АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
На 26 септември, Германците избираат нов канцелар или канцеларка. Она што е интересно за овие избори е дека голем број гласачи што ќе се појават на избирачките места не го паметат времето пред Ангела Меркел, бидејќи пораснаа покрај својата Mutti (мајка на германски јазик), која ја напушта функцијата Канцеларка после полни 16 години.
Таа е голем пријател на Северна Македонија и на Западен Балкан. Каква иднина може да очекува Западен Балкан по изборите во Германија? Кои се фаворити на изборите? Кој може да биде идниот канцелар или канцеларка на оваа држава? Каков би можел да биде неговиот, односно нејзиниот однос кон регионот и кон Македонија?
Ангела Меркел својата кариера ја привршува со посета на Западен Балкан. По дводневната посета на Србија, таа во Тирана ќе има состанок со премиерите на сите држави од регионот.
Какви пораки носи Меркел за иднината на Западен Балкан после нејзиното пензионирање?
Во оваа опширна анализа на тема избори во Германија ќе се позанимаваме и со прашањето зошто од падот на нацистите, 1945 година, оваа година првпат во пресрет на изборите, десничарска партија АФД е под надзор на Службата за заштита на Уставот (Bundesamt für Verfassungsschutz, BfV) и ги следат нивните комуникации и финансии.
НАШЕТО МЕСТО Е ВО ЕУ
Својата 16-годишна кариера како канцеларка на Германија, Ангела Меркел ја завршува со посетата на Балканот. Тоа покажува колкаво значење му придава на овој регион. Дали таа политика ќе ја следат и нејзините наследници, ќе видиме во наредните четири години. Пораките што ги упати Меркел од Белград и Тирана се дека местото на сите шест земји од Западен Балкан е во ЕУ.
Во нејзината последна посета на земјите од овој регион како германски канцелар, Ангела Меркел рече дека е разочарана од запрениот процес на проширување на ЕУ.
Преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија требаше да почнат уште минатата година, порача Меркел од Тирана. Таа нагласи дека ЕУ мора да си го одржи зборот, а не постојано да излегува со нови услови, повторно и повторно затоа што нема интерес да ги прими. Можеби е тоа од внатрешни причини во некои земји.
„Тоа предизвикува разочарување и јас можам да го разберам тоа разочарување“, рече Меркел.
Неколку недели пред нејзиното најавено заминување од политиката, Меркел оцени дека интересот на германската политика за регионот ќе остане.
Таа оценува дека независно од тоа како ќе завршат германските избори, секој нов германски канцелар ќе има симпатии кон регионот, а таа и по заминувањето од функцијата ќе се ангажира за регионот и ќе остане пријателка на Балканот, а доколку некој ѝ побара совет, таа ќе го даде.
Меркел во Тирана одржа билатерални состаноци и со премиерите на Црна Гора, Северна Македонија, Косово и БиХ.
Таа оцени дека Северна Македонија и Албанија ги исполнија сите критериуми за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но најпрво Франција, а потоа и Бугарија го забавија тој процес.
Посетата на Меркел на регионот покажува колкава важност му придава на Западен Балкан. Тоа е добра вест за целиот регион бидејќи Германија отсекогаш покажувала голем интерес што се случува во овој дел на Балканот, а тоа се поклопува и со интересите на Македонија, Србија, Албанија и Косово, а тоа се политичката стабилност, економскиот напредок и евроинтеграциите.
Таа во текот на целиот мандат покажуваше голем интерес посебно за Македонија. Според програмите на политичките партии што учествуваат на изборите во Германија на 26 септември, тешко дека можеме да очекуваме нејзиниот наследник да има ист однос и дека ќе се занимава толку посветено со Балканот, освен доколку на Балканот не дојде повторно до некоја поголема нестабилност.
ЦЕЛО Е КОГА ИМА СЀ
Меркел оценува дека „Берлинскиот процес“ даде некои резултати, како што се регионалната размена на младите и укинување на роамингот меѓу земјите во Западен Балкан, но потребна е поддршка за позначаен напредок околу етаблирање на заедничкиот пазар и поддршка во инфраструктурни проекти. Таа од Белград ја поздрави иницијативата Отворен Балкан, со напомена дека кон неа би требало да се приклучат и другите три држави. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на тоа одговори дека поканата е отворена и за Босна, Црна Гора и Косово.
