Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ и Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи, во интервју за Фронтлајн вели дека блокадата на патот кон ЕУ е најголемата услуга за „српскиот свет“ и дека Владата ја претвора Северна Македонија во ембрион на српско-руското влијание.
За Општина Чаир Османи истакнува дека е најзагадената општина во Скопје, најнетранспарентната и најхаотичната општина во Скопје. „Затоа јас сакам да направам визија за еден модерен Чаир, во кој заедно со граѓаните ќе се договориме за тој план и потоа ќе започнеме еден по еден, чекор по чекор, да ја реализираме таа визија за Чаир“.
Османи вели дека има план и дека за тоа ангажира најголема светска експертиза – урбанистот архитект Мишел Ројкинд.
Бујар Османи: Сметам дека приоритет прво е тоа што јас на почетокот на мандатот правам план, затоа што сметам дека без план не може да се започне никаква работа. Не после дваесет години градење на Чаир да правите план, бидејќи не се прави план по завршување на куќата. Јас сакам да имам визија каде го гледам Чаир по една година, по пет години, по десет години. Не им велам на луѓето дека ќе го направам тоа како што е во планот за една година, туку им велам дека ниту еден чекор нема да направам надвор од планот и тоа ќе биде договорот со граѓанинот. Значи, ќе го презентирам планот за тоа како ќе изгледа Чаир по пет години пред луѓето, и ако луѓето го изгласаат тој план, тогаш тоа ќе биде план за кој сме се договориле и секој камен што ќе го помрднеме ќе биде во рамките на планот.
Ангажирав најголема светска експертиза, Мишел Ројкинд, можете да го побарате на интернет, тоа е најголемото светско име за урбанизам и архитектура, кој има направено најголеми светски проекти. Oд „Форбс“ е определен како еден од највлијателните луѓе во светот во однос на урбанистичките планови и јас имав среќа да имам контакти со него, комуникација за да се ангажира за Чаир. Тој со својот тим беше во Чаир, го снимаше Чаир, ги собра сите карти и моментално работат со регионални архитекти и архитекти од Чаир, кои ги знаат локалните околности, за да се среди визијата за Чаир.
Ќе започнеме од сообраќајот, затоа што како што знаете, главните булевари во Чаир се прекинати на две главни точки и тоа создава тесни грла, како што е во Чаирчанка и тоа не дозволува слободен проток. Затоа е многу важно булеварите да се поврзат, овие два главни прекини да се продолжат и тогаш ќе има слободно движење и нема повеќе да има тесни грла.
Второ, зоните меѓу овие булевари треба да се урбанизираат. На пример, Гази Баба нема Детален урбанистички план од 1995 година, а по закон општината е должна на секои пет години да го адаптира Деталниот урбанистички план. Затоа, преку комуникација ќе се обидеме да помогнеме во Генералниот план, во Урбанистичкиот план и овие неурбанизирани квартови, како што се Дижонска, Серава и Гази Баба, да добијат точна форма за тоа како ќе изгледаат по пет, по десет години и постепено ќе започнеме со граѓаните процес на урбанизација таму.
Ќе создадеме јавни простории, многу е важно да поставиме јавни простори. Јас сум лекар и сум рекол дека секој проект во Општина Чаир сакам да го поврзам со здравјето на човекот. Секоја улица што се прави има последица врз здравјето на човекот, секој тротоар има последица врз здравјето на човекот. Знаете ли вие дека според полицискиот извештај четири инциденти со тротинети се случуваат дневно во Чаир, кои завршуваат во операциона сала поради недостиг на тротоари, поради недостиг на соодветна сигнализација? Четири граѓани на Чаир завршуваат во операциона сала секој ден поради овие недостатоци. Затоа сакам секоја зона да има јавни простории, да има соодветна сигнализација, да имаме еден модерен Чаир.
