Оваа погодна почва за садење и берење омраза не ми остава друг избор, освен повторно да го кренам гласот против неправдата, заради сите оние кои не смеат, не сакаат или не можат, а сепак успеваат да растат надеж во себе дека еден ден ќе нè биде.
Си должам себеси искреност, а на Македонија ѝ должам истрајност во она што го сметам за борба против газењето на сите принципи на човештвото. Конкретно, оваа битка ја водам со сите виртуелни и духовни методи кои ми се на располагање.
Патриотизмот на кој се повикуваат сите оние кои се во фотељи, а се огрешиле пред законот – не е ништо друго освен бескрупулозна војна за тоа кој да има повеќе права, а помалку обврски во и кон татковината.
Затоа, ќе ви речам:
По политички основ, за општо добро или повисоки цели вие можете да се помирувате колку сакате. Заев може и да прости, Села и Радмила, исто така. Јас не ви го простувам стрепењето, стравот и срамот што за прв пат беше толку истакнат – да кажам од каде доаѓам. И ако на сите вас крвта што падна не ви ги пржи образите – алал на дебелата кожа што ја имате.
Јами ми станаа очите плачејќи по правда. Ама не ќе спиете вие од неправдата што пред сè себеси си ја нанесовте, а после и на граѓаните и на државата. Не сме во Исусово време, та да се крстиме на Божји суд. Сепак, Јустиција седи со скрстени раце. Тоа е сликата на државата, мечот на дофат на било кој натрапник, терезијата под стапалата, откако тресна на земја од товарот на злото и отсутноста на казната.
Авторката е писателка и поетеса. Живее во Париз.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.