Сведоци од различни делови на Иран опишуваат насилна и координирана акција на безбедносните сили против антивладините протести што избувнаа низ целата земја поради влошената економска состојба,се наведува во статија на Би-Би-Си.
Омид, демонстрант во раните четириесетти години од мал град во јужен Иран, за Би-Би-Си изјави дека безбедносните сили пукале директно кон невооружени демонстранти со автоматски пушки од типот „калашников“. Зборувајќи со треперлив глас и под услов на анонимност, тој рече дека луѓето паѓале мртви таму каде што стоеле.
„Со голи раце се бориме против брутален режим“, вели тој.
BBC доби бројни, меѓусебно усогласени сведоштва кои опишуваат ист образец на насилство во градови низ целата земја. По ескалацијата на протестите минатата недела, властите го прекинаа интернетот, што дополнително го отежна независното известување. Инаку, BBC Persian има забрана за работа во Иран.
Еден од најмасовните бранови протести се случи во четвртокот, дванаесеттата ноќ на демонстрациите, откако на протести повика Реза Пахлави, синот на последниот ирански шах. Следниот ден, врховниот лидер Али Хамнеи изјави дека „Исламската Република нема да отстапи“. Според сведоци, токму по таа изјава започнало најжестокото крвопролевање.
Во Техеран, демонстрантите го опишуваат градот како бојно поле. Една млада жена рече дека четвртокот бил „како судниот ден“, со протести дури и во населби каде тоа никогаш не се случувало. Во петокот, вели таа, безбедносните сили „само убивале и убивале“, по што многумина се повлекле во своите домови и скандирале од улички и станови.
Сведоци од Фардис, западно од Техеран, изјавија дека припадници на паравоената формација Басиџ одеднаш се појавиле по часови без полициско присуство и почнале да пукаат со вистинска муниција. Наводно, неозначени возила влегувале во маала и пукале кон жители кои воопшто не учествувале во протестите.
„Во секоја уличка умираа по двајца или тројца“, изјави еден сведок.
Меѓународните медиуми не можат слободно да работат во Иран и најчесто се потпираат на организации за човекови права надвор од земјата. Според организацијата Iran Human Rights, најмалку 648 демонстранти биле убиени, меѓу нив и девет деца, но сведоци тврдат дека вистинската бројка е многу поголема. Од Би-Би-Си велат дека не можат независно да ги потврдат овие податоци, а иранските власти не објавуваат официјални и транспарентни бројки.
Од друга страна, иранските државни медиуми тврдат дека околу 100 припадници на безбедносните сили биле убиени и ги обвинуваат демонстрантите – кои ги нарекуваат „бунтовници“ за палење џамии и банки.
Видеа потврдени од BBC Persian покажуваат запалени полициски возила и државни објекти во повеќе градови. Најголем дел од сведоштвата доаѓаат од големи урбани центри каде што постои ограничен пристап до сателитската мрежа Starlink. Информациите од помалите места, каде што наводно имало многу жртви уште на почетокот, се оскудни.
Медицински персонал, сестри и лекари, за Би-Би- Си изјавија дека болниците биле преплавени и не можеле да им помогнат на сите тешко повредени, особено оние со повреди на главата и очите. Дел од телата, според сведоци, не им биле предадени на семејствата.
Снимки од форензичкиот центар Кахризак во Техеран покажуваат голем број тела кои чекаат идентификација, додека семејствата трагаат по исчезнатите. Слични информации доаѓаат и од Машхад и Рашт. Во некои случаи, според извори, безбедносните сили барале пари пред да ги предадат телата.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е „шокиран од извештаите за насилство и прекумерна употреба на сила“. Специјалната известителка на ОН за Иран, Мај Сато, предупреди дека, без разлика на конечниот број жртви, употребата на смртоносна сила против демонстранти е длабоко загрижувачка.
Д. Т.











































