Демантите на Владата дека нема да има населување на мигранти, ниту пак ќе се градат станови за нив, не ги предомислија советите на неколку општини да донесат одлука да се одржат референдуми за прашањето за населување на мигранти и тоа на истиот ден со локалните избори.
Повеќе од една година по завршувањето на мигрантскиот бран, на Македонија ѝ се случува референдумски бран против населување бегалци во државата, а атмосферата на седниците на советите на општините ширум земјата е сè повжештена. На седница на Советот на општина Аеродром, за малку беше избегнат инцидент, каде советник од редовите на ТМРО нападна советник на општината од редовите на СДСМ.
Тензична атмосфера имаше и додека иницијативата „Будење“ собираше потписи од граѓаните ширум земјата. Во општина Аеродром беше нападната екипата на НОВА ТВ од страна на еден член од иницијативата. ЦИВИЛ силно го осуди нападот врз новинарските екипи.
Премиерот Зоран Заев вели дека ќе ги поддржат референдумите за да ја покажат апсурдноста на опозициската кампања, и дека, доколку има референдуми, и тој ќе гласа против.
Гевегелија, Штип, Кавадарци, Битола, Прилеп, Кочани, Неготино, како и скопските општини Гази Баба, Карпош и Аеродром веќе донесоа одлуки за спроведување референдум против изградба на мигрантски кампови на ист ден со локалните избори кои се закажани за 15 октомври.
Околу прашањето за законитоста на одржувањето на референдумите заедно со локалните избори, мислењата на аналитичарите се различни, но она за што сите се согласуваат е фактот дека целта на овие референдуми е да се предизвика огромна емоционална реакција кај граѓаните, за да се затскријат недостатоците и немањето реална понуда за гласачите.
„Меѓу редови, може да се забележи заднината на овие иницијативи за локални референдуми, нивните насоки и определби, за одржување на референдум на истиот ден со локалните избори, без никаков сомнеж дека странува збор за политичка заднина, политичка во смисла на постигнување на одредени цели кои се во спротивност со општата државна политика“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Осман Кадриу.
Кадриу додава дека ако може да се утврди една таква заднина, државните органи кои се надлежни за спроведување на изборите и нивната законитост, треба да реагираат „и тоа не само со конкретни насоки, туку според своето мислење да донесуваат и конкретни одлуки“, повикувајќи ја Државната изборна комисија да реагира и да донесе одлука која ќе биде во согласност со законските одредби.
На прашањето дали постојат конкретни законски пречки за одржување на референдумите во исто време со локалните избори Кадриу одговори: „ Кога станува збор за вакви активности имаме две ситуации, од една страна локалните избори кои се значајна политичка активност, а од друга страна имаме најава за некакви референдуми на локално ниво. Јас сметам дека не би требало да се дозволи референдумот да биде во ист ден со локалните избори. Технички, тоа е дури и неизводливо. Во овој случај, при фактот дека имаме посебен државен орган кој треба да се грижи за законитоста на изборите и да обезбеди законито спроведување на изборите, а тоа е Државната изборна комисија, таа е надлежна и треба да реагира по ова прашање. Јас сум длабоко убеден дека тоа е неспоиво од аспект на законската регулатива, од аспект на законското регулирање на изборите и изборните процеси, како што се во нашиот случај локалните избори“.
Според адвокатката Сандра Гавриловска, членка на Експертскиот борд на ЦИВИЛ, пак, „не постои правна, односно законска пречка за одржување на референдум на денот на закажаните локални избори“.Гавриловска вели дека е подмолна самата интенција на донесените одлуки за одржување на референдуми во овие општини, а против изградба на домови за мигранитите (што сама по себе е измислена/фиктивна тема за референдум), и тоа на самиот ден на одржување на локалните избори.
„Скриената цел на ваквите одлуки на локалната власт (во заминување), за истовременото одржување на референдумот и локалните избори, е да се обезбеди успешност на референдумот, преку одѕивот, односно излезноста на граѓаните за локалните избори“, вели Гавриловска.
Според неа, истовременото одржување на референдумот и локалните избори, несомнено остава простор и можност за манипулации, особено во однос на, со закон, забранетото располагање и користење на средствата на буџетите на општините, до завршување на изборите (вклучувајќи ги и локалните).
Граѓаните не смеат да дозволат да бидат изманипулирани во однос на правото на глас, а за евентуалното противзаконско трошење на буџетските пари од општинските каси, веројатно некој ќе треба и да одговара“, вели Гавриловска.
Професорот Светомир Шкариќ, во изјава за ЦИВИЛ Медиа, вели дека не постои директна пречка или законски предвидена забрана за одржување на референдум во ист ден со локалните избори, бидејќи ваквата практика до сека не се случила. Тој истакна дека може да се јави проблем во врска со спроведување на референдумот од страна на Општинската изборна комисија.
„Општинската изборна комисија е овластена со Изборниот законик да спроведува локални избори. Државната изборна комисија ја поставува Општинската изборна комисија, која поставува избирачки тела, што значи дека органите за спроведување на референдумот ќе бидат под ингеренција на ДИК, со што се поставува прашањето дали е дозволиво една општинска комисија која ја формира ДИК за локални избори, истовремено да добива и дополнителни задачи“, вели професорот Шкариќ.
