ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Жителите на Водно се загрижени од посетата на нивните елитни населби од страна на дивите животни рано наутро пред некоја ноќ. Па имаме и дискусии по телевизииве од каде тука диви свињи, дали не гледаат дека тука во убаво средени куќи си живеат наши сограѓани кои на некој начин се благословени со својата географско-социјална позиција.
Па да прашам – знаете ли од каде доаѓа името Нерези? Од зборот со кој се означува нешкопено домашно животно, најчесто машка свиња. Историски тоа е врзано повеќе за вепарот, за машката дива свиња. Она скопско Нерези, од западниот дел на Водно е само спомен дека таму некогаш имало многу диви свињи, бидејќи, имало многу желади со кои се хранеле овие животни. Шумата таму била доволно густа за да има високи листопадни дрвја а селаните говорат дека заедно со дивите свињи пак доаѓале и волците и токму во тој дел на Водно и не било многу безбедно за живот. Има и други села во земјава со тоа име – едно е на Јабланица, високо над хидроцентралата Глобочица и ако прашате и таму историски местото е врзано за постоењето на многу диви свињи.
Прашањето е сега – дали човекот со децении наназад го скусува живеалиштето на дивиот свет на Водно или обратно, тој див свет се „распиштолува“ на освоено од елитистички настроените урбанисти.? Кај дивите свињи едноставно во генот им е зацртано дека на тоа место некогаш имало и храна и вода за нив, особено зиме! Па дошле на визита.
ЦИВИЛ МЕДИА | Ставовите и наодите во овој текст се целосна одговорност на авторите и не нужно ги претставуваат ставовите на донаторите или на другите партнери и соработници на организацијата. Преземено од Фејсбук профилот на Авторот.














