На овие средби со граѓаните слушам дека луѓето сè уште имаат септички јами, немаат канализација, немаат притисок на вода. На Менделеева во Гази Баба нема вода, луѓето почнаа да копаат бунари по своите дворови за да обезбедат вода. Тоа значи дека имаме недостаток на планирање, 20 години се работело без план и сега по 20 години е ангажиран еден тим од другата страна за да прави план. Тоа е исто како да правите куќа и на крај да побарате да правите план. Недостасуваат основни услови за живот.
Чаир е најзагадената општина во Скопје, Чаир е најнетранспарентната општина во Скопје, најхаотичната општина во Скопје. Затоа јас сакам да направам визија за еден модерен Чаир, во кој заедно со граѓаните ќе се договориме за тој план и потоа ќе започнеме еден по еден, чекор по чекор, да ја реализираме таа визија за Чаир.
Фронтлајн: Многу граѓани се жалат на управувањето со отпадот и недостигот на чистота во маалата. Како планирате да го решите овој проблем?
Бујар Османи: Како што кажав, Чаир е најзагадената општина во Скопје. Повторувам како лекар неколку факти: 30% од хроничните заболувања кај децата, како што се астмата, хроничниот бронхитис, или кај возрасните – инфарктот, мозочниот удар, ракот на белите дробови – настануваат од урбанaта прашина, тие ПМ-честички, како што ги нарекувате, кои директно навлегуваат во органите на децата и им штетат. Нашите деца секојдневно растат во прашината на Чаир, а ние тоа го прифаќаме како да е нешто нормално. Не, тоа не е нормално – да бидеме најзагадена општина не е нормално.
Мене ме срами како граѓанин на Чаир што сме најзагадена општина – дали сме ние такви граѓани или општината не си ја завршила работата како што треба? Секоја нечистена улица значи дека некој не си ја завршил работата, и затоа јас одлучив прашањето на чистотата да биде еден од приоритетите.
Ќе формираме јавно претпријатие на општината само за хигиена, како што има Град Скопје. Тоа ќе биде задолжено само за улиците на општината, за парковите на општината, но зошто да не и за улиците што се одговорност на Градот. Ќе вработиме 120 работници со решенија, кои ќе бидат униформирани за кога луѓето ќе излезат од дома за на работа, првите луѓе што ќе ги видат на улица ќе бидат овие униформирани работници – како мијат и чистат.
Се сеќавате ли вие кога последен пат се измиени со вода улиците на Чаир? Затоа што нема механизација! Ќе набавиме соодветна механизација за миење на улиците, за да има постојано миење и да се отстрани целата таа прашина што ги труе моите и вашите деца. Исто така, ќе го поделиме Чаир на реони, за да знаеме како да ги распределиме тие 120 работници, кои секојдневно ќе бидат по улиците на Чаир.
Јас сум кажал: ако на крајот од мандатот не го направам Чаир најчиста општина, тогаш не го заслужувам мандатот.
Второ, сакам да направиме граѓанска мобилизација. Сакам да ги повикам граѓаните, да ги ангажирам училиштата, невладините организации, да правиме волонтерски акции со месните заедници, заедно со општината. Јас секој ден со месните заедници ќе излегувам да исчистиме едно маало, да засадиме едно дрво, да направиме една зелена површина, за тоа да стане навика – затоа што прашањето на чистотата е обврска на 62.000 граѓани што живеат во Чаир.
Но, некој мора да го води тој процес, некој мора да помогне – и тоа е мојата идеја: претпријатие со сите услови и граѓанска мобилизација за да ја направиме чистотата приоритет број еден.
Фронтлајн: Чаир има голем број млади. Кои конкретни програми и простории ги планирате за да ги поддржите во образованието, вработувањето и социјалните активности?
