Министерството за информатичко општество и администрација до Државната изборна комисија најдоцна до утре треба да ги достави податоците за вработените во државната и општинска администрација, администрацијата на Град Скопје, како и јавната администрација, за формирање на Општинските изборни комисии.
Врз основа на податоците добиени од МИОА, во рок од пет дена, или надоцна до 21 февруари ДИК е должна да ги формира општинските изборни комисии.
Според Роковникот за спроведува на претседателските избори денеска ДИК треба да достават барање до политичките партии од власта и опозицијата, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, да достават предлози за членови и нивни заменици заради формирање Избирачки одбори за Дипломатско конзуларните претставништва.
Министерството за надворешни работи, пак, до ДИК треба да ги достави податоците за дипломатите вработени во соодветно ДКП заради формирање на Избирачките одбори, најдоцна до 21 февруари.
Инаку ДИК го објави и правилникот за начинот на постапување на полицијата за време на изборите, кој е истиот од претседателските избори во 2014.
Исто така, објавено е упатството за примена на член 112-а од Изборниот законик за лица со посебни потреби. Упатството наложува доколку гласачите, лица со посебни потреби, немаат пристап до влезот на гласачкото место, Избирачкиот одбор е должен да им овозможи соодветен начин за пристап до гласачкото место за да го остварат своето гласачко право.
Упатството наложува дека доколку овие гласачи немаат придружно лице што ќе им помогне при влез во гласачкото место, ИО е должен да определи лице од редот на гласачите што во моментот се затекле во гласачкото место. Ова лице треба да му помогне на гласачот, лице со посебни потреби, да го оствари своето гласачко право.
Биљана Јордановска