Сепак, останува да видиме како понатаму ќе се развива и иницијативата Берлински процес што ја поведе Меркел. Како што стојат работите, барем засега реализација е под очекувањата. Пред сè, бидејќи европските земји тешко разбираат дека целовитоста на Европа е меѓу другото условена со влегувањето на целото подрачје на Западен Балкан во ЕУ. Прашање е дали по Ангела Меркел, и Германија и другите сојузници од ЕУ, вклучувајќи ја и Америка, на ова ќе гледаат како на стратегиско прашање или уште повеќе ќе отворат просторот за влез на другите големи сили во Западен Балкан. Пред сè, на Русија и Кина, што би бил очекуван процес.
Впрочем, вакуумот до кој дојде поради намалениот интерес на ЕУ за овој регион веќе го искористија Пекинг, Москва и Анкара, така што наместо да се доближи до ЕУ, Западен Балкан почна да се оддалечува.
„Нашиот геостратегиски интерес е сите земји од регионот да бидат примени во ЕУ. Ние во Европа мораме да бидеме свесни колкаво е значењето на овој простор. Знаме дека понекогаш перцепцијата е дека тој процес да се пристапи до ЕУ се одвива премногу бавно и дека европската страна постојано смислува нови барања, но кај земјите во регионот веќе ги гледаме резултатите и напредокот е видлив. Јас ги гледам сите шест земји: Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово како идните членки на ЕУ“ – изјави Меркел на заедничката прес конференција со српскиот претседател.
За време на разговорите со лидерите од Западен Балкан таа ги потсети дека очекува усогласено и заеднички да чекорат кон ЕУ, бидејќи на овој пат нема да има раздвојување на државите, со оглед на тоа дека Босна и Херцеговина и Косово сè уште не ги отвориле пристапните преговори. Меркел ги пофали земјите од регионот за направениот напредок, но побара сите да продолжат со реформите, посебно во правниот систем, владеење на правото, демократијата и плурализмот во граѓанското општество. За Берлинскиот процес, започнат во 2014 година токму од неа, смета дека не е завршен, но изрази оптимизам за регионот. Според неа, процесот мора да продолжи, но не е замена за перспективата кон полноправно членството во ЕУ.
За Србија, како еден од условите за прием во ЕУ, Меркел го потенцираше решавањето на меѓународно-правниот конфликт меѓу Србија и Косово.
„На крајот на краиштата, некои од членките на ЕУ не ја признале косовската независност, но тој проблем мора да се реши на крајот на пристапниот процес. Се залагам за патоказ што предвидува претходно да се решат сите други прашања“ – ја пренесе Ројтерс изјавата на германската канцеларка.
ЗАПАДЕН БАЛКАН НА МАРГИНИТЕ ОД КАМПАЊАТА
Во изборните програми на политичките партии во Германија што излегуваат на овие избори, вклучувајќи ја и коалицијата ЦДУ/ЦСУ што ја предводеше Меркел, Западен Балкан не се појавува како приоритет.
„Дојче веле“ направи кратка анализа на програмите на шест водечки политички партии во Германија. Програмите се обемни, од по сто-двесте страници. Ние ќе се осврнеме само на оние делови што се важни за регионот и Република Северна Македонија. Таму нема ништо конкретно, се предвидуваат интеграција, поинтензивни врски со ЕУ, привилегирано партнерство, поконкретен напредок…, со еден збор, одомаќени рутински формулации во кои не се зборува за проширување.
Социјалдемократите – СПД, кои според анкетите се водечка партија и по сè изгледа ќе го дадат новиот канцелар на Германија, во својата програма нагласува дека: „соседството на Европа на југот и истокот е под зголемено влијание на другите држави. На овие предизвици ЕУ мора да реагира со новиот концепт на европската соседска политика. Не е прецизирано што точно се подразбира под поимот „новиот концепт“. СПД вели „ќе ги интегрираме земјите од Западен Балкан“ – без појаснување како ќе се одвива тој процес.
