пишува: ДИЈАНА ТАХИРИ
Минатата вечер се случи терористички напад во Виена, Австрија, врз граѓани во центарот на градот. Ова не е прв, за жал, ниту последен напад од овој тип, „инспириран“ од „возвишени духовни“ сили и цели. Тие се случуваат секојдневно, од свои кон свои, од едни кон други – поинакви, од некои кон некои.
И така, тема на денот денеска е дека еден од терористите е по потекло Албанец од Македонија. Фрштат наслови по портали и секаде, Албанците (од Македонија) на Фејсбук ( вклучително и јас), од утрово не престануваат со објави на темава, зошто треба или не треба да се потенцира етничката припадност на терористот, зошто известувачките машини на интернет речиси секогаш кога станува збор за некое (не)дело од страна на одредени Албанци, по некакво непишано, но сепак правило „беснеат“ со наслови со потенцирање на етничката припадност, а кога станува збор за позитивни остварувања, исто така, по некакво непишано, но сепак правило, не се повикуваат на истата таа припадност, туку на државјанството. Примери колку сакаш.
Но, денешната тема, како дистракција од онаа другата, за жал, исто така неубавата – Ковид – 19, бројки, мерки, смртност, одговорност, колективна, лична или државна, е токму Албанецот од Виена, терорист кој уби неколку недолжни луѓе. За многу Албанци е тешко да прифатат дека меѓу луѓето што ги нарекуваат свој народ има и убијци и психопати, па дури и нормални (на лик) ама хомосексуалци. И тоа е тема на денот денеска, покрај очекувањето за „ниски удари“ од новинарските наслови по македонските портали, и покрај жалоста од овој чин, како и покрај неснаодливоста во артикулирање на мислите, предизвикана од овој терористички чин.
Еден од терористите на синоќешниот напад во Виена, е Албанец по потекло од Македонија, една од жртвите од нападот е исто така Албанец со потекло од Македонија, а еден од виенските полицајци, е, глејте чудо(!) Албанец со потекло од Косово. Добриот, лошиот, и жртвата. Тројцата со исто етничко потекло. И тука настанува збунката, кај некои Албанци, за другите, не знам. Дали сме како лошиот, или поточно, дали тој лошиот е „наш“, за добрите нема збор, тие се секогаш наши, и кога не се „наши“. Зборот ми е, тероризмот, односно терористот, не познава нација, не познава крв, семејство, пријател, етничка припадност итн. За терористот, постојат само непријатели.
Тројца Албанци, во една вечер, во три различни улоги во животот, а можело да бидат и од иста мајка…
Еве ви наслов за фрштење!