Бујар Османи: Според статистиките, 47% од жителите на Чаир се под 30 години. Ова е бројка која не е типична за другите општини – 50% од населението на Чаир се млади, кои се во фаза од животот кога се најенергични, најпродуктивни и кога имаат потреба да ја ослободат својата секојдневна енергија. Чаир тоа не може да им го понуди, бидејќи тие немаат можности каде да ја поминуваат својата младост, каде да ги манифестираат своите квалитети.
Чаир нема културен центар, нема младински центар, нема активности. Постојат три спортски сали кои се нефункционални. Тие немаат простор каде да се занимаваат со спортски активности. Енергијата на младите не исчезнува – ако не се канализира таму каде што треба, ќе се канализира таму каде што не треба. Ако не ја насочите енергијата на младите во спортски сали, во младински центри, во културни центри каде што тие ќе го изразат својот креативитет на максимум, тогаш таа енергија ќе оди по патишта кои не се добри.
Тоа е наша обврска – да им овозможиме. Затоа предложив кај Плоштадот „Скендербег“, горе над скалите, каде што сега е целосно неискористено и претворено во депонија, да создадеме еден голем мултифункционален младински, културен и едукативен центар, во кој ќе гравитираат младите.
Имаме предвидено фестивал “Доку“ во Скопје кој ќе трае 60 дена во текот на летните месеци и многу други активности, бидејќи за мене е многу важно младите од Чаир, нивната младинска енергија да ја канализираме институционално.
Фронтлајн: Спортската инфраструктура во Чаир е ограничена. Како ќе ја подобрите состојбата и дали планирате изградба на нови спортски терени?
Бујар Османи: Во едно од училиштата во Чаир, го имаме училиштето “Јашар-беј Скопје“, кое воопшто нема спортска сала – децата се лишени од тоа право да имаат сала. Другите постојни сали низ училиштата се нереновирани, несоодветни. Добив еден многу важен извештај од ортопед, кој ги прегледува децата од Чаир, и тој ми рече дека во едно училиште во Чаир секое второ дете има проблем со ’рбетот. Секое второ! А тоа е поради тоа што немаат физички активности во училиштата.
Децата се во формативна возраст, кога телото им се формира, и ако немаат секојдневни физички активности – затоа што физичкото образование не е за губење време, туку за формирање на телото и умот – тогаш се случува да имаме училиште во Чаир каде секое второ дете има проблем со ’рбетот, со сколиоза, со кифоза. Тоа е одговорност на општината – некој е виновен што тие деца растат нездрави.
Затоа е многу важно да се изгради сала кај “Јашар-беј Скопје“, која ние во координација со Секторот за спорт решивме да ја наречеме Азиз Салиху. Спортската сала “Партизан“ ќе ја реновираме целосно како мултифункционален спортски центар, кој ќе го наречеме Шабан Сејдиу, бидејќи тоа се две спортски фигури на кои треба да им оддадеме почит и чест овде во Чаир.
Но, исто така и секој друг спортски објект, вклучувајќи ги и парковите, каде што граѓаните ќе можат да имаат физички активности без разлика на возраста.
Фронтлајн: Како ја оценувате изборната трка со вашиот противкандидат Изет Меџити и што нуди поразлично Бујар Османи на жителите на Чаир во споредба со него?
Бујар Османи: Сметам дека најголемиот контраст на овие избори е токму во Чаир, затоа што се работи за две сосема различни концепти. Она што го забележав е дека луѓето не бараат само промена на политичари, тие бараат промена на културата на функционирање, тие сакаат да ја заменат културата на коруптивно управување со чесност. Ако нешто имам докажано во мојата кариера, било како хирург, било како министер, во која било функција, тоа е дека никој не може со прст да посочи кон мене за прашања поврзани со корупција.
