Владата го намали ДДВ за горивата од 18% на 10% како итна мерка за справување со растот на цените предизвикан од кризата на Блискиот Исток. Мерката ќе важи две недели и има за цел да спречи нов инфлаторен удар врз граѓаните и економијата.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека без оваа интервенција дизелот би поскапел за над 10 денари по литар. Со новата одлука, цените на бензините се очекува да останат стабилни, додека дизелот ќе поскапи умерено, за околу 3 до 3,5 денари.
Пониските цени веќе привлекуваат странски возачи, што ја зголеми потрошувачката за околу 9 проценти, особено во пограничните региони. Сепак, властите уверуваат дека нема ризик од недостиг и засега не се планираат ограничувања.
Паралелно, државата се потпира на домашното производство на електрична енергија и резервите за да спречи поскапување на струјата. За таа цел се користат капацитетите на РЕК Битола и ресурсите на ЕСМ.
Мерката ќе го чини буџетот околу 3 милиони евра за две недели, но од Владата ја оценуваат како неопходна за одржување на економската стабилност. Доколку кризата продолжи, можно е да следуваат и дополнителни интервенции, како намалување на акцизите или ограничување на маржите.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека оваа мерка е задоцнета и половична и нема да донесе реално олеснување за граѓаните. Предлогот на СДСМ е укинување или значително намалување на ДДВ за основните прехранбени производи. Во спротивно цените ќе продолжат да растат, а животниот стандард ќе продолжи да паѓа.













































