СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Емануел Макрон започнува со поход за обединување на Европа, а војната во Украина му е од голема помош.
Странските медиуми пишуваат дека и не е изненадување што првата „надворешна“ посета на францускиот претседател е токму кај Олаф Шолц, германскиот канцелар. Вториот мандат на Макрон започнува со актуелизирање на т.н. „француско-германски“ мотор. Војната во Украина најверојатно оваа средба ќе ја направи успешна со оглед на фактот дека по ова што се случува Германија одлучи да го менува полека правецот на надворешната политика.
Историски, пристапот на Франција и Германија, како главните актери во предводењето на ЕУ, е различен, но приближување на ставовите е можен токму заради она што се случува во Украина. Големите планови на Емануел Макрон можеби за прв пат ќе наидат на разбирање и почеток на прифаќање.
Од меѓународен карактер важна е победата на изборите во Франција. Од една страна, тоа е силен удар за десницата, но од друга страна победата се доживува како „олеснување“ со оглед на ставовите Марин Ле Пен кои се однесуваат на Русија и ЕУ. Победата на Макрон е голема во контекст на ЕУ, но не толку во котекст на Франција. Во неговата држава тоа се доживува како избирање на помалото зло, а овој заклучок е оправдан заради големите протести и побуни кои му се случуваа на претседателот изминатите години.
Новиот концепт за Европска политичка унија е обид да се обележи територија и државите кои не се интегрирани да не го загубат ентузијазмот за ЕУ. Тоа за Украина значи оптимизам, но за Македонија и Албанија може да значи продолжен престој во чекалната. Како и да е, настаните во Украина сериозно ја потресија Европа и ги натераа лидерите во кратки периоди да ги менуваат и прилагодуваат политиките и визиите за да се осигура безбедност на континентот.
Победата на Макрон е важна за Европа. Гледаме ентузијазам и визија од негова страна. Тој ентузијазам би требало да се прелее и на Германија за побезбедна Унија. За малите држави како нас, во локален контекст, може и да не значи многу.