Топ 5 вести од земјата
Милановиќ: Од Копенхаген до Кластер 6
Посетата на претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, на Хрватска, според заедничките изјави, беше обележана со критики кон ЕУ и застојот на европскиот пат на земјата.
Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, по средбата со својата гостинка, изјави дека ЕУ „постојано ги менува условите“, барајќи од Скопје отстапки и за историјата, јазикот и идентитетот – надвор од Копенхашките критериуми. Има живот и без ЕУ, и тоа успешен и достоинствен“, рече тој меѓу другото.
Тој предупреди дека процесот повеќе не е предвидлив, туку политички, оставајќи простор за блокади и притисоци, и додаде дека секоја земја мора да одлучи дали членството го сака „по секоја цена“.
Остриот тон на хрватскиот претседател се вклопува во неговиот подолгорочен критички однос кон ЕУ и НАТО. Во овој контекст, тој ги поистовети Копенхашките критериуми со условите од Кластерот 6 – Надворешни односи, кои подразбираат решавање на сите билатерални спорови со соседите.
Семејното насилство расте, државата доцни
Бројот на случаи на семејно насилство расте, а институциите дури сега признаваат дека проблемот е сериозен. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави законски измени, посочувајќи дека пријавите веќе се бројат во десетици за само неколку дена.
Но податоците покажуваат дека алармот одамна е вклучен – десетици пријави неделно, илјадници случаи годишно и веќе неколку фемициди во 2026.
И покрај тоа, клучните мерки доцнат: измените за електронско следење на сторителите не беа усвоени, а системот останува недоволно екипиран и нефункционален.
Заклучокот е јасен: насилството не расте од вчера – реакцијата на државата доцни со години.
Ревизија: Спорни 2,1 милион евра во работата на ДИК за изборите 2024
Државниот завод за ревизија откри сериозни нерегуларности во работењето на ДИК за изборите во 2024 година, за кои биле потрошени околу 23 милиони евра.
Според извештајот, најмалку 2,1 милион евра биле незаконски пренасочени кон платено политичко рекламирање, спротивно на Изборниот законик.
Ревизијата утврди и набавки без тендери, нецелосна документација, рачна обработка на исплати и сериозни организациски пропусти, вклучително и немање услови за чување на доверлив изборен материјал.
Извештајот укажува на системски слабости и ризици за транспарентноста на изборниот процес.
Радио Слободна Европа на македонски ќе престане со работа на 31 март
РФЕ/РЛ го затвора македонскиот сервис на 31 март. Затворањето на македонскиот сервис на Радио Слободна Европа/Радио Либерти (РФЕ/РЛ) е директна последица на политиката на Белата куќа под водство на Доналд Трамп, која предвидува намалување на финансирањето за меѓународни медиуми.
Клучниот момент беше извршната наредба од пред една година, со која се суспендираше финансирањето на Агенцијата на САД за глобални медиуми (USAGM), што директно ги погоди РФЕ/РЛ, Гласот на Америка и низа други медиуми.
Извршниот директор на РФЕ/РЛ, Стивен Капус, ја потврди одлуката, наведувајќи ја „буџетската состојба“ како причина.
Овој потег е дел од поширок тренд на повлекување на американската поддршка за меѓународни медиуми, во време на засилени дезинформации и хибридни влијанија.
Марија Митевска за Трн.мк: Автоцензурата е најтивката закана
Марија Митевска од „Еднаква“ во интервју за Трн.мк алармира дека 80% од новинарките се соочуваат со онлајн вознемирување, при што автоцензурата и нормализацијата на нападите стануваат најопасни последици.
„За жал, во последниот период, со оглед на тоа дека сè повеќе луѓе се присутни во интернет-просторот, онлајн вознемирувањето се зголемува. Тоа не го покажуваат само анкетите – искуството на новинарките и медиумските работнички јасно го потврдува тоа и станува секојдневие кое влијае врз нивната работа“, вели Митевска за Трн.мк.
ТОП 5 анализи на ЦИВИЛ: Регион и геополитика
Најновите лажни наративи на Кремљ: Енергијата како оружје, дезинформациите како фронт
Разобличување на координирана кампања што ја претставува Украина како „несигурен партнер“ со цел поткопување на европската солидарност.
Анализа од Џабир Дерала
Израелски стручњаци за валкани операции против либерална Словенија
Анализа на наводно странско влијание во изборите во Словенија и улогата на политички консултанти во кампањите.
Анализа од Љубомир Костовски
Изборите во Словенија и Балканскиот коридор на дезинформации
Хибридни операции, координирани наративи и транснационални мрежи што влијаат врз изборите во регионот.
Анализа од Џабир Дерала во соработка со ЦХТМ, дел 1 и 2.
Како Европа да седне на „високата маса“ на новиот поредок?
Историска и геополитичка анализа за позицијата на Европа во новиот глобален баланс.
Анализа од Александар Иванов.
Како функционира руската дигитална операција за влијание врз изборите во Унгарија
Преглед на методите на дигитално влијание и хибридни операции во европските изборни процеси.
Анализа од Џабир Дерала и ЦХТМ
Ова се темите што ќе го одбележат денот. Зад бројките и изјавите стојат процеси што ќе се развиваат понатаму, со реални последици за јавниот простор и демократијата. Ќе продолжиме да ги следиме и анализираме.
Б. Јордановска













































