Categories

КОЛУМНА Ќе ја одреди ли ДУИ и судбината на Антикорупциска?

пишува: Џевдет Хајредини

Веднаш по објавувањето на повеќе случаи на непотизам, премиерот Зоран Заев ги повика функционерите на својата партија да ги повлечат вработените роднини, додека ДУИ и нејзините функционери, како и самата партија, веднаш категорично ги отфрлија и излегоа со тврдењето дека спомнатите вработувања не претставуваат непотизам. Еден од нив дури наведе дека е невозможно да не се вработи некој од стотината негови братучеди, додека другиот изјави дека вработувањето на сестра му, не може да се третира како непотизам, затоа што таа сега веќе е стапена во брак.

По дефиниција, непотизмот е термин со кој се означува пополнување на работни места со членови на сопственото семејство или давање на предност при вработувањето на познајници. Критериумот на стручноста или способноста за определена функција при тоа не игра одлучувачка улога.

Индикативно е што скоро сите споменати функционери изјавија дека не влијаеле при приемот на работа на нивните блиски роднини, иако не ја негираат роднинската врска со нив.

Тукушто формираната ДКСК веднаш пред јавноста излезе со најава дека ќе го испитува непотизмот, односно, ќе испитува дали имало влијание од позиција на моќ при вработувањето на нивните роднини.

При тоа, ДКСК, неочекувано, соопшти дека ќе ги испитува и случаите на непотизам од 2015 година до сега, за што ќе биде потребно подолго време. Не е јасно дали Комисијата, ќе ги испитуваше случаите од 2015 година да не се откриеше непотизмот на актуелните функционери.

Не е точно дека е потребно долго време за испитување на случаите на непотизам ако се знае дека, освен роднинската врска, ништо друго не игра улога, па дури ниту критериумот на стручноста или способноста за определена функција.

Долга и тешка, па дури и невозможна, ќе биде постапката за утврдување на непотизмот, ако Комисијата очекува некој сам да признае дека влијаел од позиција на моќ, дека комисиите за прием или директорите на јавните претпријатија, како што се ЕЛЕМ и МЕПСО, на пример, ќе потврдат дека приемот е извршен под влијание на нечија моќ, или самиот вработен ќе потврди дека е примен со интервенција на некој роднина – министер.

Не е јасно зошто Комисијата има потреба непотизмот да го испитува групно, кога се знае дека случаите не мора и не се врзани меѓу себе како кај злосторничкото здружување.

Можеби е рано да изразиме песимизам за тоа дали ДКСК успешно ќе ја изврши својата задача, меѓутоа првите знаци и чекори не ни даваат надеж за некој оптимизам. Се сомневам дека претседателката на ДКСК е импресионирана од посетата на заменикот на премиерот, Бујар Османи, при што тој изјави дека ќе ја поддржи Комисијата во нејзината борба против корупцијата. Истиот тој, кој ден пред таа посета, за разлика од премиерот Зоран Заев, категорично го негираше непотизмот за кој целата јавност бурно реагираше и негодуваше. Со слична изјава излезе и неговата партија.

Жестокиот отпор, за кој сме сведоци овие денови, „бомбите“ на Заев, не само да не се користат во судските постапки, туку дури и да не се објават, како што препорачуваше Венецијанската комисија и Рајнхард Прибе, има за цел, по секоја цена, да ги спаси од гонење за корупција и непотизам голем број сегашни и поранешни функционери.

Од објавувањето на „бомбите“, страв до коска имаат повеќето функционери на ДУИ, партија која овие денови прочитав дека некој ја нарече „трговска фирма со неограничена неодговорност“, а јас би додал и тендерска. Партија која прогласи дека корупцијата ја решила со самото тоа што нејзиниот лидер ги повика истражните органи да ги испитуваат сите нејзини функционери.

Нема основа да се надеваме дека Комисијата успешно ќе се справи со корупцијата, под претпоставка и да сака, ако не и се дозволи да открие и гони корупција на највисоките политичари и функционери во државата. Поверојатно е дека ќе се најде во иста ситуација како што беше и сè уште е Специјалното јавно обвинителство.

 

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

Print Friendly, PDF & Email