Пишува: Војо Маневски
Кога веќе го поставив насловот се сетив на една телевизиска серија од пред половина век во која партизаните победуваа баталјон на бугарска војска која во овие краишта била „административна единица“. Во идеолошката или историската вистина не влегувам, затоа што тоа кај нас е како минско поле со стотина нагазни мини, а вистината е оставена на стрип мајсторите. Ми остана во сеќавање сцената каде еден од актерите кој се врати по капата (титовката) која му падна при стратешкото повлекување. И се разбира враќајќи се по симболот на идентификација беше ранет, а почина гледајќи партизански театар.
Знам дека сето тоа денес изгледа како цртан филм за јунаците од Холивуд, ама за генерациите што го градеа својот светоназор во таа приказна, тоа беше нивна вистина, а тоа што го гледаа во стриповите за Блек или Челичното момче (Супермен) беше забава. Се разбира и тогаш имаше разлика. Имаше читатели кои ги читаа текстовите во облачињата над сликите и оние што само гледаа слики. Изгледа ова е време на оние што сѐ разбраа само гледајќи слики.
И каква врска има штипскиот пазар со стриповите од пред половини век?
Баш никакава што би рекол татко ми Никола. Сега сме сите изедначени и обезличени и сите сме на пазар.
Пазарен ден во Штип е петок. Има градови каде пазарниот ден е во друг седмичен ден ама за нас штипјаните петок и пазарниот ден се исто како понудата од нашите политички партии. Штом е петок оди на пазар и ке видиш што и по која цена се продава. Лагата е во пакувањето, а ја осознаваме кога ќе дојдеме од пазар.
За цените ќе пишувам следниот петок ама морам да ви го пренесам мислењето на еден почитуван продавач на зеленчук. Не умеам да ви го опишам неговиот струмички „литаратурен“ говор затоа што кирилското писмо е немоќно пред богатството на дијалектот, ама од прилика вака звучеше.
– Братче за ваа цена у маркетите ке платеш повеќе, а треба да платат господата што не доаѓаат на пазар. Тука може да им дадат и полоша и поскапа стока, ама таму е по господски.
Кој е во која бајка на денешнината не знам ама изгледа сите сме на пазар и тоа по цена на маркетите. Со мала разлика што за граѓаните останува цената на пазарите и тоа на некласифицирана стока без разлика каде пазаруваат. За модата на пазарниот ден во Штип во следниот текст, ако успеам да си купам пет пара чорапи за сто денари.
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА










































