Денешниот ден, 27 март 2026 година, означува точно 13 години од трагичното заминување на Никола Младенов – човекот кој беше синоним за независното новинарство во Македонија.
Неговата смрт во 2013 година остави огромна празнина во медиумскиот простор, но тој и денес служи како патоказ за тоа што значи да се биде критички глас во општеството.
Младенов не беше само новинар и сопственик на медиум; тој беше симбол на отпорот против секој вид на авторитаризам.
Тој е основач на „Фокус“ во 1995 година го лансираше неделникот кој стана симбол на истражувачкото новинарство, со мотото: „Весник на слободоумните и на тие што сакаат да станат такви.
Младенов не штедеше ниту една власт. Неговиот остар јазик и прецизна анализа ги „тресеа“ политичките елити без оглед на нивната идеологија. Веруваше дека улогата на новинарот е да биде коректив на власта, а не нејзин сојузник.
Незаборавна е и улогата на Младенов кон крајот на 1980-те години кога беше главен и одговорен уредник на „Млад борец“ (тогашен орган на Сојузот на социјалистичката младина). Тандемот Никола Младенов и заменик главниот уредник Сашо Орданоски во тоа време направија нешто незамисливо за тоа време. Претворија гласило, орган по контрола на државата, во најдемократски опозициски медиум во цела Југославија.
Младенов и Орданоски беа први кои отворено го предизвикаа монополот на Сојузот на комунистите. Преку „Млад борец“, тие им дадоа простор на дисидентите, интелектуалците и на првите никулци на политичкиот плурализам, кога македонската јавност сфати дека системот може и мора да биде критикуван.
Насловните страници на „Млад борец“ од тоа време беа вистински шок за естаблишментот. Тие беа визуелни и текстуални бомби кои го најавуваа падот на социјалистичкиот режим. Некои од изданијата беа запленувани од тогашните комунистички власти.
Тандемот Младенов – Орданоски во „Млад борец“ е веројатно најмоќната новинарска коалиција во историјата на македонските медиуми. Тие двајца беа „страшните деца“ на македонското новинарство кои го извадија општеството од социјалистичката летаргија. Не се плашеа да влезат во директен конфликт со тогашните моќници.
Кога тогашниот Сојуз на социјалистичката младина се обидуваше да го „скроти“ весникот, Младенов и Орданоски одговараа со уште пожестоки текстови и празни страници во знак на протест, што привлекуваше огромно внимание кај јавноста.
Младенов го изгуби животот во сообраќајна несреќа кај клучката кај Хиподром, влегувајќи во Скопје. Иако официјалните истраги несреќата ја карактеризираа како излетување од патот, во јавноста со години останаа низа неодговорени прашања и сомнежи околу околностите на настанот кој се случи меѓу двата изборни круга на клучните локални избори во времето на режимот на Никола Груевски.
Денес, 13 години подоцна, колумните и ставовите на Никола Младенов се чинат поактуелни од кога било. Во ера на дезинформации и силна поларизација, неговата визија за „новинарство со ‘рбет“ останува највисокиот стандард кон кој треба да се стреми професијата.
Ќе останат запаметени засекогаш голем број од неговите колумни и изјави. Го завршуваме овој прилог со неколку од нив.
„Ако во земјава нема критичка маса, тогаш таа е осудена на пропаст. Ние сме тука само за да потсетиме дека може и поинаку.“
„Новинарството не е професија за тие што сакаат да бидат сакани од власта. Тоа е професија за тие што сакаат да бидат гласот на јавниот интерес.“
„Во Македонија, патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери на лоши политичари.“
„Животот во 2007 ќе биде многу поевтин; повеќе нема да мораме да купуваме весници и да плаќаме ТВ претплата, бидејќи ќе го научиме оптимизмот на памет.“
„Толку судски процеси има против мене и мојот весник, што ми се чини дека многу повеќе знам за законските параграфи, отколку за новинарството.“
„Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина безрбетници. И тука – нема компромис!“
Овој текст е подготвен од Редакција ЦИВИЛ Медиа и раководството на ЦИВИЛ – Центар за слобода













































