ДРАГАН МИШЕВ
Сите среќни и весели со остварените резултати на вчерашните повторени локални избори, кои што се одржаа во Маврово – Ростуше, Гостивар, Врапчиште и Центар Жупа. И Мицкоски со освоеното градоначалничко столче во Маврово – Ростуше, и Таравари со победата ан АА, како дел од коалицијата со ДУИ/НАИ во градоначалничката трка за Гостивар и Врапчиште. ДПТ со очекуваната победа на единствениот кандидат за градоначалник на Центар Жупа. Дури и СДСМ, чиј кандидат изгуби во Маврово- Ростуше, но сепак се радуваат откако пресметаа дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии.
Оваа констатација не вреди единствено за ВРЕДИ, кој не успеаја да најдат ниту еден сегмент во своја корист по изброените гласови.
Така, Мицкоски на прес конференција по изборите објави дека победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживеал нов дебакл.
Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност, ќе каже Мицкоски, но, случајно или намерно, овој пат ги избегна коментарите за остварениот резултат на коалициониот партнер во владата, ВРЕДИ, која, се чини дека во случајов, не била партнерот во владата кој, според логиката на Мицкоски, се препознава по работата, присуството на терен и одговорноста.
Тоа место, на овие повторени локални избори, се чини дека го зазема НАИ (ДУИ +АА). Поранешниот гостиварски градоначалник и доскорешен партнер во движењето ВРЕДИ, Арбен Таравари слави во Полог, каде неговата Алијанса победи во Гостивар и Врапчиште, што претставува значаен политички индикатор за расположението на албанското гласачко тело и укажува на тренд на окрупнување на опозицискиот блок во албанскиот политички кампус, кој преку локалната власт гради платформа за идно политичко дејствување на централно ниво. Најверојатно на штета на ВРЕДИ,
Од СДСМ заклучија дека Мицкоски мора да е во голема паника штом свикал прес конференција за да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии.
Од опозициската партија, иако нивниот кандидат не успеа да стане градоначалник на Маврово-Ростуше, и со тоа барем малку да го ублажи негативниот скор кој го имаат во однос со ВМРО-ДПМНЕ во освоени градоначалнички места, сепак искажаа задоволство од, како што велат, дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Според нивните математики, изведоа едноставен заклучокот дека со освоените двојно повеќе гласови, 21.394 гласови за опозициските кандидати, додека власта освои само 12.534 гласа, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ убедливо загубила.
ЦИВИЛ МЕДИА | Ставовите и наодите во овој текст се целосна одговорност на авторите и не нужно ги претставуваат ставовите на донаторите или на другите партнери и соработници на организацијата.















































