Никој не треба да се смилува за да профункционира Собранието во полн капацитет, согласно потребите на држава и на нејзините граѓани, туку секој треба да си ја провери сопствената совест и одговорност, вели Талат Џафери, претседателот на Собранието, во интервјуто за „Слободна ТВ“.
– Замислете сега да не бевме членка на НАТО. Две скандинавски земји бараат итно да бидат примени во Алијансата, а ние сѐ уште недоволно ја разбираме потребата од итност за интеграција со ЕУ, ниту потребата од општа колективна безбедност, и од демократски и од економски аспект. Верувам во одговорноста на пратениците пред граѓаните и државата како уставна обврска – вели Џафери.
Тој потсети дека се водат преговори во процесот „Жан Моне“ за да се прецизираат деловничките одредби околу улогата и надлежностите на собраниските комисии за собранискиот пленум да не биде заложник на политички и теснопартиски хирови.
– Имајќи ги предвид моите шест пратенички мандати и ова искуство како претседател на Собранието во втор мандат, функција која првенствено подразбира преземање одговорност, немам дилеми дека двете одлуки што ги донесов се сосема исправни вклучително и овие за иницијативите за референдумите. Во тој контекст јас ништо не сум направил што е надвор од моите надлежности – смета Џафери.
Тој зборува за влијанието на партиските централи врз автономијата на пратениците, за пописните резултати и иницијативата за нивно усогласување во насока на нивелирање на етничките вработувања во државната и во јавната администрација. Во контекст на одредени политички навестувања за потреба од промени во уставното уредување на земјава, симболите на државата и натамошна граѓанизирање на општетсвото, Џафери вели дека периодов е премногу суптилен за такви теми, дека периодов со нагласена енергетска, економска и социјална криза не е најпогоден за такви активности.
– Би ме навредило ако некој ме нарече „Северномакедонец“, јас не сум северномакедонец, јас сум Албанец и граѓанин на Република Северна Македонија и мислам тоа би навредило било кој од било која етничка припадност. Кога некој од надвор намерно или ненамерно поради некои нивни тамошни лингвистички правила така не` именува, треба да реагираме, да им укажуваме – вели Џафери.
Целиот разговор погледнете го во видеото: