Во современото општество, јавниот дискурс сѐ почесто наликува на арена во која брзината на реакцијата ја победува тежината на аргументот. Живееме во време на хиперпродукција на информации, каде што јавниот простор се стеснува на дневнополитички импровизации, сензационализам и површни толкувања на длабоки структурни процеси.
Набљудувајќи ја оваа состојба, мојата основна намера изминатиов период беше нешто сосема поинакво: не да бидам само уште еден глас во медиумската врева, туку системски да придонесам кон проширување на аналитичката и интелектуалната понуда во македонскиот јавен простор.
Од ноември до денес објавив повеќе од четириесет колумни. Овој интензитет на објавување воопшто немаше за цел да го презасити читателот со информации, туку произлезе од едно длабоко чувство на општествена одговорност. Имено, комплексноста на времето во кое живееме и тежината на прашањата кои се предмет на мојот професионален интерес, едноставно наметнаа обврска навремено и континуирано да укажувам на одредени клучни процеси. Затоа, ниту една од овие колумни не беше замислена како изолиран текст или рефлексна реакција на дневните вести. Напротив, тие претставуваат обид за градење на еден континуиран аналитички наратив чија крајна цел е пред сѐ – едукативна. Сметав дека на нашата јавност ѝ е очајно потребен поинаков пристап, пристап кој ќе понуди широк контекст и алатки за дешифрирање на сложените процеси што секојдневно го обликуваат нашиот живот.
Оваа едукативна мисија се фокусираше на три клучни нивоа на дејствување: национално, регионално и глобално. Светот денес се наоѓа во фаза на геополитичка транзиција и тектонски поместувања. Безбедносните, политичките и социолошките динамики се испреплетени до тој степен што ниту еден локален настан не може да се разбере надвор од глобалната слика. Кога пишував за меѓународните односи, целта ми беше да покажам како макро-политичките промени – кризата на мултилатерализмот, новите форми на хибридни закани или прераспределбата на моќта меѓу големите сили – директно се рефлектираат врз стабилноста на Балканот и, конечно, врз нашата национална безбедност и општествена кохезија.
Од друга страна, се посветив и на социолошките динамики и кризата на современото владеење. Ние се соочуваме со ерозија на довербата во институциите, поларизација и системски слабости во управувањето со ризици од катастрофи – области кои бараат сериозна деконструкција на постоечките политички наративи кои честопати се користат само за дневнополитичка манипулација. За да се разберат овие кризи, не е доволно само да се констатираат последиците. Потребно е да се навлезе во нивниот корен.
Токму затоа, методологијата зад овие текстови се темели врз три столба: теоретски пристапи, конкретни историски паралели и конзистентна аргументација. Теоријата не е само апстрактен академски концепт затворен во универзитетските амфитеатри; во овие анализи таа е леќа низ која го изоструваме погледот кон реалноста. Кога користиме теоретски рамки од меѓународните односи или политичката социологија, ние всушност внесуваме ред во хаосот од информации. Историските паралели, пак, ни служат како потсетник дека иако историјата не се повторува идентично, таа честопати римува. Преку анализирање на минатите кризи, можеме да ги препознаеме шемите на однесување на државите и лидерите денес.
Но, притоа мора да бидеме исклучително внимателни овие паралели да не нѐ вовлечат во стапицата на историцистичката заблуда. Препознавањето на обрасците од минатото не смее да се претвори во фаталистичко верување дека општеството се движи според неизбежни, детерминистички закони кон некоја однапред одредена цел. Таквиот пристап е опасен бидејќи ја поништува слободната волја, ја брише моралната одговорност на поединецот и создава лажна претстава дека политичките процеси се механички и незапирливи – со што честопати се легитимираат авторитарни практики под изговорот на „историската нужност“. Анализата на минатото треба да ни послужи како предупредување, а не како идеолошко пророштво. Токму затоа, засновано на овие аргументи, мора да прифатиме дека историјата не ни овозможува конкретен увид или прецизно предвидување за иднината, туку исклучиво компас за можните последици доколку ги повториме истите системски грешки.
Ваквиот пристап не е нешто што може да се импровизира. Зад овие анализи стои повеќегодишна академска и професионална посветеност – области што ги истражувам и изучувам повеќе од две децении, од студентските клупи, преку асистентската работа, сѐ до денес како универзитетски професор. Интелектуалната одговорност на академијата е токму таа: да не остане изолирана во своите објавени трудови кои никој не ги чита, туку научното и аналитичкото знаење да го доближи до граѓаните на разбирлив, но строго аргументиран начин. Општество во кое граѓаните ги разбираат структурните причини за кризите е општество отпорно на манипулации и популизам.
Во овој контекст, често се присетувам на една силна метафора што ја раскажува актерот Том Харди за момче заглавено во надојдена поплава. Додека водата незапирливо се крева и се заканува да го потопи, момчето сфаќа дека единствениот начин да преживее е да се ослободи од сиот товар што го влече надолу. Оваа метафора совршено ја опишува состојбата на нашиот јавен простор денес. Ние сме поплавени од дезинформации, површност и брзи заклучоци. За нашето општество да преживее и да се развива во овој комплексен век, ние мораме итно да се ослободиме од багажот на интелектуалната мрзливост, непрофесионалноста и ерозијата на вредностите.
Во дигиталната ера, технолошките алатки и вештачката интелигенција овозможуваат лесен пристап до информации и брзо стилско обликување на текстовите. Но, вистинскиот предизвик не е во формата, туку во суштината. Кога јавниот простор ќе се навикне на рециклирање идеи без нивно суштинско разбирање, општеството запаѓа во состојба на илузија на знаење. Вистинската анализа не е пуста репродукција на нечија туѓа теза. Таа подразбира капацитет таа идеја да се објасни, да се постави во поширок теоретски и историски контекст, да се брани со издржани аргументи и да преживее сериозна, критичка дебата. Ако ја изгубиме способноста за генерирање оригинална мисла, остануваме без автентична дебата и без компас за иднината.
Ова не е прашање на лични суети или авторски права над мислите. Ова е фундаментално прашање за здравјето на нашата демократија и нашата јавна сфера. Градењето на вистинска аналитичка култура е заедничка одговорност. Таа одговорност лежи кај авторите да понудат квалитет, кај медиумите и уредниците да препознаат и негуваат длабочина наместо кликбејт површност, и кај самата публика која треба да бара повеќе од својата интелектуална елита.
На самиот крај, мојот мотив останува непроменет: длабоко верувам дека на македонскиот јавен простор денес му е потребно повеќе аналитичка длабочина, повеќе интелектуална чесност и храброст за автентична мисла. Само преку сериозна анализа, отворена критичка дебата и длабока почит кон знаењето, можеме да ги разбереме предизвиците пред кои сме исправени и да спречиме нашето општество да остане трајно заглавено во сопствената интелектуална стагнација. Тоа е долг процес, но е единствениот пат кон создавање на зрела, свесна и отпорна нација.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА
Проф. д-р Александар Иванов е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопјe, специјализиран за безбедност на животната средина, меѓународни односи и трансформација на безбедносната наука во оперативна реалност.












