Тоа е голем контраст меѓу нас. Прашањето на дисциплината во работата – јас сум хирург и првото нешто што хирургот го учи е дисциплина во работата: да остануваш многу ноќи без сон служејќи им на луѓето, да стануваш во пет наутро, да ги обиколиш улиците на Чаир, како што сум ветил дека секој ден ќе го правам, и да ја држиш првата средба во седум часот наутро за да ги дадеш задачите, а не во 13 часот да одиш на работа – тоа е голема разлика, тоа е исто така еден контраст меѓу нас. Потоа, културата на узурпација на државно и приватно земјиште, на градби без дозвола, на градби со фалсификувани документи – јас никогаш нема да го правам тоа. Јас ќе излезам пред граѓаните со точен план.
Чаир треба да се урбанизира, Серава треба да има згради, треба да се урбанизира и Дижонска, и Гази Баба, но врз основа на план кој ќе го презентираме, кој ќе го усвојат граѓаните, и потоа никој нема да може да помести ни еден сантиметар од тој план. Тоа се сосема различни концепти – чесноста, дисциплината во работата и прашањето на редот во функционирањето. Мислам дека тоа е она што го бараат граѓаните, освен фактот што на овие избори имате и два различни национални концепти: имате една битка на народот со еден експеримент на премиерот Мицкоски, кој се обидува да го подели албанскиот политички фактор преку ангажирање на неговите пријатели за да ги претстави како претставници на Албанците. Не може албанското раководство да се избере во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.
На овие избори мораме да кажеме НЕ, не на ВЛЕН, бидејќи ние ќе го победиме ВЛЕН, резултатите се 3 спрема 1. Проблемот е што Мицкоски ќе создаде нов ВЛЕН. Ние уште во ембрион мора да ја победиме идејата дека албанското раководство се избира во кабинетите на Белата палата. Не, албанското раководство се избира на секое избирачко место, таму каде што гласаат Албанците – во Серава, во Дижонска, во Гази Баба, во Тенеќе маало, во Дуќанџик, во Стар Чаир, а не во Белата палата на ВМРО. Затоа овие избори се референдум, граѓаните за тоа одлучуваат – кој одлучува за нив, Белата палата или гласачката кутија.
Фронтлајн: Зошто велите дека овие избори се референдум? Дали повикувате на излезност на избори како на референдум?
Бујар Османи: Поради тоа што ни е одземен статусот на домаќин, односно до 2001 година ние бевме кираџии, никој не нè прашуваше, ние бевме исклучени од институциите. Знаете, Клиниката во Скопје имаше нула албански лекари, администрацијата имаше 0.2%, во полицијата имаше вкупно 100 Албанци, војската имаше 46 албански офицери пред 2001 година. Ти едноставно си бил исклучен народ, народ-кираџија. Со Охридскиот договор почнавме да стануваме домаќини, да ја земеме тапијата, ние да одлучуваме за нашата судбина, нашиот јазик стана службен, од 46 војници денес има над две-три илјади албански офицери, од 100 полицајци денес има 3000 албански полицајци, од ниту еден лекар на клиника денес во секоја клиника ги имате најдобрите албански лекари. Едноставно, Албанците за прв пат почнаа да ја чувствуваат државата како свој дом, да стануваат домаќини во својот дом.
За овие една и пол година, нам ни е одземена тапијата, ни е одземен суверенитетот, правото ние да одлучуваме за нашата судбина, бидејќи како што реков, албанското раководство не се избира на гласачките кутии каде што гласаат Албанците, туку во палатата на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски. Ни е одземено правото на балансер, правото на вето затоа што сакаат да го укинат Бадентер, ни е одземено правото на јазикот. Ја оставивме Владата со премиер, каде завршивме денес – завршивме на нула! Во секое вработување во државна институција, Албанците се претворени во нула и затоа ова е референдум, каде што граѓаните на тој ден кога ќе излезат да гласаат ќе одлучат: дали сакаат Албанците повторно да станат домаќини во својот дом или сакаат да го задржат статусот на кираџија, исклучени, понижени, фатени за уши. Тоа ќе биде одлуката на секој граѓанин на 19 октомври и ќе зависи од нас каков пат ќе оставиме во наследство за нашите деца и за нашите внуци.
