Со цел да придонесе кон политичкиот дијалог во општеството во пресрет на вонредните избори во 2016 година, ЦИВИЛ – Центар за слобода започна со серија интервјуа со членови на Владата. Во рамките на тие активности, во вториот круг интервјуа со министри, екипата на ЦИВИЛ Медиа разговараше со министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
ЦИВИЛ Медиа: Според извештаите на делегацијата на Европската унија, средствата од ИПАРД програмата во Македонија, не беа доволно искористувани изминатиот период. Неодамна најавивте нов проект за зголемување на капацитетите на Платежната агенција за поголема искористеност за фондовите. Преку кои механизми ќе ја остварите таа цел?
ЦВЕТКОВ: Така, во право сте, и ние како Министерство, како Влада не сме задоволни од искористување на ИПАРД 1 програмата, 2008-2014 година. Практично, некаде околу 40 отсто се искористени средствата, односно ќе бидат искористени до крајот на 2017 година, колку што нели, имаме време за искористување на овие средства. И затоа е овој твининг проект којшто треба да ја зајакне Платежната агенција, да помогне ИПАРД 2 програмата, каде што имаме на располагање 60 милиони, целосно да бидат искористени. Во тој правец, сакам да кажам дека освен што ќе одиме со зајакнување на ИПАРД, односно на Платежната агенција кадешто се воведуваат нови мерки, ќе се обучуваат самите вработени за подобро обработување на самите барања. Секако, имаме и тука и софтверски решенија кадешто ќе се воведе автоматизација во обработката на самите податоци. Секако дека ние, како Министерство, преземавме и други активности, мерки за ИПРД 2 програмата практично, 100 отсто да ја искористиме.
Што е тоа што го направивме? Значи, покрај овој твининг – проект којшто ќе оди за зајакнување на самата агенција, ние како Министерство воведовме и гарантен фонд заедно со УСАИД – на 20 милиони долари. Имајќи предвид дека земјоделците немаат доволно средства да ги користат овие средства и потребно е да се задолжат од банките да земат кредит, а во секоја банка знаете дека за да земете кредит, потребно е да имате хипотека. Имајќи предвид дека во руралните средини хипотеките тешко се добиваат, односно имотот што го имаат замјоделците, куќите што ги имаат, банките ги проценуваат многу ниско, ние со овој Гарантен фонд – 50% од хипотеката ќе ја гарантираме, значи веќе имаме една доста голема поволност.
Втора мерка што ја воведовме е дека 50 отсто од каматата ќе ја субвенционираме за оној кредит којшто ќе го земат од банката. Се работи за кредити до 500.000 евра и камата не повисока од 8 отсто. Значи 50 отсто ние ќе финансираме или од максималните 8 отсто, 4 отсто ние – 4 отсто самиот корисник.
Трета мерка што исто така ја преземавме, а тоа е најголемиот проблем што ИПАРД 1 програмата не се користела, е што самите земјоделци не се доволно стручни за да можат да го подготват барањето, онака како што бара Европската Комисија. Од тие причини, ние како Министерство, веќе доста типски проекти изготвивме, а секако дека имаме и такви кои се во изработка. А тоа е типски проект за засадување на лозов насад, да речеме проект од 1 хектар каде што имаме засадување, имаме на самиот лозов насад – наводнување „капка по капка“ и заштита од град. Така, проектот му стои на располагање на секој земјоделец којшто сака да засади лозов насад, значи бесплатно. Истите вакви типски проекти ќе бидат доставени до подрачните единици на Министерството, и секој земјоделец ќе може бесплатно да ги добие.
Вакви типски проекти имаме направено за цело земјоделие. Значи, за лозов насад, овошен насад, краварска фарма од 10, 20, 50 крави, свињарска фарма од 10, 20, 50 свињи, овчарска фарма, козарска фарма…, така што сé она што е потребно во земјоделието, односно проекти со кои можат да аплицираат земјоделците, практично ние им ги изготвуваме тие проекти.
И четврта мерка што ја спроведовме е формирање стручен тим од 80 агроинжињери кои што ќе им стојат на располагање на сите оние кои сакаат да аплицираат за ИПАРД 2 програмата, ние да им ги подготвуваме проектите. Значи, сé она што значи апликација, сé она што е потребно, ние да помогнеме да им ги извадиме докумнетите. Со сите овие мерки што ги преземавме, ИПАРД 2 програмата, ние 100 отсто ќе ја искористиме. Значи, тоа се 60 милиони евра и кажувам дека сите ќе ги искористиме.
