ДРАГАН МИШЕВ
Претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, во обраќањето на одбележувањето 132 години од историското ВМРО и 35 години од сегашното, на партиските функционери им рече да не заборават дека фотелјата не е поудобна од гајбата пред кооперација, а уличниот макадам од килимот по хотели и канцеларии. Уште додаде и дека никој не смее да дозволи бахатост, агонија од моќ и корист да му го заматат погледот.
Каква хипокризија! Kакво омаловажување на интелигенцијата на народот (барем на оној дел кој не влегува во цензусот на партиската аморфна гласачка маса)…
Човекот кој поседува 2 (два) рачни часовници од неименувана луксузна марка во вредност од 52.000 евра, кој лета со бизнис класа поради болки во колената, а се шета по дебели теписи, меѓу барокен мебел и луксузни лустери во седиштето на партијата проценето дека вреди 14 милиони евра, нè убедува дека поудобни му билe гајбата пред кооперација и уличниот макадам од килимот по хотели и канцелариите.
„Ма немој да ме ј…“, кажа во една прилика Кили, како створено за реплика на ваквите небулозни изјави.
Од друга страна, па и не зачудува ваквиот однос кон граѓаните, кога на неговиот сопартиец, претседател на Советот на Град Скопје и новоизбраниот гувернер на Народната Банка, лицемерот „par excellence“ Трајко Славески, мизерно му беше прашањето на новинарката за неговата плата од 3.000 евра, па ги упати граѓаните кои примаат минимална плата од 400 евра, наместо да бараат да им се зголеми, да почнат да работат по 2-3 работи.