. Според европски извори руски хакери продреле во мрежите на унгарското МНР, министерот Петер Сијарто редовно комуницирал со Сергеј Лавров за време на состаноци на ЕУ и од почетокот на воената агресија во 2022 година во Украина, Сијарто имал 16 посети на Москва.
извор: Euromaidan press
Подготви: Б. Ј.













































