На ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Зошто Мицкоски сака да ја укине преодната (Пржинска) влада? што ЦИВИЛ го постави на социјалните мрежи се појавија бројни реакции, со спротивставени ставови, критики и сомнежи за политичките мотиви зад оваа иницијатива.
Дел од граѓаните сметаат дека укинувањето на техничката влада е обид за целосна контрола врз изборниот процес:
„Сега кога е апсолутен господар во државата, сака да се осигура дека ќе има контрола врз изборите и нивните резултати.“
„Пржинската влада е воведена токму поради злоупотреби на институциите. Истите тие што беа причина за нејзино создавање, сега бараат да се укине.“
Други потсетуваат на контекстот во кој беше воспоставен овој модел на владеење:
„Прво да се запрашаме зошто е воведена Пржинската влада – поради апсолутизмот и партизацијата на државата. Без тие причини, немаше ни да постои.“
„Таа беше механизам за контрола на изборите во услови кога институциите беа заробени.“
Има и реакции во кои се изразува недоверба дека без техничка влада може да се гарантира фер изборен процес:
„Без оваа влада, постои ризик од изборни нерегуларности – и за време на кампања и за време на изборен молк.“
„Да не се заборави – таа беше воведена за да спречи местење избори.“
Од друга страна, дел од коментаторите сметаат дека моделот е надминат и непотребен:
„Пржинската влада е симбол на незрело општество. Време е да се оди со редовен мандат – четири години, па избори.“
„Ја комплицира состојбата во државата и создава дополнителни политички тензии.“
Некои предлагаат и алтернативни решенија, повикувајќи се на искуства од други земји:
„Можеби решение е т.н. службена, партиски неутрална влада како во Бугарија, со ограничен мандат до изборите.“
Во дел од реакциите се појавуваат и поостри, сатирични или радикални ставови, кои укажуваат на длабокото незадоволство и недоверба во политичкиот систем:
„За да може без контрола да се спроведуваат изборни нерегуларности.“
„Демократијата е компромитирана од пропаганда и влијание на капиталот.“
Целокупната дебата покажува дека прашањето за укинување на Пржинската влада не е само техничко, туку отвора суштински дилеми за довербата во институциите, изборниот процес и зрелоста на демократскиот систем во земјата.
Б. Ј.










































