Пишува: Љубомир Костовски
Нападот на радиоактивниот облак врз тогашните жители на Балканот најпрвин ја потврди тезата дека тукашниот народ никогаш не верувал во опасноста од една појава која ниту може да се види, ниту предизвикува некакви тактилни чувства, особено не непријатни.
Паника имаше во мигот кога на 1 мај 1986 година, кој тогаш сѐ уште беше Први Мај, државен празник кој има уште три неработни денови како додаток, со споениот викенд, се дозна дека некаде далеку, во тогашен СССР, во време на тамошната перестројка на Михаил Горбачов, дошло до голема хаварија на нуклеарна електрана уште на 26 април. А потоа настанал некаков радиоактивен облак кој носен од ветриштата и облаците некако стигнал и до нас, по неколкудневно кружење.
Но, реакцијата на јавноста беше релативно млака и примена селективно, па државата се согласи да информира од еден центар во текот на првиот ден, а веќе првиот работен ден, кој падна на 5 мај, просто си беше работен и сите одеа на своите секојдневни задачи, на училиште, студии или на работни места во општеството со сѐ уште висока стапка на вработеност.
ДА НЕ БЕА ШВЕЃАНИТЕ…
Советскиот систем тогаш реагираше сикретно, иако на лице место се преземани мерки, некои со користење на самоубиствен напор на работниците во и околу Нуклеарната електрана. Преселени се над 30 илјади лица од најблискиот град (Припјат) во првиот ден на катастрофата. Но, за тоа каква драма имало таму во подрачјето на сега самостојна Украина малку луѓе знаеле.
Шведска беше првата што забележала нешто сомнително кога, рано наутро на 28 април 1986 година, шведско-британскиот хемичар Клиф Робинсон, за време на проверка на безбедноста во нуклеарната централа Форсмарк, забележал дека уредот што детектира висока доза на зрачење реагира на присуството на неговите чевли. Неговите колеги имале сличен проблем.
Загрижени за можна штета на објектите, раководителите на нуклеарната централа Форсмарк ги информирале шведските власти, а потоа ја провериле целата централа – сè било во ред. Во меѓувреме, Шведската агенција за заштита од зрачење дознала дека претходниот ден, ама навечер, на некои места во Финска се откриени зголемени нивоа на радиоактивност. Потоа истата вознемирувачка вест пристигнала и од Норвешка и Данска. Сите очи биле вперени во Советскиот Сојуз, кој, иако на почетокот негирал дека имало каква било несреќа, под притисок од Западот признал дури навечер на 28-ми април дека имало несреќа во Чорнобил, пишува Euronews деновиве. Практично после 48 часа.
Прашањето за молкот е сериозна вина на тогашното советско раководство, бидејќи дефектот во Чорнобил не бил само приказна на таа огромна земја ама и да бил, не требало да се молчи во однос на сопствената јавност!


ВИНОВЕН Е ВЕТЕРОТ
Инаку, ветриштата и облаците над Украина го однеле радиоактивното зрачење кон северозападот, значи кон скандинавските земји, но малку требало за потоа истите тие метео услови да ја пренасочат радиоактивноста како облак кон југоистокот, значи и кон Балканот, каде таа стигнала на 1 мај. Поминале најмалку три дена откако Западот дознал за оваа опасност, а и денес не е разјаснето дали во СФРЈ, политичарите со нивните контакти и дипломатски претставништва не дознале за ова откритие?! Ако, пак, знаеле – зошто криеле и целиот тој систем на ОНО и ОСЗ, граден со децении не бил активиран!?
Во нашата соседна земја Бугарија сосема сме сигурни дека екипата на Тодор Живков знаела по своите „коминтерновски врски“ што се случува со Чорнобил. И таму радиоактивниот облак дошол на 1 мај, ама раководството одлучило да испрати токму на тој ден работни бригади низ целата земја, да работи на отворено, како начин да се прослави Денот на трудот! Да речеме дека метереолозите предвидувале такви услови штом политичкото раководство проценило дека Чорнобил нема да ни се случи – нам. Подоцна се дозна дека југословенските власти во меѓувреме испратиле авион во Кијив за да се евакуираат тамошните студенти, југословенски државјани, што значи дека имало реакција и сознание. Недоволно, секако.
Можно е и кај нас првомајските излети, во време кога климатските услови биле перфектни, да добиле приоритет над веста која би предизвикала паника. Впрочем, се работело за споени четири дена (1 и 2 мај, плус денови од викендот) што секако значело дека народот масовно заминал од дома некаде уште на 30 април. Дали треба како алтернатива да биде седењето крај телевизорите и со затворени прозорци?! И да дојде до понатамошно затворање на училиштата и фабриките? Факт е дека кај нас, сепак, се знаело за радијацијата, а имало одлука тоа сознание да остане тајна во услови кога меѓународните конекции сѐ уште не биле развиени.
Мерењата кои се правени во Бугарија покажале дека тој ден радиоактивноста била за десет пати поголема од дозволената.
