Незадоволство, недоверба и силна критика доминираат во реакциите на граѓаните на ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за мерките на владата за справување со економската криза? што ЦИВИЛ го постави на Фејсбук.
Дискусијата што се разви под објавата открива длабок јаз меѓу официјалните политики и перцепцијата на јавноста. Голем дел од коментарите ја оценуваат владината стратегија како неефикасна, па дури и штетна за животниот стандард на граѓаните.
„Ако мерките подразбираат скок на цените на горивата и храната, тогаш власта има ‘успешни’ мерки“, гласи еден од саркастичните коментари, кој доби значителна поддршка од други корисници.
Други одат чекор понатаму, директно оспорувајќи ја способноста на извршната власт да се справи со кризата:
„Оваа гарнитура не е способна да води држава – ни во нормални услови, а не пак во кризна состојба“, пишува еден граѓанин.
Во дел од реакциите се провлекува и споредба со минатото, при што граѓаните потсетуваат на периоди на недостиг и редици за основни производи. Значителен број од граѓаните сметаат дека мерките не ги таргетираат вистинските проблеми, туку повеќе служат за пополнување на буџетските празнини:
„Предлагаат мерки на штета на обичните граѓани, а во корист на буџетската дупка“, наведува еден од коментаторите.
Критиките се насочени и кон конкретни економски политики, како намалувањето на ДДВ, кое според дел од јавноста не дало очекуван ефект:
„Може да се фалат колку сакаат, ама реалноста е друга – цените секој ден одат нагоре“, пишува друг граѓанин.
Во дел од коментарите се нудат и алтернативни решенија, со повикување на регионални примери:
„Нека се огледаат на Хрватска – намалување на акцизи, таван на цените за основни производи и субвенции за најранливите. Тоа се мерки“, се наведува во една од поопширните реакции.
Сепак, доминантниот тон останува песимистички. Дел од граѓаните сметаат дека институциите не преземаат сериозни чекори за справување со кризата:
„Нема ништо од оваа влада… оставка би била најдобрата мерка“, гласи еден од поконкретните ставови.
Овие реакции ја отсликуваат растечката загриженост кај граѓаните за економската состојба, но и недостигот на доверба во капацитетот на институциите да одговорат на предизвиците. Дискусијата отвора и пошироко прашање – дали постојните политики се доволни за заштита на животниот стандард, или се потребни подлабоки и посистемски интервенции.
ЦИВИЛ им благодари на сите што коментираат на редовното прашање на денот, но повикува и на вклучување со предлози за теми, прашања и активности. Организацијата и редакцијата на медиумската платформа, како и секогаш, ќе вложи напори да им излезе во пресрет на сите предлози.
Подготви: Б. Јордановска














































