Денешната поента на Џевдет Хајредини е потсетување на неговиот став повеќе пати изнесен во јавноста и добро елабориран во текстовите и интервјуата за ЦИВИЛ МЕДИА. Тој денеска нѐ потсетува:
Дојде моментот да го повторам тоа што сум пишувал и кажувал повеќе пати досега: ДУИ жестоко ќе се спротивстави на реформите во правосудството. Ќе стори сѐ, само СЈО да не ги заврши отворените истражни постапки. Заев нема сила, без помош на странците, да се справи со Али Амети, кој многу добро знае дека, заедно со своите најблиски соработници, ако реформите успеат, ќе се најдат таму каде што се наоѓаат тие со кои осум години во заедничка власт ја заробија државата и ја втурнаа во длабока криза, од која нема излез без директна интервенција на ЕУ и САД.
ЦИВИЛ МЕДИА неодамна направи интервју со Џевдет Хајредини во кое тој ги опфати сите критични точки на македонската политика.
Џевдет Хајредини, реномиран експерт за финансии и извонреден политички аналитичар, секојдневно објавува кратки пораки и поенти за политичкото секојдневие на Македонија. Неговите пораки секогаш се добра гимнастика за подобрување на морално-политичката кондиција на општеството.