ЦИВИЛ Медиа: Дополнителниот заменик-министер, Љупчо Николовски, објави дека преку МЗШВ, конкретно преку Платежната агенција, се исплаќале средства на фирми, меѓу кои и на „Трансмет“, фирма чиј сопственик е Сеад Кочан, сопственик и на новата телевизија со национална концесија. Дали на овој начин продолжува контролата на власта врз медиумите, проблем кој е посочен во извештаи на релевантни меѓународни и домашни организации, меѓу кои и ЦИВИЛ?
ЦВЕТКОВ: Прво, велите на Кочан му се исплатени одредени средства на пари, да исплатени му се за извршена работа. Во врска со дополнителниот заменик министер за земјоделство, што ја посочи два пати фирмата на господинот Кочан, за првото, дека тој чистел канали во 2014-та година, ние проверивме дека Кочан не учествувал на овие тендери и не чистел канали. Кочан во 2013-та, на крајот, или почетокот на 2014-та година, јас сé уште не бев министер, има добиено тендер на електронска аукција, но сакам веднаш да кажам дека градежните фирми не ги делиме по тоа дали има телевизија, радио, дали има невладина организација… Нас не интересира дали ги исполнува условите што ги бараме на тендер. Кочан има добиено тендер за изведба на пат Кочани – брана Речани, на електронска акукција. За сите тендери што Министерството ги распишува, изборот се врши по пат на електронска аукција, онаа фирма која ќе дајде најниска понуда за изведба на проект го добива тендерот, воопшто, не е битно дали има телевизија. Исто така, сака да кажам, тоа не е никаква тајна, не е злоупотреба, затоа што господинот Кочан со фирмата “Трансмет”…, одете и видете каков пат е направен, да не речам -автопат е направен горе во планината, и очекуваме оваа година да биде асфалтиран. Тендерот во постапка е за изведувач на браната Речани, првиот степен на евалуација помина, сега за 40 дена ќе оди и финасиската понуда и со електронска аукција, може господинот Кочан да добие, доколку ги исполнува условите и доколку даде најниска понуда да ја гради и браната. Јас не можам да му забранам да не ја гради, затоа што има телевизија. “Трансмет”, го има добиено и тендерот за изградба на системот за наводнување Равен – Речица, којшто на електронска аукција од 14 милиони е намален на 8,5 милиони евра, имаме намалување од повеќе од 5,5 милиони евра, намалување од проектната цена! Тие се нафатиле дека можат за тие пари да го направат. Кога кажувате дека му се дадени парите, не му се дадени, тој ги заработил. За изградба ние бираме и надзор кој е независна куќа, која одговара пред законот и сите ситуации се потпишани од надзорот, од изведувачите, од сите сектори во Министерството, и на крај од мене. Така што не му се дадени, туку господинот Кочан, преку фирмата “Tрансмет” ги има заработено.
ЦИВИЛ Медиа: Субвенциите што ги добиваат земјоделците во Македонија, требаше да ги решат нивните проблеми, но според информациите што ги добиваме од граѓанските новинари на терен, фактот што покрај регистрираните, субвенции добиваат и останатите земјоделци, само предизвикува хиперпродукција, конкретно на јаболката, со што се намалува цената, која годинава е рекордно ниска, а се создава и нелојална конкуренција. Министерството го обвинуваат и дека бенифициите кои ги добиваат регистрираните земјоделци се незначителни, затоа што самите си плаќаат придонеси, а треба да ги продаваат своите производи, по иста цена како и останатите…
ЦВЕТКОВ: Има ред, има закон – кој може да земе субвенции. Секој земјоделец кој е регистриран во Единствениот регистар за земјоделски стопанства, има право на субвенции. Ова што го кажувате вие, проверете и најдете го тој кој не е регистриран, а зема субвенции, јас веднаш ќе превземам казнени мерки против луѓето кои исплатиле такви субвенции! Со сигурност Ви кажувам дека таква работа е неможна и секој вработен кој тоа го направил, направил кривично дело. Секој оној кој не е регистриран, не може да зема субвенции. Имаме 150 илјади регистрирани, а 80-90 илјади имаме активни земјоделци. Сигурни да бидете. Доколку имате такви информации, треба да имете и документи, оти вакви, што викаат Србите рекла- казала, можеме цел ден да си дискутираме така.