ЦИВИЛ Медиа, неколку пати се обиде да стапи во контакт со Државната изборна комисија, за да се произнесе по ова прашање, но до овој момент не добивме одговор.
Различен став, пак, има професорката Мирјана Најчевска, која вели дека одржувањето на локалните избори и референдумите не смеат да бидат во ист ден.
Според член 65 од Законот за референдум, средства за спроведување на референдум на локално ниво се обезбедуваат од буџетот на општината, градот Скопје и општините во градот Скопје. Овој член се коси со членот 8-а, став 1, алинеја 1: Од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до завршување на изборите (претседателски, парламентарни или локални), не може да се располага со буџетски средства на Република Македонија, средстваа на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал. Што во превод значи дека општината не смее да одржи/плати референдум до завршувањето на изборите.
Во таа насока се движат и размислувањата на Кадриу. „Изборниот законик е мошне јасен кога станува збор за кои активности не смеат да се преземаат во одредени временски периоди пред изборната кампања и додека трае кампањата и таквите согледувања се санкционирани со одредбите на изборниот законик. Од оваа гледна точка, покрај политичката заднина на референдумите кои треба да се одржуваат, според одредбите од изборниот законик, гледаме дека имаме неспоивост на две конкретни активсности со сосема различна содржина, кои се планираат да се организираат во истиот ден. Имаме една активност со политичка содржина, тоа е изборната кампања, односно изборите за локалните органи на власта, а од друга страна имаме и една друга определба со друга содржина. Од оваа гледна точка имаме неспоивост помеѓу законите. Во овој случај треба да се применуваат одредбите на изборниот законик а не одредбите на законот за одржување на референдум“, вели Кадриу.
На прес-конференцијата на Министерството за труд и социјална политика, по повод 100 дена од работата на новата влада, министерката Мила Царовска на прашање на ЦИВИЛ Медиа одговори дека „станови за бегалци, ниту ќе се градат, ниту се градат во моментов, никаде на цела територија на Македонија! Неколку пати во медиумите кажав, тоа е лага! ВМРО-ДПМНЕ пласираат лажни вести, со цел јавноста да ја изманипулираат пред локалните избори“.
Царовска беше децидна дека таа и Владата на Република Македонија го почитуваат референдумот како демократска алатка и упати апел дека референдумите треба да се распишуваат внимателно, а и ако се распишат тоа не смее да биде на денот на избори, токму поради одредбите и во Законот за избори, но и во Законот за спречување на корупција, каде стои дека средствата што не се планирани во буџетот не смее да се лоцираат во овој период, бидејќи во тек е изборен процес.
Ако според оценките на правните експерти, одржувањето на референдумите во исто време со изборот на локалните органи на власта, се коси со изборниот законик, во тој случај и референдумите во Босилово и Валандово, треба да се прогласат за неважечки, бидејќи се организирани по распишувањето на локалните избори.
Граѓанската организација Легис која се занимава со прашањата на бегалците во земјата, вели дека покрај манипулативната заднина на овие референдуми, се доведува во прашање и правото на глас на оние гласачи кои имаат јасни ставови за бегалците, како што е Мерсиха Смаиловиќ, од Легис, чии фотографии беа злоупотребени во црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, со која сее страв и омраза меѓу своите сограѓани.
Референдумот дефинитивно не смее да се одржи на ист ден со локалните избори затоа што голем дел од граѓаните кои се јасни во своите ставови ќе бидат исплашени да излезат на гласачките места и да гласаат на локалните избори, што е, исто така, нивно уставно загарантирано право“, изјави Смаиловиќ за ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛ Медиа, излезе на улиците низ Скопје и разговараше со граѓанките и граѓаните за бегалците. На прашањето дали се плашат од бегалците тие велат дека „и бегалците се луѓе, избегани од маки…“. Еден од соговорниците вели: „Бегалците и албанската Платформа се само реклама на опозицијата, сè е тоа лук и вода, каде е сега албанската Платформа? Тоа се само игри без граници на опозицијата, за да го плашат народот пред локалните избори, за да можат да нè мафтосуваат и да крадат!“
ЦИВИЛ во повеќе наврати предупреди на правните и политички контроверзи на овие референдуми. „Референдумите се противзаконски, но тоа што уште повеќе загрижува е нивната крајно валкана политичка димензија. Организаторите се во очигледна спрега со најдеструктивните елементи на македонската политичка сцена и имаат директна и недвосмислена агенда, преку ксенофобијата и исламофобијата, да внесат тензии во односите меѓу верските и етничките заедници во земјава, како што тоа беше случај со сите претходни изборни процеси во нивна режија. Едноставно, исламофобијата и омразата воопшто се валкан политички трик на опозицијата, која постојано промовира екстремизам и насилство, за да внесе страв кој потоа вешто го злоупотребува. Премиерот, владата и релевантните институции не смеат да калкулираат со оваа валкана кампања и да молчат. Политички поен кој нема да го изгубат сега, ќе биде загуба за целата земја во скора иднина“ – изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Во моментов во транзинтиот камп Винојуг кај Гевгелија, каде поминуваа илјадници мигранти, престојуваат само 13 бегалци од Блискиот Исток, кои чекаат да заминат кон Европа или да се вратат дома. И покрај ваквата состојба, најголемата опозициска партија сее страв меѓу граѓаните од опасноста дека Македонија ќе биде преплавена со бегалци.
Маја Ивановска