ДРАГАН МИШЕВ
Се изнакотија политички партии со акронимот ВМРО од двете страни на македонско-бугарската граница, со различни додатоци на името: вистинска, обединета, татковинска, народна, СМД, БНД,,,и доаѓаме до онаа најголемата, која е на власт во Северна Македонија, со додавката ДПМНЕ, што ќе рече – Демократска Партија за Македонско Национално Единство.
Токму на ова македонско национално единство се темелеше доктрината на партијата на при создавањето, обединување на нашинците од ВЕП –Вардар, Егеј и Пирин ( за обединување со Македонците од Мала Преспа и Голо Брдо во Албанија не се сетија), дури и се најавуваше партиски конгрес во Солун, во Обединета Македонија…И еве, 35 години по осамостојувањето на Македонија, ВМРО не само што не ја оствари целта запишана во името на партијата, туку напротив, бега од можноста Македонците од сите страни на границата да се сплотат, и да живеат без граници меѓу нив.
Македонците од егејскиот и пиринскиот дел веќе ја остварија целта, помеѓу нив нема рампи, цариници, редици, печати, ЕАС-меас и други гранични бариери, може слободно да патуваат, да се посетуваат, да бараат работа, да студираат од која страна на границата сакаат, да разменуваат интелектуална и материјална сопственост. На нив наскоро ќе им се придружат и Македонците од Албанија. Надвор од ова национално обединување ќе останат само Македонците од Вардарскиот дел, тие од Северна Македонија, предводени од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои со сите сили се трудат Македонците од овие простори да останат надвор од Европската Унија која го овозможува ваквото безгранично национално обединување. Секако ова не важи за „тукашниве“ Македонци кои се повикаа на нивното бугарско потекло и разбудената бугарска самосвест при вадењето на бугарски државјанства и патни документи.
Од македонското национално единство, и безграничното поврзување на Македонците од сите делови на Македонија, за Мицкоски и сегашното раководство на „најпатриотската“ и „најмакедонската“ партија очигледно е поважно единството со олигарсите и финансиските бенефити за тесен круг на луѓе во власта.
Очигледно е дека од акронимот ДПМНЕ во името на партијата, останата е само буквата П (партија), па се чини дека е крајно време партијата да се ребрендира во ВМРО-Мицковистичка.
Текстот е личен став на Авторот
ПРОЧИТАЈ И:












