ЦИВИЛ Медиа: Цената на земјоделските препарати во Македонија е неколку пати поскапа, во споредба со земјите од соседството. Дали се работи за монопол во набавката на тие производи, како што се сомневаат дел од земјоделците?
ЦВЕТКОВ: Законот за препарати и заштита на растенијата, ние го сменивме 2014-та година, и тој монопол кој постоеше, со овие измени го укинавме. Пред да го изменеме законот, беше кажано дека може да увезува препарати само онаа фирма која има договор и овластување да биде дилер. Ние тоа го изменивме и кажавме, дека секој може да увезува препарати, кој што ги исполнува техничките услови и има кадар кој тоа треба да го работи. И вие, доколку мислите дека во тоа има заработка, можете да си отворите фирма, да увезувате препарати од било каде, нема никакви ограничувања, освен да имате технички услови, да имате простории и да имате вработено инженер, и можете да продавате. Точно е тоа што го кажувате, пред да го промениме законот, ги обезбедивме тие информации, во околните земји – препаратите се доста пониски. Но, еве, вие сте неинформирани, и можеби другите се исто така неинформирани, добро што сега можеме да ги информираме луѓето… Може секој да отиде во Грција, секој кој има фирма регистрирана за увоз на препарати за заштита на растенија, може да си купи и нека ги продава ефтино тука. Може од Турција, Србија, Бугарија, од секаде. Монополот кој беше го укинавме со измените во законот.
ЦИВИЛ Медиа: Откупно-дистрибутивниот центар за јаболка во Преспа беше најавен како решение за проблемот со складирање на јаболка во овој регион, и како голема инвестиција од 5 милиони евра во која требаше да се вработат 100 луѓе. Но, освен неколку сезонски вработувања, откуп на јаболка по многу ниска цена, и строга селекција, земјоделците од Преспа не го добија тоа што им беше најавено и што го очекуваа… Зошто?
ЦВЕТКОВ: Со изградба на еден откупно-дистрибутивен центар, прво мислам дека очекувањата да се решат проблемите – биле нереални. Тој откупно-дистрибутивен центар, може во своите ладилници да складира пет илјади тона јаболка, ако имаме предвид, дека Ресен произведува над 100.000 тони, ова е некаде само 5 %. Со само 5 % не може да се очекува да се решат проблемите со јаболката. За решавање на проблемите во земјоделието, ние преземаме многу мерки. Во однос на ова за Ресен што ме прашавте, за Задругата во Ресен за јаболко, веќе распишавме оглас за изнајмување на земјоделско земјиште. Задругата сама ќе прави откуп во висина од 500.000 евра. Решение не е некој од Дубаи, да ни ги реши проблемите, треба ние сами да си ги решаваме проблемите. На Задругата им ги изготвуваме проекти, за центарот, проектот е 80% завршен, за месец – два ќе биде готов. Планот е да чуваат 2.000 тони јаболка. Не може да очекувате вие некој да ви влезе во нивата, во овоштарникот и оттаму да ставате во камионот, и така да печалите… Мора да има калибрирање, селектирање…, тие што се добрите јаболка тие ќе се чуваат. Се трошат пари и не може лоша јаболка да се чува, само добрите јаболки се чуваат.
Решението е отворање на други дистрибутивни центри и да има конкуренција. Дубајците беа тука и разговаравме. Јас им реков, господа, не може вие да очекувате ако сте вложиле толку и толку милиони евра, да ги вратите парите, со тие цени со кои вие сакате да ги чуваат јаболката земјоделците, тешко ќе помине таа работа. Вчера беа тука консултанти од Италија, од ИПА 2 програмата, имаме добиено четири милиони евра за зајакнување на земјоделските задруги. Тие сега ќе одат во Ресен, со овие четири милиони евра ќе се направи снимање на територијата на цела Македонија, сите задруги што постојат, бидејќи само со задругите ќе ги решиме проблемите…
Проблемите нема да ги решиме со помош на дополнителниот заменик министер. Ние, само ако кажуваме како не чини, не го решаваме проблемот, јас и нему му реков: кажи како да најдеме решение, а не како не чини. Јас можам да ви најдам 300 маани за тоа како не сте облечени убаво, но треба да ви кажам како треба да бидете облечени. Добро сте облечени, само пример, ако сакам, можам да ви најдам маана. Со овие 4 милиони евра ќе помогнеме да се изградат откупно- дистрибутивни центри, за јаболка во Ресен, за ориз – сушара ќе градиме, во Струмица за градинарски култури, селектирање, ладење… Во сточарството, козарството ќе направиме мандра, каде сточарите ќе се здружат, тие сега се оставени сами на себе. Решение има, само треба да се искористат парите. 46 милиони евра имаме од ИПА 2 програмата. Ни имаат одвоено 8 милиони евра за изградба на системи за наводнување, кои што ќе наводнуваат од 2 до 3 хектари.
