Докторот Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска се новите партиски потпретседатели на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија. Новото раководство беше избрано на вечерашната седница на Централниот одбор на СДСМ.
Дел од новото партиско раководство на СДСМ се и Александар Димитријевиќ, Љупчо Фармаковски, Андреј Жерновски, Симона Цветановски, Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска и Петар Огњеновиќ.
Според претседателот на СДСМ, новиот Извршен одбор претставува спој на млади и искусни кадри, а улогата на поискусните членови ќе биде да го пренесат своето знаење и искуство на помладите.
Филипче истакна дека новиот тим ќе се бори со, како што рече, ненародната, корумпирана и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН.
„Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар Александар Димитриевиќ и еден од досегашните организациските секретари Љупчо Фармаковски. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН,“ рече Филипче.
Тој нагласи дека е формиран Совет на партијата, предводен од поранешната потпретседателка на СДСМ, Ана Чупевска, кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нивните вредносни политики и апелираше до граѓански организации, независни поединци и интелектуалци да се придружат на нивниот фронт.
Претседателот на СДСМ потврди дека Фани Каранфиловска Пановска и натаму останува заменик-претседател на партијата, при што нејзината оставка, како што беше посочено, дополнително треба да ја констатира Конгресот.
Филипче информира дека имаат и нов, Антикорупциски тим, составен од млади, но искусни луѓе, истражувачи, кои ги консултираат за активностите и кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт.
М. Д.














