Демохристијаните на Ангела Меркел – ЦДУ во својата програма вели „ќе се заложиме понатаму да се интензивира поврзувањето на државите од Западен Балкан со ЕУ затоа што безбедноста и стабилноста на непосредното соседство се од витален интерес за ЕУ. Сепак, внатрешната кохезија на ЕУ не смее да биде ослабена со приемот на новите членки пред земјите кандидати да ги исполнат сите пристапни критериуми.
Партија на Зелените е конкретна и во својата програма бара поголема одговорност на ЕУ кон соседите што се надвор од Унијата. „Политиката на проширување е успешна приказна што сакаме да ја интензивираме и да ја доведеме до крај. Затоа ќе се залагаме за конкретен напредок на земјите од Западен Балкан и нивниот влез во ЕУ. Очекуваме конкретно навестување на почетокот на преговорите за прием во ЕУ на Република Северна Македонија и Албанија, напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина, развој на демократијата и борба против корупција во регионот, заштита на малцинствата, посебно на Ромите…
Десничарите на АФД – Алтернатива за Германија (Alternative für Deutschland, AfD) се јасни и таксативни. Тие се против какво било проширување на ЕУ. Не одрекуваат дека Западен Балкан е важен дел на Европа, но на тоа гледаат од позиција на страв од продор на другите странски сили во овој регион, пред сè од Русија, и затоа заради стабилноста и безбедноста на Европа, тие се залагаат за привилегирано партнерство со земјите од Западен Балкан.
Германските либерали, Слободни демократи и Левицата во своите програми воопшто не го спомнуваат Западен Балкан.
КАКО ЌЕ СЕ ОДНЕСУВА БУНДЕСТАГОТ НА ГЛОБАЛНО НИВО
Крајот на владеењето на Ангела Меркел веројатно ќе биде пресвртница во надворешната политика на Германија. Како ќе се однесува новиот Бундестагот на глобално ниво и кои ќе му бидат приоритетите? Главната надворешнополитичка преокупација и на партијата на Меркел – Христијанско-демократската унија – ЦДУ и на конкурентската Социјалдемократската партија – СПД ќе биде Русија и ниедна од овие две партии во следниот мандат нема да ја доведе во прашање изградбата на спорниот гасовод Северен тек 2 во Балтичкото Море.
Партијата на Зелените, спротивно, смета дека изградбата на овој гасовод е политички погрешна бидејќи ќе овозможи засилување на влијанието на Путин во Европа и ќе ја ослабне ЕУ.
Либералната партија ФДП бара да се направи пауза во неговата изградба, а крајно десничарската Алтернатива за Германија – АФД има најмек однос кон Москва.
Кина е трн во окото на ЕУ и на германските партии. Како што оценува поголемиот дел на германските политички лидери, оваа земја преку економска доминација сака да воспостави и политичка доминација во овој дел на светот. Германија ќе се обиде и по изборите кон овој конкурент во Европа да се однесува балансирано, иако САД бараат од Германија поостар однос кон Пекинг.
Зелените имаат многу остар курс кон Кина, не само поради економското загрозување на европските интереси, туку и поради повредата на човековите права во оваа далечна земја. Додека АФД и Левицата бараат попустлив однос кон Пекинг.
ДА СЕ УКИНЕ ВЕТОТО ПРИ НОСЕЊЕ ОДЛУКИ
Што се однесува до политиката што ќе ја води Германија внатре во ЕУ, најрадикален став има АФД кои бараат „дегзит“ односно излегување на Германија од ЕУ-зоната. Другите партии Германија ја гледаат како силна држава внатре во ЕУ, но се залагаат за подобро функционирање на Унијата.
