На 18 мај Украина и светот им оддаваат почит на жртвите на депортацијата на кримскотатарскиот народ — едно од најтешките злосторства на советскиот тоталитарен режим. За кримските Татари ова не е само датум на историска трагедија, туку и симбол на долгогодишната борба за правото да живеат на својата земја, да го зачуваат својот идентитет, јазик и култура.




Во депортацијата беа вклучени околу 32 илјади припадници на НКВД. Во текот на два дена луѓето беа пренесувани до железничките станици во Бахчисарај, Џанкој и Симферопол, а оттаму — во товарни вагони, без пристап до храна, вода за пиење и медицинска помош — беа испраќани во оддалечени региони на СССР. За време на главниот бран на депортацијата од 18 до 20 мај 1944 година беа иселени повеќе од 180 илјади лица, а вкупно од Крим беа присилно депортирани околу 200 илјади припадници на кримскотатарскиот народ.


Во текот на првата година по депортацијата од глад, болести и исцрпеност загинале повеќе од 30 илјади кримски Татари. Дури и по формалното укинување на статусот на специјални населеници во 1956 година, не им беше дозволено да се вратат на Крим, а конфискуваниот имот не подлежеше на враќање или компензација.
Посебна трагедија беше односот на советските власти кон кримските Татари кои се бореле во составот на Црвената армија за време на Втората светска војна. По завршувањето на војната речиси 9 илјади кримскотатарски војници беа испратени во трудови логори во Сибир и на Урал. Дури ни воените одликувања и хероизмот на фронтот не ги спасија од репресии.


И покрај децениите репресии, кримскотатарскиот народ не ја прекина борбата за правото на враќање во татковината. Националното движење на кримските Татари стана едно од најмасовните и најдолготрајните движења за човекови права во Советскиот Сојуз. Со децении луѓето организираа петиции, мирни протести и акции на граѓанска непослушност. Симбол на оваа борба стана Мустафа Џемилев, кој помина многу години во советските логори поради одбраната на правата на својот народ.
Дури кон крајот на постоењето на СССР советските власти беа принудени да го признаат злосторничкиот карактер на депортацијата. На 14 ноември 1989 година Врховниот совет на СССР ја усвои декларацијата „За признавање на незаконските и злосторнички репресивни акти против народите подложени на присилно преселување“. По ова започна масовното враќање на кримските Татари на Крим.
По стекнувањето на независноста, Украина официјално се насочи кон обновување на правата на кримскотатарскиот народ. На 12 ноември 2015 година Врховната Рада на Украина ја призна депортацијата од 1944 година како акт на геноцид и го воспостави 18 мај како Ден на сеќавање на жртвите на геноцидот врз кримскотатарскиот народ. Оваа одлука претставуваше важен чекор во обновувањето на историската правда и меѓународното признавање на трагедијата.


Во исто време, темата за депортацијата на кримските Татари не припаѓа само на минатото. По окупацијата на Крим од страна на Руската Федерација во 2014 година, кримските Татари повторно станаа предмет на систематски притисоци и прогон. Веќе во првите години од окупацијата беше забранета дејноста на Меџлисот на кримскотатарскиот народ, а мирните собири по повод годишнината од депортацијата на 18 мај беа забранети или строго ограничени.


Во јавноста е познат случајот со новинарот и граѓански активист Вилен Темерјанов. По окупацијата на неговиот роден Крим, тој се фокусира на известување за репресијата што ја спроведуваат руските окупатори каде што живее, селото Вилне и пошироко, во округот Џанкој, на Кримскиот Полуостров. Припадниците на руските окупациски сили упаднаа во неговиот дом на 11 август 2022 година. Утредента, окупаторите му одредуваат „превентивна мерка притвор“, а потоа лажно го обвинуваат за учество во активности на терористичка организација. Се разбира, единствената „терористичка активност“ на Вилен се состои во тоа што известувал за окупациската репресија врз неговите сограѓани на Крим. Префрлен е на руска територија на 20 април 2023 година во истражниот затвор во Ростов-на-Дон. Наспроти барањата на меѓународната заедница, вклучително и ЦИВИЛ – Центар за слобода, рускиот агресор не открива детали за судбината на овој новинар, како и за многумина други што ја делат судбината на Темерјанов.


Сеќавањето на депортацијата на кримскотатарскиот народ не е само за минатото. Тоа е потсетник за опасноста од тоталитаризмот, политиката на колективно казнување и неказнивоста. Признавањето на депортацијата како акт на геноцид претставува важен чекор кон обновување на историската правда и спречување повторување на слични злосторства во иднина.


Амбасада на Украина











