Најголем проблем е расцепеноста на земјоделското земјиште во Македонија. 4 милиони евра ни се одобрени за консолидација на земјоделско земјиште, затоа ги форсираме кооперативите, затоа што најбрз начин за консолидација е преку кооперативите. Но, не застануваме тука. Земјоделството се смета за проста работа, но да ви кажам, тоа е една од најсложените работи. Доколку не ги применуваме сите агро-технички мерки, не примениме наука… Еве, да ви кажам дека ние сега ќе плаќаме стручни лица кои ќе вршат обука на земјоделците. Сега планираме во пет региони да извршиме обука, во Ресен, за како се режат јаболката, кои сорти да ги одгледуваат, како се прска, сите знаеме дека 15-16 пати се прска… Стручњаците велат – нема потреба од толку многу, се прска само тогаш кога треба да се прска. Потпишав дговор за купување на агро-метролошки станици кои ќе ја мерат климата, вирусите, за да знаат земјоделците, по порака да им се каже каква опасност има, за тоа и тоа да прскаат. Имајте трпение, Македонија има природно богатство за земјоделие, само треба да ја внесеме науката и механизацијата. Знаете, механизацијата е основна во земјоделството. Минатата година ние издвоивме 4 милиони евра за набавка на механизација, оваа година пак. За 20 милиони евра имам побарување за механизација, земјоделците во Македонија немаат механизација, ние ќе им помогнеме преку ИПАРД програмата да се снабдат со земјоделска механизација, да можеме да ги изградеме овие откупно-дисртибутивни центри. Пилешко месо во Македонија се произведува само 5%, проектот веќе е при крај и е финансиран од ФАО, планираме во наредните пет години, да произведуваме 10 илјади тони годишно пилешко. Ние увезуваме 33-34 илјади тони пилешко месо годишно во Македонија, и даваме 50 милиони евра. Со овој проект, преку фамилијарно производство, нема да работиме со големи фирми, туку со мали и со организација на вакви задруги ценам дека ќе успееме.
ЦИВИЛ Медиа: Дали ќе се повторат манипулаците со предизборни субвенции за земјделците?
ЦВЕТКОВ: Не знам како да кажам, ни не размислувам така, јас како министер не размислувам дека субвенциите ги даваме во правец и во интерес на изборите. Прво, изборите се закажани на 24-ти април, и сами знаете, се вика ќе има – ќе нема. Како ние можеме да ги темпираме субвенциите, кога еве, за минатата година, исплативме 104 милиони евра, во 2014-та исплативме 101 милион евра, а немаше избори. Субвенциите ни се во програмата и оваа година, исто така. Програмата за субвенции е независна од изборите. Сега ги правиме сите технички можности за што побрзо да се исплатат. Планот ни е повеќе од шест месеци да не се чека за субвенции. А избори ќе има, секоја година има избори во Македонија, не ви го разбирам прашањето, нон-стоп има избори во Македонија. Луѓето си ги земаат субвенциите, не се правени субвенциите према изборите. Еве за тутунот, со директорката на Платежната агенција се договоривме, тутунот да го исплаќаме сукцесивно, месечно да го исплаќаме. Ние сега направивме едно софтверско решение, ние во секој момент ќе знаеме колку тутун се откупува, по која цена и кој квалитет, бидејќи директно ќе бидеме врзани со откупните центри. Сега работиме на друго софтверско решение за предавање на земјоделски производи во преработните центри, како млеко, пиперка, патлиџан… Сега правиме едно софтверско решение каде на дневна основа ќе знаеме кој предал, што предал. Со ова решение ќе знаеме секој млекар колку млеко предал и ќе им ги исплаќаме месечно субвенциите. Во однос на субвенциите, ич да немате бојазност, тие не се насочени за избори, туку се насочени за поддршка на земјоделците. И треба да ви биде јасно дека овие средства не се доволни за развој на земјоделството, туку за да може земјоделците да се одржат во живот.
Марија Теговска
Камера и фотографија: Атанас Петровски и Дехран Муратов
Монтажа: Никола Угриновски