Југославија реагирала побрзо од соседот, но и таа го следела советскиот образец на ограничена транспарентност. Западните медиуми веќе предавале на малите екрани дури и сателитски снимки на уништениот реактор и мапи кои го следеле радиоактивниот облак.
КАКО ВИСТИНАТА СЕ ПРОБИ ВО ЈАВНОСТА
Раководителката на Лабораторијата за радиоактивност на биосферата од Загреб, д-р Алис Бауман, спротивно на процедурата, прва ја информирала јавноста за можната опасност што доаѓа од Украина. Имено, во Загреб, на 1.200 километри од Чорнобил, било измерено зголемено ниво на зрачење, а Радио 101 прво ја објавило веста.


Така, Стокецот, тогашното Младинско радио, беше првиот медиум во Југославија во тоа време што ја дозна веста за катастрофата во Чорнобил.
Новинарката Леа Бауман работеше на радиото во тоа време, а нејзината мајка, д-р Алис Бауман, беше раководител на Лабораторијата за радиоактивност на биосферата во Институтот за медицински истражувања. Во часовите по трагедијата, беше забележано дека радиоактивноста на воздухот се зголемува, па научниците во Институтот ја мереле и проверувале ситуацијата на секои неколку часа. Д-р Бауман ја повикала својата ќерка Леа и ѝ рекла дека нешто се случува и дека треба да стави маска на лицето и да ја покрие устата ако излезе надвор. Ова го слушнале колегите Дамир Крамариќ и Борис Влашиќ, а некој рекол дека видел многу автомобили и воени џипови во близина на Парламентот и дека се случува нешто чудно.
Дека нешто злобно, страшно и опасно се случило во Чорнобил на 26 април 1986 година, светот не знаеше со денови, катастрофата во нуклеарната централа беше чувана во строга тајна од страна на Русите. Но наскоро почна да се шпекулира дека нешто се случува, радиоактивниот облак брзо се прошири над Скандинавија, Полска и други места во Европа, а подеднакво и над Хрватска.
„Тоа беа деновите пред 1 мај, па времето што во Југославија е исто како и во денешна Хрватска, времето кога се бројат деновите што можат да се комбинираат со празникот, односно неработните денови што луѓето ќе ги поминат некаде во природа, дружејќи се, шетајќи и други вообичаени активности за 1 мај… но не и таа година“, вели водителката на тогашното Младинско радио, подоцна Радио 101 Дубравка Братољиќ.


Во согласност со тогашниот пристап кон креирање вести, особено во такви необични ситуации, каде што информациите не се добивале лесно или воопшто не се добивале и каде што се користел секој можен начин, (колку си полуд толку подобро дознаваш, велат „првите ластовички“ на информацијата).
Овие, новинарите Дамир и Борис, отишле директно кај властите и рекле дека забележале дека има некаква вонредна ситуација и прашале што се случува, на што некој мајор (највисок чин во воената безбедност – н.з.) им рекол да почекаат додека не заврши состанокот и ги заклучил во канцеларијата. Тие, од друга страна, се јавиле на радио од телефонот на офицерот и директно во програма рекле дека се уапсени, дека ги затвораат и дека има некаква врева околу ситуацијата. Потоа д-р Бауман слушнала многу детали за Чорнобил преку австриската телевизија (инаку, таа е по потекло австриска Еврејка) и одлучила дека јавноста треба да знае што се случува и кај нас и треба да се однесува соодветно, па затоа дошла на радио кај својата ќерка Леа и снимила изјава што била емитувана, раскажува Дубравка во хрватскиот 24 Sata.
Во вестите на Младинското радио објавиле што можело да се случи во такви, недоволно познати околности, односно дека се случила катастрофа, дека радиоактивни облаци доаѓаат кон нас, штом добиле вистински мерења на радиоактивноста на воздухот, ја објавиле и најважната работа: како да се однесуваат и да се заштитат што е можно повеќе.
„Луѓето биле предупредени да не излегуваат, да ги затвораат прозорците, да не јадат лиснат зеленчук. Сите морале да бидат заштитени, особено новороденчињата и малите деца, од првиот бран на радиоактивно зрачење, кое содржело многу јод 131, што е опасно за тироидната жлезда“, се сеќава Дубравка.
Треба да кажеме дека, според тогашните прописи, само ЈНА имала право и обврска да известува за опасност од радијација! Кога заѕвонил првиот телефон во Лабораторијата за радиоактивност некој офицер рекол дека таа (д-р Бауман) веднаш ќе оди во затвор за објавената вест. Но на вратата на канцеларијата не затропал никој – вистината почнала да се шири и не можела да се спречи (Blic.rs).
МАКЕДОНИЈА И ВЕСТА
Така доаѓам до мојата маленкост и до тоа како веста дојде до кај нас. Имено, бидејќи моите родители, кои живееја во центарот на Скопје, ја зедоа мојата мала ќерка (една и пол година) да ја шетаат со количка во Градскиот парк, а јас бев седнат пред телевизорот. Програмата имаше два канали, како и во целата земја. Вртејќи по „изборот“, одеднаш на Вториот канал (федеративниот) некаде рано попладне започна специјална програма од загрепското студио на ЈРТ! Необично. И започнаа да се редат стручњаци во студиото кои говореа за многу детали околу радиоактивноста, штетноста и заштитата. Тоа веќе беше една централизирана програма со доволно факти и многу професионални преноси. Програмата одеше во живо и траеше долго, континуирано.