Фронтлајн: ВМРО-ДПМНЕ постојано ве напаѓа како и премиерот Мицкоски лично влегува во дуел со вас, дали сте им трн во око?
Бујар Османи: На премиерот Мицкоски му пречи што е можно еден Албанец да ја води државата, што е можно еден Албанец да преговара во име на државата, едноставно да биде рамноправен со него. И тој знае дека во секоја функција што сум ја имал, не сум прифатил позиција на потчинетост. Јас сум кажал дека кога сум министер за надворешни работи ги извршувам сите мои обврски во рамките на моите надлежности како министер, никој не смеел да се меша во моите надлежности, и тоа им пречи, затоа што е можно еден Албанец да има доволно самодоверба и да се чувствува во институциите како домаќин во својот дом. Затоа што тие се навикнати Албанците формално да ги имаат со титула министер, но тие да им постават човек или комисија над глава, како што се прави во оваа Влада.
Без разлика што имаме албански министри сега, ВМРО-ДПМНЕ одржува средби два часа пред седницата на Владата, само со министрите и замениците министри на ВМРО, ги одржуваат состаноците, ги носат одлуките, а кога доаѓаат тие од ВЛЕН, само формално ги поминуваат за да се појават на фотографија. Јас тоа не го дозволив и тие се исплашени затоа што се создава модел на албански политичар кој ја чувствува државата како своја и не се чувствува во ниту еден момент помалку вреден или помалку важен, туку ја превзема одговорноста да одлучува во име на државата, да преговара во име на државата.
Тие не се против Бујар Османи затоа што направил нешто лошо за државата – тие знаат дека земјата е во НАТО и поради мојот придонес, земјата започна преговори поради мојот придонес, македонскиот јазик денес е во Европската Унија поради мојот придонес. Тие се против тоа што се создава модел на албански политичар кој не прифаќа ниту еден милиметар да биде помалку важен или со помалку одговорност од другите – токму од овој тренд тие се плашат.
Фронтлајн: Дали навистина сме загрозени од „српскиот свет“ и на што го темелите ова тврдење?
Бујар Османи: Погледнете, во политиката нема вакум: или сте во ЕУ, или сте дел од српско-рускиот свет. Така било секогаш. Колку побрзо одите по патот кон ЕУ, толку повеќе се одвојувате од српско-рускиот свет. Колку повеќе ја забавувате патеката кон ЕУ, автоматски станувате дел од српскиот свет.
Две појави се случуваат: едната е целосно блокирање на патот кон Европската Унија, и тоа е најголемата услуга што ѝ е направена на српскиот свет, затоа што интересот на српскиот свет е да ја одржи Северна Македонија како ембрион под свое влијание, да ги контролира главните инструменти на државата – да ги контролира банките, медиумите, економијата, службите, и така да ја контролира целата држава.
Колку повеќе ние правиме реформи кон ЕУ, толку повеќе ги расипуваме плановите на српскиот свет. Затоа српскиот свет е присутен со двете нозе во Северна Македонија: прво со именување на заменик-премиерот за Охридскиот договор, Стоилковиќ, потоа со отворање на српска банка, потоа со контролирање на телекомуникациите, потоа со инсталација во бизнис секторот. Мислите ли дека блокадата кон ЕУ е случајна? Не, тоа е план на српскиот свет да не оддалечат од Европската Унија, да станеме дел од нивниот свет, не само како слуги, туку тие се обидуваат тоа да го легитимираат со политика.
Албанците нема да го прифатат тоа, тие знаат дека е прашање на рамнотежа: еден чекор кон Европа е еден чекор подалеку од српскиот свет и обратно. Оваа Влада работи за Северна Македонија да стане колевка и ембрион на српскиот и рускиот свет тука.
Дестан Јонузи / Фронтлајн