Комуналниот работникот експресно доби „метла“ од работа, бидејќи фрлаше ѓубре во Вардар, наместо во канта и на тој начин ја загади реката. А, дали чувте некој да биде казнет или отпуштен од работа, за загадувањето и за тоа што Вардар повеќе наликува на мочуриште отколку на река, поради изградбата на „галиите“, за оние неколку нови мостови и едно започнато, а неизградено Панорамско тркало (на тоа место се доградува нов мост), прскалките или фонтаните кои не работат повеќе, или оние три жални врби од 250 ијлади евра…? Не чув ниту јас!
Ако е според закон, не само отказ, туку и затворска казна може да му одредат на метлачот за тоа што ја загадувал животната средина. Меѓутоа, дали некој министер ќе понесе одговорност за тоа што во текот на зимскиот период граѓан(к)ите се гушат од загадениот воздух, или дали некој градоначалник, директор или заменик, сеедно, ќе добие отказ за тоа што на секој чекор во Скопје (и другите градови) има мини депонии?
Безгрешните директори, кои добија и заменици, поради „обемните“ обврски, дали воопшто размислија дека тој комунален работник има семејство кое најверојатно зависи само од неговата минимална плата, оти тој не е член на разно-разни комисии од каде што може да има дополнителен хонорар?!
Можеше, на пример, да му се скрати некој процент од платата, тоа ќе беше повеќе од голема казна за него, бидејќи секој денар му е важен на тој работник. После таа мерка, верувам дека тој ќе беше највнимателниот работник, оти секој денар му е неопходен за преживување.
Пред извесен период, разговарав со едни другари кои решија да заминат од „безгрешна“ Македонија во некоја „грешна“ европска држава, дека тамошните комунални работници земаат дополнителна плата за тоа што работат „понижувачка“ работа, односно им се плаќа за срамот.
Се прашувам – Кога нашите комунални работници некој ги наградил со нешто за тоа што ни го чистат ѓубрето? Останува дилемата, дали комуналниот работник ќе фрлеше ѓубре во реката Врадар доколку „совесните“ граѓани не расфрлаа(т) ѓубре насекаде?
Оваа власт е препознатлива по добродушноста и широкоградноста и сведоци сме дека им се даде втора, па и трета и четврта шанса на еден куп луѓе, меѓу кои и обвинетите од 27 април. И не само шанса и слобода, туку и плата, и други бенефиции (членови во комисии, патувања, тендери, посета кај Папата, ифтари…)
Па што ќе ги чини ако му дадат втора шанса и на тој комунален работник?
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.