СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Во војна најмногу трпи обичниот народ, во политички кризи најдебелиот крај го влечат претприемачите и вработените, а во време на штрајкови најмногу губат децата.
Со образованието се мачиме веќе со години и децени. Единствено што останува конзистентно е покачувањето на платите. Сите ние се сеќаваме на нашите денови од основно образование кога минимум еднаш сме се радувале на „губење“ часови како резултат на наставнички штрајкови и барања за повисоки плати. Во тие моменти најмногу сме изгубиле ние.
Во образовниот процес мнозинството и наставници и родители и ученици се согласни дека образованието многу не се подобрува, а платите постојано се зголемуваат.
Поголем апсурд е што голем дел од оние наставници кои бараат покачување истовремено го критикуваат системот од кој и тие се дел. Зошто бараш повисока плата од трул систем?
Читав на „Фејсбук“ дека еден доскорешен политичар коментира како било тешко да се израснат деца со „даскалски плати од 29 000 денари“ (така него го растеле неговите родители). Истиот овој амбициозен политичар јас го прашувам дали знае како се израснува дете кое на почетокот на своите студии останува со една плата во домаќинството од 5 и пол илјади денари заради отпуштање од работа на еден од родителите? Дали господинот знае што значи да земаш само 12 000 денари пензија?