Меѓу другото, се залагаат и да се промени практиката на ветото да одделни членки можат да блокираат важни надворешнополитички одлуки, како што е сега случај со Бугарија кон почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ. Лашет, Баербок и Шолц се залагаат за начелото на едногласност, односно ветото како инструмент да биде укинато до 2025 година, особено поради однесувањето на Унгарија. Тоа би било посебно значајно за Македонија на нејзиниот пат до ЕУ, со оглед на досегашното однесување на соседите. Дали тоа ќе се случи, ќе видиме со оглед на тоа дека Германија веќе десет години се залага за промена на овој став.
Кога се во прашање односите со НАТО, Левицата бара Германија да излезе од овој воен сојуз, а колективната безбедност да се базира и на учество на Русија, но тешко дека за ова ќе добие поддршка од другите партии бидејќи ни една друга партија не го доведува во прашање членството на Германија во НАТО и нејзиното учество во мултилатералните операции.
КАКО ГЕРМАНЦИТЕ ГЛАСААТ
Германија има интересен систем на избори. Како Германците ќе гласат на 26 септември? Секој избирач дава два гласа, со едниот го избира конкретниот кандидат или кандидатка за Бундестагот, а со другиот гласа за партијата (Zweitstimme).
Бундестагот има најмалку 598 застапници, но тој број не е фиксен, моментално има 709 застапници, а може да има 800. Застапниците се претставници на волјата на граѓаните и тие во Бундестагот гласат и одлучуваат според сопствената волја и совест и не се должни да ги следат партиските директиви. Половина од овој број застапници, 299, се кандидатите што ќе освојат мнозинство гласови во секоја од 299 изборните единици и тие се директно избрани во новиот состав на Бундестагот, другата половина, исто така, од 299 се избира со вториот глас, но не со изборот на конкретните кандидати, туку со заокружување на партиските листи. Канцеларот или канцеларката не го избираат граѓаните, туку избраниците на граѓаните во Бундестагот.
Изборниот праг за влез во Бундестагот е 5 проценти од освоените гласови.
ДЕСНИЧАРИТЕ ВОДАТ САМО НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
Годинашниве избори во Германија покажаа дека социјалните мрежи ги менуваат правилата на игра во политиката. Германските партии од владејачката коалиција на Ангела Меркел имаат, на пример, најмногубројно членство, но најмалку се пристапни на социјалните мрежи, додека, на пример, крајно десничарската партија АФД доминира на социјалните мрежи обидувајќи се да го зголеми рејтингот, пред сè, со лажните вести по урнек на сличните десничарски партии во Европа и САД. И реално го привлекуваат вниманието на избирачите, ако не поради друго, туку поради забава.
Предизборната слика изгледа мошне контрадикторно, кампањата од една страна е малку здодевна, во медиумите нема многу возбудливи дебати и не се гледа вистинската поларизација меѓу изборните табори, а од друга страна, како што стојат работите, исходот на изборите е крајно неизвесен и може да биде многу возбудлив.
Во овој момент практично никој не може да предвиди која политичка партија ќе ја формира новата германска влада. Како што е познато, Ангела Меркел не се кандидира на овие избори и тоа го најави уште пред неколку месеци далеку пред да почне изборната трка. Иако територијално се многу далеку, изборите во Германија во многу нешта наликуваат на минатогодишните избори во Америка, кога до последен момент најголемиот дел од гласачите беше практично неопределен, сè до моментот на отворањето на гласачките места.
Уредникот на „Дојче веле“ Феликс Штајнер, предвидува дека без оглед која коалиција ќе ја формира владата, таа ќе биде мошне кршлива, а наследникот на Ангела Меркел нема да биде толку силен и меѓународно влијателен.
Најголемиот фаворит на овие избори е Олаф Шолц од Социјалдемократската партија – СПД, кој според последните анкети, ужива поддршка од 26 проценти од граѓаните, пред ЦДУ со 20 и Зелените со 15 проценти. Шолц пред овие избори има многу поголема популарност и поддршка на избирачите пред демохристијаните што не е забележено во последните една и пол деценија. Меѓутоа, со оглед на тоа дека секоја од овие три партии имаат околу 20 проценти поддршка на гласачите, тоа укажува дека новата влада веројатно нема да биде составена од две коалиции како што тоа беше случај во последните две и пол децении.
