ДЕХРАН МУРАТОВ
По кратка постапка да се решат Ромите – од Вардариште во логорите на смртта! На Хитлер не му успеа да ги уништи сите Роми, можеби на Стојанче ќе му успее, еве, нека проба. И така институциите молчат како и неговите ромски коалициони партнери во власта мудро „не слушале ништо“ сега пред избори да не си ја нарушат комоцијата.
Кога државен функционер јавно повикува на „агресивна реакција“ и „присилно селење“ на Ромите од Вардариште, тоа не е само скандалозна изјава – тоа е предупредување и потенцијални дела од омраза. Таа реторика е одек од најмрачните страници на историјата, кога цели заедници биле прогласувани за проблем кој треба да се „реши по кратка постапка“.
Срамот е уште поголем затоа што двајца министри-Роми во Владата, Неждет Мустафа и Шабан Салиу – одбираат молк наместо гласна реакција. Молк пред навреди и закани за нивниот народ. Молкот е соучесништво! Молк кој е подеднакво опасен како и изјавата на Ангелов.
Да се зборува за „присилна селидба“ значи да се нормализира насилство врз најмаргинализираните. Денес е Вардариште. Утре кој? Овој јазик отвора врати кон дискриминација, гетоизација, па дури и етничко чистење. Ваквиот јазик ги охрабрува нео-нацистите и расистите да се „самоорганизираат“ и да ги нападнат Ромите, и не само во Вардариште.
Историјата нè научи дека логорите и масовните прогонства почнале со еден „мал предлог“. Ако денес премолчиме, утре ќе биде доцна! А јас нема да молчам на системската неправда! Нема да молчам бидејќи 200 Роми во Вардариште не се само бројка и парче месо, тие се луѓе како сите други во државата.
Во едно ќе се согласам со Стојанче, а тоа е дека под итно и по кратка постапка треба да им се обезбеди достоинствен живот, дом и работа. Наместо закани, државата може, и мора да им даде социјални станови или привремени објекти за живеење, како што се контејнери прилагодени за живеење како што се направени за бездомниците во Визбегово. Да се вработат работноспособните лица, за да не мора државата да носи работници од Непал, на пример. Ако можеше државата да ангажира 400 привремени пожарникари, можеше и 30 Роми од Вардариште да ги вработи. Тогаш ќе гасеа пожари – наместо да бидат обвинети дека палат.
Со систематско решение на Ромите во Вардариште, ќе се реши децениски проблем во Скопје.