Categories

ИДЕНТИТЕТИ Етничкиот ги „избриша“ сите останати идентитети!

пишува: Мирјана Најчевска

Преспанскиот договор не само што не влијае негативно врз идентитетот на Македонците во Република Македонија и не само што не би можел да биде искористен за губење на овој идентитет, туку напротив, вака како што е срочен, со одредбите што се во него и она што го нуди како една правна рамка за идните односи меѓу Република Македонија и Република Грција, можеби можеме да го препознаеме како договор што отвора врата за едно ново видување на идентитетите.

Идентитетот во Македонија во изминатите години најчесто се поврзува со она што се нарекува етнички идентитет, нешто помалку – религиозен идентитет, со идентитет на припадност кон државата, меѓутоа, најмалку од сè, кога се зборува за идентитетот, се зборува за граѓанскиот идентитет, за индивидуалниот идентитет… Тој идентитет не е хомогена категорија. Напротив, тоа е идентитет што е составен од повеќе видови на идентитети кои го сочинуваат она што претставува идентитет на одредена индивидуа.

Не само што постојат поголем број идентитети, туку мора да ги сфатиме и во нивната променливост, во нивната флексибилност. Во одреден момент еден човек може да има еден идентитет, во друг момент може да има друг идентитет, во еден момент може да му е доминантен еден, а во друг, да му е доминантен друг идентитет… На пример, за одредена работа, јас како човек можам да се идентификувам со мојата професија, можам да се идентификувам како правник… За друга работа, можам да се идентификувам со некој мој интерес, на пример заштита на животната средина или заштита на човековите права, што исто така, претставува идентитетска определба. Во трет момент, можам да се идентификувам со нешто сосема друго. Со она што претставува идентитет на мајка, идентитет на сопруга и слично…

Хомогенизирањето што се направи во последните години и поставувањето на идентитетот единствено во корелација со етницитетот, ги избриша сите овие останати можности. И всушност, ги вкалапи луѓето – да мора да се препознаваат себеси само преку тој еден, етнички или национален идентитет. Всушност, ги осиромаши, им оневозможи да се идентификуваат со другите идентитети, им оневозможи да одат од еден во друг идентитет, им оневозможи да се дружат со другите луѓе со кои споделуваат некој од нивните различни идентитети…

Зошто е важен Преспанскиот договор за сето ова? Прво, заради тоа што го урива единственото и хомогено идентификување на луѓето со етницитетот. Второ, затоа што отвора простор за градење на новите идентитети, нешто што во одреден момент ни било запрено, па дури и забрането! Трето, отвора можност за комуникација на едно друго ниво, културна комуникација, образовна, политичка и економска комуникација со луѓе со кои, на некој начин, цело време сме имале бариера токму заради поставувањето на тој еденединствен, хомоген, етнички ориентиран идентитет.

Вториот елемент на којшто можеби треба да се обрне внимание е и апсурдноста и анахроноста на постоењето на етницитетот, не само како единствен идентитет, туку, дури и како еден од идентитетите. Заради тоа што луѓето случајно се раѓаат во одредена етничка заедница… Многу случајно се раѓаат во одредена културна заедница. Многу случајно се раѓаат во одредена држава. И тоа што ги гради како посебни човечки битија коишто имаат одреден културен бекграунд, човечки битија кои имаат одредена врска со другите луѓе во потесната и во пошироката заедница и слично, е нешто што не смее да врзува. Тоа е нешто коешто треба да обогатува. Тоа е нешто што треба да додава елемент на различноста. Тоа е нешто што не треба да ги двои од другите луѓе, туку напротив да ги спојува со нив, заради тоа што имаат некоја посебност која може да ја споделат, нешто што можат да го додадат во она што претставува градење на општиот човечки идентитет како една многу хетерогена категорија. Она што според мене ни го овозможува Преспанскиот договор е токму подотворањето на вратата на едно поинакво перципирање токму на овој аспект на идентитетите.

Меѓутоа, има уште еден елемент што е многу значаен и којшто можеби ќе можеме да успееме да го оствариме со заживувањето на овој Договор, а тоа е борбата со градењето на лажни идентитети. Отсуството на она што претставува граѓански идентитет и индивидуален идентитет, отсуството на она што претставува градење на сегашноста и на иднината, многу често се надоместува со градење на лажни врски, на лажни конструкти во историјата. Всушност, не би можела да кажам дури ни во историјата, туку во едно замислено минато… Целокупната конструкција на она што претставуваат корени, потекло, која задира многу илјадници години наназад и е интересна од аспект на градењето на општата човечка култура, никако не може да се поврзе со градењето на индивидуален идентитет. Тоа е главниот проблем со кој можеби ќе можеме да се избориме, доколку на соодветен начин почнеме да го практикуваме и применуваме Преспанскиот договор…

Значи, тоа ќе ни овозможи да се спротивставиме на сиот лажен сјај на минатото што се гради околу нас. На сите кулиси на минатото кои во изминатите 11 години беа поставени и градењето на сè она што претставува илузија на врска со едно многу далечно минато што нема и не може да има никакво влијание врз она што претставува денешна положба на луѓето во Република Македонија, денешни потреби и интереси, денешно градење на иднината, не само на индивидуите, туку и на целокупната држава.

Четвртиот елемент којшто јас би можела да го замислам во она што претставува позитивен аспект, позитивен инпут на Преспанскиот договор е внесот во пошироката заедница. Значи, градењето не само на европскиот, туку и на светскиот идентитет. Со тоа што луѓето ќе почнат да се гледаат себеси како дел од едно многу пошироко семејство, како дел од таква заедница во којашто разликите ги надминуваат етничките, јазичните и религиозните разлики и почнуваат да се прелеваат на сè она што претставуваат културни разлики, разлики во начините на живеење, во размислувањето, во градењето на ставовите и во можноста да се прифати различноста… Тоа е најверојатно најголемата придобивка што, според мене ќе ја имаме од Преспанскиот договор.

Ова воопшто не значи дека тоа е некој идеален договор. Ова воопшто не значи дека тоа е договор што може да даде одговор на сите можни прашања и особено не дека е тоа договор кој по автоматизам ќе биде позитивно имплементиран. Едноставно, нам ни останува да го извлечеме она што претставува најпозитивен елемент на Договорот, ни останува од самиот договор да ги извлечеме позитивните аспекти коишто ќе ни овозможат: прво, да се ослободиме од лажно изградените идентитети во изминатите години, второ, да воспоставиме релација на флексибилно градење на идентитетите, што ќе ни овозможи да ја сфатиме целокупната хетерогеност и разноликост на идентитетите на секој од нас како индивидуа, за да можеме потоа да ја сфатиме и хетерогеноста, разноликоста и флексибилноста на идентитетите кои постојат во потесната и пошироката заедница. Тоа, на одредено ниво ќе ни овозможи, не само формално, туку и фактичко третирање на луѓето како еднакви, односно третирање на луѓето како еднакви во целокупната нивна различност, наспроти нивната различност, односно, имајќи ја предвид нивната различност.


Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email