На своето, веројатно последно обраќање во Бундестагот, Ангела Меркел на 7 септември, зборувајќи како канцеларка и како политичарка на ЦДУ, ги повика и ги замоли избирачите на 26 септември да гласат за нејзиниот потенцијален наследник Армин Лашет, нагласувајќи дека тој ќе ја води владата што ќе обезбеди стабилност, доверба и умереност, а тоа е она што ѝ е потребно на Германија. Сепак, според анкетата што ја направи „Форс“, за РТЛ, а ја пренесе Ројтерс, социјалдемократите (СПД) што припаѓаат на левиот центар имаат најголема поддршка на гласачите, односно значително е зголемена нивната предност во однос на конзервативниот демохристијански блок ЦДУ/ЦСУ.
НЕ Е СЕЕДНО КОЈ ЌЕ ВЛАДЕЕ СО ГЕРМАНИЈА
„Сојузните избори на 26 септември се одлучувачки за иднината на нашата земја и во овие тешки мигови воопшто не е сеедно кој ќе владее со неа“, им порача Меркел на граѓаните од говорницата на Бундестагот, „заплашувајќи ги и алудирајќи“ на можноста СПД и Зелените да влезат во коалиција со Левица со што Германија би добила црвено-црвено-зелена коалиција. Имено, Левицата во Германија протежира излегување од НАТО и нови воени партнерства, вклучувајќи ја и Русија.
На ова од пратениците на Левицата се слушнаа извици „засрамете се“, а Олаф Шолц гласно ја повтори приврзаноста на својата партија кон НАТО, и ја нагласи својата увереност дека ќе ја наследи Ангела Меркел. Всушност, им порача на граѓаните тие да одлучат како германското општество ќе се движи понатаму. Олаф Шолц смета дека Левицата не е добредојдена во владата на Германија сè додека јасно не се дистанцира од „руската идеологија“ и јасно не ја покаже својата приврзаност кон НАТО и трансатлантското партнерство со САД.
Според анализите, можно е првпат во поствоена Германија владата да биде составена од три партии (коалиции). Доколку победи социјалдемократот Олаф Шолц, тој може да направи четири коалиции составени од по три партии. Ако СПД победи на изборите Олаф Шолц би имал првенство на изборот и би можел да влезе во коалиција со Зелените и Либералите, или со Зелените и Левицата, со Демохристијаните и Зелените, или Демохристијаните и Левицата.
Демохристијаните, доколку ги изгубат изборите, би можеле да формираат влада со Зелените и Либералите и така да ја задржат канцелариска позиција. Со профашистичката крајна десница АФД никој не би сакал да седи во влада, што укажува дека владата веројатно ќе биде составена од три партии.
Ако се сумираат последните резултати на анкетите, прогнозата е дека владејачкото мнозинство би можеле да го состават социјалдемократите СПД на чело со Олаф Шолц во коалиција со Зелените како во времето на Герхард Шредер и Јошка Фишер, само што овој пат би им бил потребен и третиот партнер, а неизвесно е дали тоа би биле либералите или левичарите. Дваесетина дена пред изборите, анкетата на Дојчландтренд покажува дека СПД може да смета на најмалку 25 отсто гласови што е за седум проценти повеќе отколку на почетокот на август.
БИОГРАФИИ НА ФАВОРИТИТЕ
Кој е Олаф Шолц, најпопуларниот кандидат за новиот канцелар на Германија? Во моментов е вицеканцелар и министер за финансии. Тој е поранешен градоначалник на Хамбург и кога директно би се избирал канцеларот за него во овој момент би гласале 43 отсто од граѓаните на Германија, а меѓу симпатизерите на социјалдемократите дури 87% избирачи би сакале да го видат како канцелар. Како можен заменик на Меркел го карактеризираат особини како сувопарен технократ.
Граѓаните сметаат дека е добар избор за канцелар бидејќи на Германија ѝ треба човек што цврсто го држи кормилото на државата. Го опишуваат како умерен, но нехаризматичен 63-годишник, кој целиот живот чека да ужива во висока функција. Тој уште со 17 години се вклучил во СПД, една од најстарите партии во Европа.