Мојата прва реакција беше да се обезбеди доволно млеко за ќерката и започнав да ѕвонам постојано во домот на родителите, но тие процениле дека нивната внука треба што подолго да биде на воздух и на сонце!
Кога конечно ги добив, панично побарав да се земе што повеќе млеко во тетрапак во продавниците (три) кои работеа и во празник во ГТЦ. Но, предоцна. А тетрапакот беше сигурен бидејќи во него веќе првично обработено млеко имаше постар датум, додека она после празникот секако ќе биде свежо, добиено од крави кои веќе паселе по тревата која беше опасно радиоактивна. Тоа ќе биде контаминиран пијалак. Но секако имаше и побрзи ТВ гледачи кои беа близу до драгсторите..
НАЈОПАСНО ПОДРАЧЈЕ БИЛО ОНА ШТО Е БЛИЗУ ДО БУГАРИЈА
Според некои прегледи што се објавени деновиве, а своевремено се континуирано објавувани во „Вечерњи новости“ во периодот од 3 до 5 мај 1986 година, највисокото ниво на зрачење се јавувало во подрачјето на источната граница на СФРЈ, онаа со Бугарија! Практично излегува дека кај нас најзагрозена била Источна Македонија.
Сѐ уште се забележува присуство на „Цезиум-137“, што се смета за долговечен радионуклеид и може да остане во животната средина со децении, вели Ведрана Вулетиќ од Директоратот за нуклеарна радијациона безбедност во Белград.
„Преку мониторинг на радиоактивноста – анализа на воздух, врнежи, површински води, храна и храна за животни, присуството на цезиум-137 и стронциум-90 сè уште се открива во Србија и денес, но во многу ниски концентрации“, рече Вулетиќ.
Инаку таа ја дава картата на најгустата концентрација што постоела своевремено, а дека денес истата ја има кај некои видови растенија и почва без да се каже каде и кои се тоа билки! Се тврди дека таа радиоактивност денес не го загрозува населението. А тогаш?
Никогаш не се објавени студии за тоа колку ова зрачење влијаело на здравјето на населението, тогаш, а секако и подоцна. Науката тврди дека нема човек на планетава кој не е озрачен по првите експлозии на атомски бомби на Хирошима и Нагасаки, за подоцнежните атомски проби кои ги имаше многу и да не говориме.
Вулетиќ тврди дека радијација стигнала и до Србија и после несреќата во Фукушима (Јапонија), а нема причина да се сомневаме тогаш ја немало и кај нас, навистина во многу мали количества, но сепак тоа јасно покажува дека за нуклеарните зрачења не постојат граници. Да го кажеме и тоа дека после радијацијата од Чорнобил во Југославија се случиле половина милион абортуси, објави Jutarnji.hr.


Македонскиот работен народ на 5 мај замина рутински во своето претходно секојдневие. Животот бргу се сведе на нормала – најмалите носеа шапки и шамии, подолги мантилчиња (времето бргу залади, а постојаниот дожд ја зголемуваше контаминацијата од радионуклеиди). Рутината бргу надвладеа над опасноста, па се чини власта успеа да исконтролира процес на привидна нормализација. Се сеќавам дека во соседството каде што бев вработен, работеше и Комисијата за доделување на инвалидски пензии при ПИОМ, а тамошните доктори во заедничката менза за самоисхрана со сини картончиња (нема хранарина, туку појадок „по рецепт“) по желба ја мереа радиоактивноста на љубопитните. Секаде исто – апаратчето „врескаше“ кај чевлите и чорапите, а звукот се губеше додека апаратот одеше кон колената и стомакот. Кај оние без навика да носат шапка, пак се јавуваше тоа пискање.
За волја на вистината, шапките и марамите се вратија масовно во мода, луѓето по враќањето дома ги оставаа чевлите пред врата (за некои наши навики тоа е вообичаено и без да се случи Чорнобил) без оглед што тие биле со часови на нозете на сопственикот.
Тогашната југословенска власт, сепак, се откажа од изградбата на четири нуклеарки после онаа во Кршко, одлука која можеби имаше само економска заднина (!), а Македонија веќе не беше во игра откако на теренот на Вардар после Неготино, а пред Демир Капија, предвиден за нуклеарка, веќе изгради термоцентрала која до ден денешен главно и не работи. Во планот за развој на СФРЈ до 2030 година требало да се изградат 20 нуклеарни централи!
И оваа катастрофа најави крај на навиката да се градат информативни ѕидови. Три години потоа падна и Берлинскиот ѕид. Кај нас се чини немаше ѕид, ама и она мало ѕидче со радијацијата го проби на пионерски начин д-р Алис Бауман. Таа почина во 2017 година, а се сомневам дека во текот на животот доби некакво достојно признание.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.













