Армин Лашет е долгодишен поддржувач на Меркел. Тој е премиер на најбројната германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија и од 2012 година е еден од петтемина потпретседатели на ЦДУ. Тој се смета за близок соработник на Ангела Меркел.
Лашет остана покрај канцеларката Меркел и за време на силните критики на нејзина сметка поради бегалската политика. Армин Лашет е роден во градот Ахен. Од 1994 година бил пратеник во Бундестагот, Европскиот парламент и во покраинскиот парламент во Диселдорф. За овој 60-годишник Германците имаат многу пофални зборови поради неговата способност да ги обедини луѓето.
Аналена Баербок од партијата на Зелените, долги години била заменик-претседател на таа партија, правник е со диплома за меѓународно јавно право на Лондонското училиште за економија. Нејзините поддржувачи сметаат дека е добра за премиер и добар познавач на проблемите во екологијата. Недостаток ѝ е што нема искуство во извршување функции во влада или министерство.
Кандидатката на Зелените, чија партија ќе влезе веројатно во некоја од коалициите, акцентот го става на екологијата и предупредува дека досегашната влада не влијаела доволно да се спречат климатските промени. Таа ги обвинува ЦДУ/ЦСУ и СПД дека во изминатиот период премалку се занимавале со еколошките проблеми и проблемите во животната средина и дека е недозволиво одлуката за престанок на експлоатацијата и користење јаглен да важи дури од 2038 година, што по неа е предоцна и треба да се направи порано. Во гласачкото тело им поддршка од 15 проценти што ѝ отвора пат да биде коалициски партнер во една од двете најголеми партии.
СО ШТО СЕ ЗАСЕГНАТИ ГЕРМАНЦИТЕ?
Граѓаните на Германија ги мачат четири најголеми проблеми и понудите за нивното решавање ќе влијаат врз изборот на кандидатите. Така, 33 проценти на граѓаните на Германија сметаат дека климатските промени и загадувањето се најголем проблем, 22 проценти проблем гледаат во доселениците и мигрантите, 18 во справување со короната, додека само 16 проценти на граѓаните на Германија се загрижени за стандардот, социјалните проблеми и нееднаквоста.
ДЕСНИЧАРСКАТА АФД ПОД НАДЗОР БЕЗБЕДНОСНИТЕ СЛУЖБИ
Од падот на нацистите во 1945 година, оваа година, првпат пред избори, десничарска партија АФД е под надзор на безбедносните служби и се следат нивните комуникации. Дел од членовите се обвинети и за шверц на оружје и поткопување на уставниот поредок на Германија. Активностите на германската безбедносна служба БФВ уследија по двогодишната анализа на нивната политичка програма по што започнало прислушување на нивните разговори и контрола на финансирањето.
Екстремната десничарска партија АФД набавувала оружје со посредство на трговците на оружје од Хрватска. Државното обвинителство во Минхен подигнало обвинение против 47-годишен Александар Р., кој се товари за шверц на оружје за десницата. Германскиот ЗДФ пишува дека кај него и кај неколку негови пријатели се пронајдени полуавтоматски пушки, хеклери, 200 куршуми, цитирајќи ја изјавата на главниот обвинител Клаус Руланд. Оружјето завршило, според неговите зборови, во рацете на припадниците на крајната десница, меѓу кои се и припадниците на таканаречените Граѓани на Рајхот, кои не го признаваат уставниот поредок на Германија.
Хрватските истражители ги информирале своите германски колеги дека Александар Р. во Хрватска набавувал оружје и дека според изјавите на сведоците, тоа било наменето за членовите на АФД.
Рамката на нивната програма е фашистичка, ксенофобија кон мигрантите и Ромите, создавање чиста германска раса, повик кон Германките да раѓаат само бели деца… Тие ги повикуваат Германците да се гордеат со своите војници во двете светски војни. Ги повикуваат Германките да помогнат во создавање нови Германци.
*
Како и да е, часовникот отчукува. Неизвесен е изборниот исход во Германија, но исто така и политиката кон Западен Балкан.